Петпарачко четиво за задоволување ниски страсти на политички кругови
Објавено во Рецензии
on 25 - 05 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Најголемиот поддржувач на СДСМ-Фуере, сака во Македонија да има истополови бракови!]
Имаме медиумско оцрнување на поранешен дипломат, акредитиран во земјава, едноставно само поради неговите ставови кои недвосмислено се спротивни на тие на владејачката партија. Во оваа „мисија“, толку многу се измешани работите, што намерно што од незнаење, што е тешко да се пофаќаат конците на приказната која ѝ се „обелоденува“ на јавноста, а која во основа нема каква било вест, новина за да го оправда своето постоење во серија „информативни“ портали. Она што публиката го добива е чисто и неаргументирано плукање на личност која, ако ништо друго, е и ќе остане позната токму поради своите нескриени симпатии кон Македонија.
Линк до оригиналниот напис: Најголемиот поддржувач на СДСМ-Фуере, сака во Македонија да има истополови бракови!
Датум и време на објавување: 21.05.2015, 05:05
Датум на рецензирање: 22.05.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
НЕ СЕ ПРОСТУВА „ГРЕВОТ“ ДРУЖБА СО ОПОЗИЦИЈАТА
Тенденцијата е застрашувачка – од сите пријатели во меѓународната заедница ако може да направиме непријатели. Зошто? Затоа што некои не ѝ се по мерак на власта и затоа што јавно ги кажуваат своите мислења, кои често се на иста линија со главните земји-играчи во НАТО и во ЕУ, за начинот на кој се води државата и за чекорите што се преземаат во актуелната политичка криза.
Редот му дојде и на ексевроамбасадорот, кој долги години работеше во земјава и ја заврши својата кариера токму во Македонија. Тој уште во последниот период од својот мандат ја „расипа дружбата“ со Владата затоа што не криеше дека одредени политики не се во согласност со оние на ЕУ, за која власта, барем декларативно, вели дека е нејзина „стратешка определба“. Значи анимозитет на релација Влада – дипломат постоеше од порано и тој сега само е дополнително зајакнат поради неговата ептен отворена критика за состојбите во Македонија. Поточно, човекот, кој е надвор од европските служби, го поддржа големиот собир што го организираше опозицијата. Тоа беше доволен „смртен грев“ за да почне неговото распнување низ дел од домашните медиуми, притоа целосно заборавајќи го неговиот ангажман за конечната цел – Македонија во ЕУ. Значи, во овој материјал нему му се зема за зло зашто пред неколку години ја критикувал власта дека во законот за антидискриминација не ја вклучила и сексуалната определба. Видете, дали тоа некому му се допаѓало или не, факт е дека станува збор за критериум на Унијата што, пак, е наведено и во самиот текст. Каква глупост, го карате дипломатот затоа што тој ви го кажувал она што е политика на ЕУ, а не негов личен став и дека неисполнувањето на тој критериум може да се одрази негативно во процесот на евроинтеграција. Понатаму, целосно се изместува неговата изјава дека „граѓаните на Ирска (од каде тој потекнува) ќе гласаат на референдум за истополови бракови. Кога граѓаните на Македонија ќе имаат можност да изберат?“, давајќи ѝ контекст дека тој, всушност, притиска за ваков тип заедница и во земјава. Ова не е само класичен спин, туку јасна невистина, бидејќи тој го кажа следното:
„Утре, граѓаните на Ирска ќе имаат право да кажат „да“ или „не“ на референдум за следното прашање: „Бракот може да се склучи според законот меѓу две лица без разлика на нивниот пол.“ Кога граѓаните на Македонија ќе имаат можност да изберат? Всушност, кога македонските граѓани ќе имаат шанса да учествуваат на изборен процес слободен од заплашување и страв како што имаше на минатите избори под актуелниот режим?“
Ова претставува злоупотреба бидејќи тој рефрендум во Ирска, ако убаво се чита неговата изјава, го користи како алузија за да ги опише неколкуте изборни процеси во земјава за кои и ОБСЕ/ОДИХР јасно кажа што мисли и како поминале. Едноставно кажано, нему му се ставаат зборови во уста кои тој не ги кажал. Човекот само прашува кога ќе може во Македонија слободно да се избира помеѓу неколку опции. А односот, како официјалниот, така и на поголем дел од јавноста, за прашањето на правата на ЛГБТ-заедницата е сосема друг сериозен проблем, кој не може туку-така да се нафрла, како што е сторено во конкретниот напис. Нормално, појавувањето на поранешниот дипломат на граѓанскиот собир и неговиот настап некому му дале „идеална шанса“ да удри онаму каде што и сакал, а тоа е врз опозицијата, тенденциозно пишувајќи „Најголемиот поддржувач на СДСМ-Фуере, сака во Македонија да има истополови бракови!“. Кога, барем во дел од медиумите, конечно ќе се разбере дека ако ја критикуваш власта по автоматизам не подразбира и дека си за опозицијата и за нејзините политички и програмски определби. Па, луѓе, има нешто што се вика здрав разум и свесност за граѓански активизам. Не е сè обоено во партиски бои, не е цел свет само црн и бел! Дополнителен „клеветнички“ елемент што само ја дополнува општата слика на непрофесионално, ептен пристрасно и инструирано четиво е коментарот дека:
„Фуере секогаш бил под капата на СОРОС и како сите останати кои земаат пари од касата на Милчин, работеше против македонските интереси.“
Како тоа високопозициониран дипломат во европските служби бил истовремено и под капата на Сорос? ЕУ – меѓународна организација, Сорос – фондација?! Разликата е како небо и земја. Еве, ако и бил, каде се аргументите за таквото тврдење? Јасно, ги нема.
ПАКОСЕН МАТЕРИЈАЛ
Секако, не треба да се заборави селективноста – во текстот се вели дека во 2010 година Фуере го презентирал извештајот на ЕК за Македонија во кој никаде не се споменувала придавката „македонски“ и тоа е знак дека тој работел против националните интереси на земјава. Елементарно непознавање – врз основа на информациите на евроамбасадорот и неговиот тим се фомрира извештајот на ЕК, но тој се финализира и официјализира во Брисел, каде му се дава и политичката нота. А, зошто не ни е кажано дека во годините пред 2010, кога Фуере беше ЕУ-амбасадор во земјава, во европските извештаи стоеше „Македонци и македонски“. Плус, тој кога и да можеше и му дозволуваше позицијата, сепак Грција е членка на ЕУ, го користеше терминот „Македонци“ во јавните настапи. Знаеше и да пофали што е сработено, но кога ја заостри реториката кон Владата, доби и медиумски катиљ-ферман од „експерти“ блиски до владејачката партија.
Конечно, ова е пакосен материјал, создаван на едно место, па потоа дистрибуиран до „одредени медиуми“ со многу вонконтекстуални елементи, мешање лончиња, „заборавање“ клучни факти и важни ситуации, дискредитирачки коментари и никакви аргументи и извори. Кусо, петпарачко четиво за задоволување ниски страсти на политички кругови.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
делумно
не може да се утврди точноста на наводите
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
анонимни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
во еден дел да
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови