Рецензија: Македонските археолози ја открија Билазора – најстариот град на Балканот
Објавено во Рецензии
on 12 - 09 - 2013 Автор: Тони ДимковОбјавениот текст повеќе прикрива отколку што открива нови факти и податоци. Содржината на текстот има суштински конфликт со насловот. Очигледен е обидот одново да се направи сензација со тема која, исто така, сензационално e третирана и пред пет години. Актуелните откритија наведуваат на сознание дека истражувањата сѐ уште се во рана фаза, а веќе се пласираат епохални откритија во глобални рамки, во прилог на античките корени на македонската нација.
Линк до оригиналниот напис: Македонските археолози ја открија Билазора – најстариот град на Балканот
Датум и време на објавување: 12.07.2013
Датум на рецензирање: 10.09.2013
Рецензент: Тони Димков
Вистинитост: Фактите во текстот се базирани на претпоставки, кои со текот на истражувањата ќе треба да се докажат низ научната методологија. Основниот проблем со текстот е што пред да биде направена целосна анализа на откриените наоди се пласираат тези за финалните заклучоци. Вистинитоста на откритието треба да биде ставено на увид и за меѓународна верификација, а не да остане само за локална употреба.
Извори на информации: Релевантноста на изворот користен за подготовка на текстот не е спорна. Станува збор за стручно лице со богато искуство во областа на археологијата. Останува отворено прашањето зошто не биле консултирани и други извори или извештаи на стручни лица, кои работеле на истражување на истиот локалитет.
Содржајност: Според светската листа на најстари градови на европско тло, првите четири места ги заземаат Аргос, Атина, Микена и Пловдив. Основањето на овие градови е датирано во периодот помеѓу петтиот и третиот милениум пред нашата ера.
Од друга страна, пак, во текстот се користат класификации како „првиот, најстариот и најголемиот град, вистински урбан центар во внатрешноста на Балканот надвор од хеленскиот свет“. Останува непознато на кој начин градот Билазора, датиран помеѓу петтиот и четвртиот век пред нашата ера, би бил најстар на Балканот.
Исто така, во текстот не е нагласено дека претпоставките за градот Билазора (или Вилазора) потекнуваат од 1976 година, додека истражувањата на актуелниот локалитет се започнати во 2008 година. Соговорникот може, но не е должен да ги открие сите податоци од предисторијата на истражувањето, додека новинарот треба подготвено да влезе во темата што ја обработува.
Пристрасност: Едноставно, новинарот бил поведен од епохалноста на откритието и верно ги пренел изјавите на соговорникот без да ја прошири темата на текстот. Во текстот нема класично извртување на вистината, туку затскривање на поцелосната вистина. Целта на написот е засилување на локал-патриотските чувства со трагање по античките корени на нацијата.
Квалитет на насловот: Насловот ги нагласува тезите кои во текстот се поставени со ограда од соговорникот. Со намера да се стигне до поголема сензација, при креирањето на насловот не се земени предвид класификациите „во внатрешноста на Балканот“ и „надвор од хеленскиот свет“. Исто така, од насловот се добива впечаток дека станува збор за актуелно откритие, а не за нешто што се истражува веќе пет години. Од тие причини насловот со желбата за сензација, всушност, дезинформира.
Фотографија: Текстот е проследен со повеќе авторизирани фотографии кои соодветно ја прикажуваат состојбата на теренот.
Заклучок: Територијата на Република Македонија лежи врз стотици археолошки локалитети кои се откриени, или чекаат да бидат откриени. Како дел од светското културно наследство, кон истражувањата на локалитетите треба да се пристапи со научна методологија, а не со цел да се предизвикуваат сензации. Особено не ако таквите сензации имаат само внатрешна и локал-патриотска употреба, што е случај со овој напис.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
друга пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен автор, наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови