verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Oтворeни сомневања за професионалниот капацитет на овој текст

on 23 - 03 - 2015       

03202015-Vecer-Ivona-crop-resize

 

[Рецензија: Овие луѓе сакаат крв и војна]

 

Не е спорно дека новинарите и медиумите можат да заземаат страна, но тоа право оди заедно со обврската да се биде чесен, објективен и точен. Така вели преамбулата на Кодексот на новинарите:

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Текстот што го рецензираме зазема страна, значи си го задржува тоа право, ама ја „отфрла“ одговорноста да биде чесен, објективен и точен. Зошто?

Со насловот и со наднасловот ќе го затвориме кругот на оваа рецензија.

03202015-Vecer-IvonaЛинк до оригиналниот напис: Овие луѓе сакаат крв и војна

Датум и време на објавување: 19.03.2015, 17:46

Датум на рецензирање: 22.03.2015

Рецензент: Зоран Бојаровски

На почетокот за едностраноста и пристрасноста уште во лидот на оваа медиумска содржина во која се истакнува:

„Иако СДСМ сака да се прикаже како сериозна политичка партија, нивното раководство не може да сфати дека патот по кој тргнале, а кој е полн со интриги и измами, е погрешен и пат од кој тешко се враќа, рече Груевски во Спортската сала ’Борис Трајковски’.“

А Кодексот на новинарите, кој било кодекс, вели:

Известувањето од политичките процеси, особено од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти. (Член 14 од Кодексот на новинарите на Македонија).

(Овде напоменуваме дека го користиме Кодексот на новинарите на Здружението на новинарите на Македонија, бидејќи другото здружение нема кодекс.)

Значи, може да се заземе страна, но мора да ѝ дадете простор и на другата страна. На пример, таа едностраност се манифестира и во употребата на експертите. Сите  афирмираат само една страна, а ја обвинуваат другата. Не е можно дека не може да се најде барем еден експерт кој ќе ја избалансира приказната.

Следно што отвора сомневања во однос на професионалниот капацитет на овој текст е контекстуализирањето на изјавите на учесниците во емисијата на една регионална телевизија. Дури и авторката на текстот, не можејќи докрај да ја прикрие пристрасноста и намерата, пред очите на читателите става пример од кој не може да се потврди нејзината теза во афирмацијата на авторот на емисијата дека во Македонија „живее албанско малцинско население и Словени“:

„За Ал Џезаира во Македонија ’живее албанско малцинско население и Словени’.

Тезата ја потврди новинарот Борјан Јовановски кој лично за Ал Џезаира изјави дека во Македонија не живеат Македонци туку Словени: „Голема поделба меѓу македонското население, едни се Словени, а други се антички Македонци, изјави Борјан Јовановски, новинар.

Еве, повелете, вие самите оценете дали Јовановски ја потврдува тезата на авторот на емисијата на „Ал Џезаира“. Тој вели дека македонското население е поделено, а тоа е општата дебата во Македонија за идентитетот на Македонците, која не ја наметнаа новинарите, туку актуелната политичка гарнитура.

Тука нема да навлегуваме во етикетирањето и во стигматизацијата на личностите споменувани во текстот („платеници“), бидејќи ниту тие личности со своите искази даваа повод за да бидат така именувани, ниту, пак, авторката на текстот нуди аргументи за да го потврди тоа. Зашто не може да биде аргумент мантрата за „странски служби“, за нивните „експозитури“ и „извршители“ во земјата. Тоа е многу повеќе измислица, која, според принципите на пропагандата, треба да се повторува постојано додека не стане „вистина“.

Нема аргументи ниту во исказот дека  „СДСМ се насочи единствено кон правење штета на Македонија“, кој продолжува да ја поткрепува својата неаргументираност со дополнителна политичка флоскула во која се вели:

„… водејќи се според девизата колку повеќе штета за Македонија, толку подобро за Македонија. Тие велат (експертите, н.з.) дека доколку СДСМ ја сакаше земјата, нападите ќе беа насочени кон ВМРО-ДПМНЕ, а не кон Македонија и сите нејзини граѓани.“

Простете, ама јас не можам да видам ништо друго од кампањата на СДСМ, освен дека таа е насочена кон носечката владејачка партија, односно кон нејзините врвни функционери поради масовните злоупотреби на нивната политичка позиција што произлегуваат од објавените снимени телефонски комуникации, а за кои ќе следува политичка и судска разврска. Впрочем, кампањата на главната опозициска партија и на нејзината коалиција е именувана „Вистината за Македонија“.

Особено е интересен овој дел на експерите дека СДСМ ги насочила нападите против „сите нејзини граѓани“ (на Македонија, н.з.). Простете уште еднаш што, тука, ќе го приватизирам овој простор, ама јас, на пример, не се чувствувам нападнат.

Можеме да прифатиме дека некои ставови на авторот на емисијата на „Ал Џезаира“ се спорни или не ни се мили за нашите уши, но овој текст што го рецензираме прави еден луп и не спори  со авторот, туку со учесниците во емисијата од Македонија, кои се дрзнале да изнесат политички ставови во емисија на една „арапска“ телевизија која направила „класична антимакедонска пропаганда помогната од СДСМ и СОРОС“.

И тоа е во спротивност со членови од Кодексот на новинарите со членовите 10:

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

и 16:

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Уште една теза во овој текст се мултиплицира од јавните настапи на владејачката партија и се пренесува од едно во друго гласило, кои ги поддржуваат нејзините политики со истите тенденции, да стане вистина. Таа теза е дека „опозицијата сака без програма и проекти да ја преземе власта“.

Тоа не одговара на реалноста, зашто досега никој од опозицијата не застапува такво нешто. Лидерот на најголемата опозициска партија презентира снимки од прислушувани материјали, кои укажуваат дека десетина владини функционери и високи партиски членови ги ставиле под целосна контрола нејзините институции.

Опозицијата смета дека тоа е точно и побара да се расчисти оваа афера и да се дојде до фаза во која ќе се организираат предвремени избори.

Тогаш, кога ќе почне предизборната кампања, може да се зборува дали опозицијата има проекти и програма или нема.

И, пред крајот, за употребата на „изворите“ од опозициската партија, кои на медиумот што ја објавуваа оваа содржина, му откриваат „параноја“, „чуден поглед“, „дезориентираност“ кај лидерот на опозицијата. Еве, и да сакаме да поверуваме во овие квалификации за менталната и за психолошка состојба на опозицискиот лидер, како да се убедиме во тоа? Дали е навистина доволно „дознаваме од нашите извори“? Особено, кога тоа не е видливо во јавните настапи на опозицијата.

Како да веруваме дека „паранојата на опозицискиот лидер е сѐ поголема бидејки меѓународната не му ја даде подршката што ја очекуваше“, кога секој ден сме сведоци за нивната сѐ поголема загриженост од настанатата ситуација.

И да ја затвориме оваа рецензија со насловницата на текстот што го предизвика нашето внимание за да го оцениме од аспект на неговите професионални новинарски стандарди. А, нема да ја заборавиме ниту илустрацијата.

Насловницата, според текстот, произлегува од завршницата на текстот во кој повторно се цитира лидерот на најголемата владејачка партија. Ако тој вели дека „претставата што ја креираат Заев и неговите соработници дека ова е битка за живот или смрт е лажна“, тогаш како може да се изведе наслов каков што има овој текст „Овие луѓе сакаат крв и војна“. Што е сега? Зарем не му веруваме на лидерот? Или, можеби, сугерираме дека овој лидер имплицитно го кажува тоа?

А, илустрацијата на овој текст е есенција на пропагандистичките елементи во текстот што е изведена сосема намерно. Зашто оваа рецензија покажува дека овој текст нема аргументи за тезите што ги изведува, а со тоа ниту има аргументи за една таква застрашувачка и вознемирувачка илустрација.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

делумно

не може да се утврди точноста на наводите

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, анонимни

релевантни, нерелевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

говор на омраза

дискриминира

политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови