Рецензија: Најавите за поројни дождови ги кренаа надлежните на нозе
Објавено во Рецензии
on 12 - 03 - 2013 Автор: Љубомир Костовски.
„Вреќи со песок ќе се доставуваат до кризните региони, а се апелира и за расчистување на малите канали со цел да се намалат ризиците од поплави. Надлежните институции ги започнаа подготовките за справување со поплави до кои може да дојде доколку се остварат прогнозите на метеоролозите за поројни дождови во наредните неколку дена.“
Оваа активност нема никакви врски со евентуалните поплави, бидејќи, другите надлежни органи се немаат пројавено, но има со локалните избори, бидејќи ја подигнува тензијата и по автоматизам прави атмосфера од неопходност на присуство на „силна држава“, со што се нагласува потребата од поврзување на локалните потреби со централната власт.
Со оглед на тоа што се знае кој ја држи централната власт, потребата да победи ликот на оние кандидати кои ја имаат партиската поддршка на централната власт е логична! Ова е еден вид прикриена пропаганда за власта.
Линк до оригиналниот напис: Најавите за поројни дождови ги кренаа надлежните на нозе
Датум и време на објавување: 12.03.2013, 12:24:28
Датум на рецензирање: 12.03.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост на факти: Тезата дека ќе има поплави и дека се подигнува состојбата на мобилност на надлежните кризни органи не е поврзана со ниту една изјава на надлежна метеоролошка служба. Проверките на сателитските канали не потврдуваат изобилни врнежи во наредните денови, а дел од оние кои ќе паднат во пониските делови ќе бидат во форма на снег (сабота), а ќе има и ниски температури, со што влагата и врнежите нема да одат бргу во речни текови.
Да биде апсурдот поголем на метеоролошката мапа за времето во наредните денови што го објавува Нетпрес на својот сајт (foreca.com) стои дека во среда, следниот ден, нема да има некои значајни врнежи, во четврток ќе ги има, но во петок пак ќе ги нема, додека во сабота ќе падне снег, а температурите ќе паднат под нулата и во пониските делови. Со тоа отпаѓа можноста од драматично топење на снегот на високите делови и од значајни приливи на вода во реките.
Извори на информации: Авторот на текстот (веста е агенциска) се повикува на соопштение на ЦУК (Центарот за управување со кризи) кој сам по себе е далеку од доволен да ја одржи тезата за алармот од поплави. Нема одговори на тоа кои води се надојдени, каде може да има прелевања, колку врнежи би паднале, дали температурите би биле високи. Веста се задржува на општа оценка и географски недефинирана област.
Содржајност: Веста по својот севкупен формат е ставена во функција на „црвен аларм“, а се потпира на едно крајно недефинирано соопштение на ЦУК. Нема обиди ниту со дополнителни текстови на таа тема од страна на агенцијата да се исправат шуплините во информацијата.
Пристрасност: Написот говори дека надлежните се кренале на нозе и тоа создава слика дека се преземаат некакви сериозни плански и оперативни подготовки и активности на терен. Од написот е видливо дека се работи само за евентуално доставување вреќи со песок на места каде тоа ќе биде потребно. Значи не се дефинирани тие простори, бидејќи ако се предвидуваат поплави, на тие места веќе треба да има песок и секако да се преземат други, дополнителни активности кои би го спречиле најлошото. Но, од веста произлегува дека е поважно да се говори за активности отколку тие да се опишат или верификуваат.
Плагијат: Агенциската вест е наведена во текстот на Нетпрес.
Квалитет на насловот: Насловот е јасен и сензационалистички, во форма која секако бара степен на креативност. Тој е сликовит и треба да го задржи вниманието на самиот наслов, бидејќи од понатамошниот текст не се откриваат вистинските причини за паниката.
Фотографија: Заедно со насловот, фотографијата настојува да биде фронтменска – да го концентрира вниманието на читателот на формата, а не на суштината. Таа е панична, бидејќи, без да постои легенда за тоа каде е снимена, дали е локална или е општа, се однесува ли на некоја поранешна поплава или е поплава во друга земја, но создава илузија дека поплавата веќе е почната и дека водата ни е пред вратата.
Заклучок: Опасноста од поплава беше предимензионирана и во еден миг успеа да заврти кон себе дел од вниманието на јавноста, среде предизборната кампања, сосема без потреба. Ниту еден поединец или група засега нема добиена конкретна помош за одбрана од поплава!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).