Новинарски текст полн со медицински дијагнози
Објавено во Рецензии
on 16 - 06 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Рецензија: Oткако си пратија венец сами на себе, денес со црна пропаганда го погребaа Груевски]
Ова е еден коментаторски текст кој не ги исполнува новинарските стандарди. Тој е полн со навреди и со обвинувања кон одредени личности, без притоа да содржи факти и докази за таквите наводи.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Oткако си пратија венец сами на себе, денес со црна пропаганда го погребaа Груевски
Датум и време на објавување: 10.06.2015
Датум на рецензирање: 12.06.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Последната постапка на опозициските активисти претставува доказ за лудилото во опозицијата и нервозата која владее во опозициските редови. Истите тие денеска продолжија со невкусна пародија во која го погребеа премиерот Груевски, што само покажува за хипокризијата со која се служат и ниските и приземни трикови за да привлечат внимание.“
Авторот на овој текст, кој очигледно бил возбуден од пародијата со погребот на премиерот Никола Груевски, напишал коментаторски текст и притоа заборавил да се потпише. Според тоа, овој напис го крши основното новинарско правило, дека задача на новинарот е да информира, а не анонимно да дава свои коментари. Написот содржи обивнувања за „лудило на опозициски активисти“, а доказ за тоа била пародијата што ја направиле. Никаде во светот пародиите не се сметаат за лудило, освен ако авторот има некаков медицински документ за овие активисти кој докажува дека се „луди“, а заборавил да им го прикаже на читателите.
„Во јавноста е познато е дека Бранко Героски, Сашо Орданоски и Љубомир Фрчкоски му се ментори на Заев, кои со своите налудничави идеи наликува дека стојат и зад ова ново морничаво дело на СДСМ. Од друга страна, Заев со неколку чекори досега јасно покажа дека влече потези врз основа токму на советите на оние кои ја претставуваат најтесната клика на СОРОС.“
Во овој дел од текстот очигледна е целта да се нападнат познати новинарски и професорски имиња, без никакви факти и докази, а притоа се продолжува со лепењето епитети, овојпат, поублажени „налудничави“. „Наликува“ и „тврдиме со сигурност“ се два различни поими, кои и тоа како имаат голема важност за тежината и за вистинитоста на напишаното. Тоа што „наликува“ не е потврдено и не може да се презентира како такво. Уште од самиот почеток на текстот се гледа намерата на авоторот, да се нападнат по секоја цена лидерот на СДСМ, опозициски активисти и критичари на владата.
„Дополнително, со ова се покажува дека Заев нема право на глас во СДСМ . Познавачите сметаат дека поради немањето капацитет и заради тоа што истите тие му ја контролираат цела инфраструктура, невладина и медиумска, го тераат во вакво лудило и без грижа за државата влегуваат во хипокризија.“
Кои се тие познавачи? И каква е оваа каша-попара од пародија, преку Заев и неговото право на глас во партијата, до грижата за државата?
„Со ваквата црна пропаганда на СОРОС, воедно се покажува и дека СДСМ и опозицијата стојат и зад фамозните венци на Борјан Јовановски, со што на површина излегува извитоперениот ум на соросовите активисти кои стојат зад ова морничаво дело. Кон крајот на април, истите активисти фингираа настан со доставување на погребален венец до домот на Борјан Јовановски, целосно измислен настан кој имаше политичка цел.“
Како шлаг на тортата, на крајот и заканите со смрт кон новинарот Борјан Јовановски се превртени во обвинувања дека СДСМ и „Сорос“ му го испратиле венецот за да поентираат политички. Кога Здружението на новинари, МАН и Синдикатот на новинари ги осудија заканите со смрт за нивниот колега и побараа итно расветлување на случајот, тогаш авторот на овој напис не може да се нарече новинар, туку партиски портпарол кој ги пренесува ставовите на владејачката партија и на нејзиниот лидер. Оттука и овој текст не е новинарски, туку повеќе – партиско соопштение.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови