verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Охриѓанецот Љац натепал полицаец пред Влада

on 15 - 03 - 2013       

Класичен пример на напис напишан под доминантно влијание на полициски извори, со евидентно кршење на презумпцијата на невиност и со елементи на стигматизација на главниот лик – криминалец.

(1) Охриѓанецот Љац натепал полицаец пред ВладаЛинк до оригиналниот напис: Охриѓанецот Љац натепал полицаец пред Влада

Датум и време на објавување: 11.03.2013 15:51

Датум на рецензирање: 12.03.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Текстот на Плусинфо за апсењето на охриѓанецот Владимир Рувинов – Љац се темели на факти соопштени од полициски извори, но тешко е да се каже дека тие се целосно точни и веродостојни, од проста причина што не е направен обид (барем непознатиот автор за тоа не сведочи) да се сослуша и другата страна. Обврската тоа да се стори е дотолку поголема што мотив за апсењето, како што сугерира и самиот наслов, е напад врз полицаец. Вообичаено, припадниците на МВР се солидарни со своите колеги и затоа било нужно авторот да претпостави дека постои опасност полицијата јавно да ги менаџира фактите како што нејзе ѝ одговара.

Извори на информации: Веста за апсењето на Рувинов се темели на информација добиена од полицијата. Изворот е релевантен, јасно посочен и тука нема ништо спорно. Она што е спорно е отсуството на другата страна во приказната.

Авторот бил должен да се обиде да ги консултира правниот застапник или најблиските роднини или пријатели на уапсениот, за да се сослуша и неговата верзија на настанот. Доколку имало очевидци и други неутрални извори (логично е да имало, бидејќи настанот се случил пред Владата, на прометно место), требало и од нив да се земат изјави.

При тоа, треба да имаме предвид дека во вакви ситуации вообичаено е тешко да се добијат изјави од засегнатите страни. Можно е да се претпостави дека авторот се обидел да ја слушне другата страна, но не успеал во тоа. Ако така се случило, тогаш во веста и тоа треба да се соопшти. Вака, се остава впечаток дека текстот се потпира на едностран извор.

Содржајност: Анализираната вест не е сеопфатна, од две причини. Едната веќе ја спомнавме – недостасува верзијата на настанот на уапсениот Рувинов. Втората причина е што во овој текст не се спомнува еден друг настан, што му претходел на апсењето. Интересно е дека Плусинфо за тоа известува во друга вест, објавена пред анализираната. Имено, полицијата со потерница го барала Рувинов поради тоа што тој наводно му се заканувал на пратеник (во некои медиуми е објавено и името на пратеникот).

Во таа претходна вест е објавена и уште една значајна информација (иако не најпрецизна), поврзана со ликот на Рувинов и со импактот на приказната. Имено, во таа вест се тврди дека Рувинов бил сопственик на охридскиот хотел „Славија“, кој потоа му го продал на индискиот милијардер Субрата Рој за 5 милиони евра (непрецизноста е во тоа што, колку што ни е познато, Рувинов бил косопственик на спомнатиот хотел).

Нејасно е зошто во втората вест на Плусинфо се пропуштени овие битни, еднаш веќе објавени информации. Веројатно станува збор за пропуст без некаква особена намера за прикривање на информации.

Пристрасност: Од причините кои се наведени, заклучуваме дека постои основано сомневање дека написот не ја прикажува целата вистина за настанот. Не може да се заклучи дека постојат извртување на вистината и лаги, но очигледно постои наклонетост кон верзијата што ја соопштува полицијата.

Вообичаен манир на нашите новинари кои известуваат за настани поврзани со криминал е некритички да се приклонуваат кон информациите што им ги соопштува полицијата. Во овој случај, проблемот е дополнително оптоварен со фактот што припадник на МВР е засегната страна во приказната.

Плагијат: Написот е оригинално дело на автор од редакцијата на Плусинфо и необјавувањето на неговото име е очигледен ненамерен пропуст.

Квалитет на насловот: Проблемот со насловот на овој текст е што тој најдиректно ја „брани“ полициската верзија на настанот. Станува збор за аподиктичен суд и авторот не остава простор за никакви дилеми и недоумици – за него „Охриѓанецот Љац натепал полицаец пред Влада“ и со тоа дебатата е завршена, а судот веќе нема работа.

Фотографија: Илустрирањето на еден ваков настан не е лесна работа. Би било крајно некоректно да се објави фотографија на уапсениот Рувинов. Поради тоа, уредникот избрал една неутрална фотографија (полициски возила), која делумно е соодветна на содржината на текстот (за тоа служи полициската „марица“, нели, за транспорт на приведени лица). Може да се претпостави дека Плусинфо располага со своја архива и дека фотографијата е оригинална, но можело и таа да се потпише.

Говор на омраза: На крајот на текстот е објавена следната реченица:

„Како што информираат од МВР, охриѓанецот ѝ бил познат на полицијата од 1992 година и бил евидентиран во крим-евиденцијата за кривично дело кражба.“

Владо Рувинов Љац навистина е позната личност во Охрид и неговото име често се поврзува со криминал. Но, за да се објави тоа јавно, во контекст на оваа вест, како коректен бекграундер, неопходно било тој да бил осуден за кривични дела и тоа за дела поврзани со актуелниот настан. Од оваа реченица, не е јасно дали Рувинов бил евидентиран за сторени кривични дела за кои бил правосилно осуден, а факт е и тоа дека кривичното дело кражба нема врска со настанот за кој се известува.

МВР ја лиферува, а Плусинфо некритички ја пренесува таа информација, со очигледна намера да се оцрни уапсениот и да се профилира како криминалец. Во таа смисла, таа информација е дискриминаторна за ова лице.

Заклучок: Традиционалните, а сега и новите медиуми, известувајќи за теми поврзани со несреќи, криминал и корупција, вообичаено им даваат кредит на полициско-судските извори. Тоа е така, бидејќи од овие извори, всушност, потекнува морето информации од оваа сфера. За жал, тоа на овие извори им овозможува да ја диктираат агендата, а многу често и аголот на приказните.

Овој пример е само еден од многуте кои покажуваат дека новинарите треба да се обидат да го сменат својот дискурс и секогаш кога е тоа можно и неопходно (во овој случај, тоа е апсолутно неопходно!), своите приказни да ги балансираат на тој начин што официјалните верзии за настаните ќе ги сопостават со верзиите на другите засегнати и на очевидците.

Тоа, се разбира, не е лесно, бидејќи бара отвореност од сите страни, која во Македонија сѐ уште недостасува.

Охриѓанецот Љац натепал полицаец пред Влада


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ