„Фали ме усто…“
Објавено во Рецензии
on 25 - 05 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Наследникот на Мијалков ќе биде избран во вторник]
Овој текст многу наликува на народното „Фали ме усто…“ Навистина, толку комплименти на едно место, ситуацијата дури те тера да се замислиш да не станува збор за некаков си медиумски автопортрет. Како да имаме работа со совршен, без мани човек, а не со македонски политичар од крв и од месо. Сликата за конкретната личност што ни се нуди е толку убава што чиниш дека е домашна „Мона Лиза“.
Линк до оригиналниот напис: Наследникот на Мијалков ќе биде избран во вторник
Датум и време на објавување: 22.05.2015, 14:42
Датум на рецензирање: 24.05.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
Ако се чита само првиот дел од текстот, тогаш проблеми и да нема. Се обработува важна тема – кој ќе биде новиот директор на тајната полиција по оставката на „семоќниот братучед“. Има вест, новина. Медиумот, од свои извори, дознава дека набргу ќе се знае човекот што ќе седне на одговорната позиција, без да прецизира кој би можел да биде решението. Она што е надвор од професионалната рамка е вториот сегмент од написот, во кој имаме фалби, фалби, фалби и пак фалби, фалби… Сосема е нејасна транзицијата меѓу двата дела. Внимавајте, во овој дел од текстот се зборува за констатирање на понудената оставка и за изборот на нов функционер, за во второто парче играта да се префрли на „партиско ниво“ и на „капацитетите на ексшефот на УБК“ во смисла на „теренец“ на ВМРО-ДПМНЕ.
По некоја новинарска логика, а и стандарди, фокусот би требало да се задржи, пред сè, на државната служба и на постигнувањата, но, секако, и на потфрлањата на првиот човек на службата во изминатиот период, за кои и се претпоставува дека доведоа до неговиот пад – процес во кој значителна улога изгледа одигра и меѓународната заедница. Значи, не може само да се редат комплименти за неговите способности како партиски играч и што ќе значи неговото посветување само на ВМРО-ДПМНЕ, а притоа со ниту една реченица да не се опфати деветгодишното „владеење“ на овој човек со УБК, која во неговиот мандат го доби имиџот на „држава во држава“.
Убаво што ние, ете, разбираме дека „Мијалков важи за одличен мотиватор и силен работник на терен“, а ништо за тоа какви биле неговите перформанси на една од најодговорните функции во земјава, платена од сите нас како граѓани на Република Македонија! Како тоа на јавноста „обландирано“ ѝ се нуди дека „со неговата оставка значително се засилија партиските редови во ВМРО-ДПМНЕ“, ама не и фактот дека неговиот глас, некој ќе рече сечен, лепен, монтиран, се слуша во долга низа разговори кои упатуваат на сè, само не на законски и дејства што се во согласност со позицијата што ја имаше. А, не ќе беше лошо да се спомене дека во пакет со неговата „летнаа“ оставки и на уште двајца министри, исто така, дебело фатени во обелоденетите телефонски разговори. Како тоа на читателите овој текст им кажува дека има промени во врвот на безбедносниот систем, дека ќе има нов директор на УБК, ама не и зошто дошло до таков чекор. Неприфатливо од новинарска гледна точка. Во најмала рака, селективност до максимум што, пак, јасно упатува и на силна нота пристрасност. Темата „плаче“ за сериозна новинарска анализа, а не делење комплименти, се извинувам поради употребениот србизам, „шаком и капом“ за моќникот од сенка.
Затоа, ќе кажам дека ова е пример за „фалбаџиско“, а не реално новинарство.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
најверојатно е оригинал, непотпишан
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови