Kрајно политички пристрасен и етикетирачки текст
Објавено во Рецензии
on 21 - 04 - 2015 Автор: Ана Анастасовска[Рецензија: Математиката корисна за развојот на младите, пленумот го злоупотребува постигнатиот договор]
Ова е еден крајно политички пристрасен и етикетирачки текст кој има цел да го минира дејствувањето, односно бојкотот на „Средношколски пленум“ и неговата борба за реформи во образованието, што на средношколците им е законски загарантирано право. Тоа можеше веднаш да се види и од првичниот наслов на текстот: „Средношколскиот пленум е нелигитимен претставник кој протестира со политичка позадина“.
Подоцна, не знаеме од кои причини, насловот е сменет во „Математиката корисна за развојот на младите, пленумот го злоупотребува постигнатиот договор“.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Математиката корисна за развојот на младите, пленумот го злоупотребува постигнатиот договор
Датум и време на објавување: 08.04.2015
Датум на рецензирање: 18.04.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Бојкотот на наставата е штетен за сите, а зад истиот се повеќе јасно е дека стојат политички мотиви кои се изразени преку организатор најновов во низата пленуми-средношколскиот пленум.“
Уште на почетокот од текстот, авторот се обидува да го обезличи бојкотот на средношколците, претставувајќи го како штетен и политички мотивиран. За кого е штетен овој бојкот? За учениците кои се борат за подобри услови во своето образование? Секако, не! И од каде тврдењето дека децата се политички мотивирани? Па, не ги видовме учениците да се впуштаат во политичка кампања, а и користењето на малолетници во политика е злоупотреба и противзаконско.
„Станува очигледно дека средношколскиот пленум е продолжена рака на СДСМ, како и различните пленуми кои се појавија досега- студентски, наставнички, професорскиот и граѓанскиот на Стојанче Ангелов. Сите овие пленуми имаат функција да направат проблем по секоја цена и да мобилизираат било каква критичка маса во земјава.“
Крајно непрофесионално за еден новинар е да дава квалификации, без притоа да има цврсти докази за тоа. Очигледно, целта на авторот е сите протести во земјава и нивните организатори да ги поистовети со СДСМ по секоја цена. Згора на тоа, да се тврди дека истите тие „по секоја цена“ правеле проблеми, не личи на речник на професионален новинар, туку на некој политичар кој сака да го оцрни својот опонент. Според логиката на искажаното во овој напис, секој кој мисли поинаку од власта, односно секоја критичка маса во државава е производ на опозицијата. Иако СДСМ како партија не излезе јавно да каже дека стои зад кој било од овие пленуми. Ова е еден опасен спин кој и тоа како ја извртува реалноста.
„Дека зад актуелниот бојкот стојат политички мотиви, а не рационални и издржани причини, јасно се гледа и во апсурдниот факт што токму ученици од Средношколскиот пленум бојкотираат во математички гимназии, за да не полагаат предмет кој сами избрале да го учат.“
Авторот на текстот, во овој дел, заборавил да спомне дека „Средношколски пленум“ не се бори само за тоа математиката да не биде задолжителен предмет кој ќе се полага како дел од матурскиот испит, туку и дека се бори за укинување на екстерното тестирање. Доволно ќе било да отишол на официјалната фејсбук-страница на „Средношколски пленум“ и ќе му станело јасно за мотивите на бојкотот на средношколците.
Прекршен е основниот принцип на однесување наведен во Кодексот на новинари:
Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија. Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
Тоа, очигледно, не можевме да го видиме во овој напис.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови