Силни, неколегијални квалификации како од пред гранапче
Објавено во Рецензии
on 10 - 10 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Најголемиот полтрон на СОРОС и СДСМ – Героски најсериозен кандидат за главен уредник на МТВ]
Аман, луѓе, дајте барем некакво основно, минимално ниво на јавна комуникација. Секој за секого може да мисли што сака, без разлика дали е оправдано или не, дали е аргументирано или само производ на личната перцепција и тоа може да се кажува дома, во друштво, пред гранапче, ама секако не и во медиумски текст што претендира да биде информативен.
Линк до оригиналниот напис: Најголемиот полтрон на СОРОС и СДСМ – Героски најсериозен кандидат за главен уредник на МТВ
Датум и време на објавување: 08.10.2015, 12:47
Датум на рецензирање: 09.10.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
КОЈА Е ТАА ЕДИНИЦА МЕРКА ЗА ПОЛТРОНСТВО?!
В рака имаме преземен текст, кај кој прво нешто што „боде очи“ е ултра-несоодветниот наслов кој не робува на професионалните стандарди, туку на, би рекол, нечии исклучиво лични или инструирани сфаќања. Треба многу аргументи и прецизна фактографија за некого да наречеш „најголем полтрон на СОРОС и СДСМ“. Ај што вокабуларот е непристоен и недостоинствен за „новинарско“ четиво, туку и вистинитоста е под знак прашалник зашто нејасно е врз основа на што се изнесени тие силни квалификации. Прашањето е која е таа мерка единица за полтронство?! Гледајте, зборуваме за долгогодишен новинар, со огромен минат стаж, кој минал и сито и решето, од ослободувањето на стегите на еднопартискиот систем преку транзициските времиња и формирање весник, до денешниве „мрачни“ новинарски денови. Веќе реков, може да не го сакате, може да ви пречи, како што е тоа случајот со владејачката номенклатура, ама не може така името јавно да му го валкате и лично да го омаловажувате.
Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката.
Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста – член 15 од Кодексот на новинари.
Овој стандард во конкретниот напис не e испочитуван. Дополнително, насловната конструкција и содржината меѓусебно не кореспондираат до крај – главен уредник на МТВ и главен уредник на информативната програма на МТВ се две различни позиции.
Веста, да повториме, преземена од друг портал, а пренесена од неколку други со слична уредувачка политика, е интересна, но и тука има недостаток – многу наликува на шпекулација, а помалку на кредибилна информација. Не велиме дека името на конкретниот новинар можеби и не се споменало на преговорите меѓу работните групи, но ситуацијата ќе беше попрегледна ако изворите беа попрецизно лоцирани. Плус, можело да му се јават на човекот и да го прашаат дали навистина е точно дека неговото име се врти на партиските разговори, дали бил контактиран од некого и дали би се нафатил на функцијата или не. Секако, официјален став нема ниту од четирите партии што преговараат за прашањата опфатени со Договорот од Пржино. Вака како што е пласирана веста, намерно или случајно, има одредена доза на пристрасност што, нормално, не ѝ дава квалитет.
Конечната оцена е дека се можело многу подобро и, секако, покултурно.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
наводни
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови