Од лоша „пластична хирургија“ на официјалната верзија до опасно четиво
Објавено во Рецензии
on 27 - 04 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Македонија жртва на СДСМ и Сорос со истото дестабилизирачко сценарио како и во 2001 година]
Ова е, би го нарекол, има-нема текст. Заклучоци има, извори за таквите заклучоци нема, сериозни обвинувања има, аргументи за таквите обвинувања нема, политичко-партиски обоени коментари има, објективност нема, пристрасност има, повик за некаква си борба има, професионалност нема.
Линк до оригиналниот напис: Македонија жртва на СДСМ и Сорос со истото дестабилизирачко сценарио како и во 2001 година
Датум и време на објавување: 21.04.2015, 14:09
Датум на рецензирање: 23.04.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
ЛОША „ПЛАСТИЧНА ХИРУРГИЈА“ НА ОФИЦИЈАЛНАТА ВЕРЗИЈА НА НАСТАНОТ
Се справуваме со страшно опасно четиво, чија суштинска компонента – вистинитоста е толку многу извитоперена и спинувана што реалните настани, барем оние според информациите на МВР, се деформирани до непрепознатливост. Материјалот наликува на оние пластични операции во кои нешто навистина тргнало лошо и конечниот производ е лик кој нема врска ниту со постојниот, ниту со желбата на пациентот како би сакал да изгледа. Да тргнеме со ред: полицијата соопштува за инцидент – напад врз полициската станица во селото Гошинце во кој, за среќа, немало жртви, четворица полицајци се заробени, а потоа ослободени со предупредување повеќе да не се враќаат. Сторителите биле униформирани и маскирани лица со ознаки на ОНА, кои зборувале на лош македонски јазик и употребувале србизми. Ова е официјалната верзија пласирана од, пак да повториме, МВР. Е сега, некој ја зел вака објавената приказна и на неа, на екстремно неновинарски и непрофесионален начин, диво си накалемил тоа што му лежело на душа или тоа што некој му го нарачал. Имено, содржината изобилува со исклучително тврди обвинувања дека настанот во Гошинце е дел од „дестбализирачко сценарио на СДСМ и Сорос исто како во 2001 година“. За вакво нешто да се тврди, секако при здрав „новинарски“ ум, потребни се ептен јаки докази, информации, податоци, кредибилни извори. Ги има ли? – Одговорот е јасен, не!!! Значи, опозицијата ем е осомничена, ем е обвинета, ем е осудена и останува уште да се изврши пресудата против неа. А, аргументите, од професионална гледна точка, изгледа не се важни. Внимавајте, имаме дрскост, во негативна смисла, која оди до крајни граници. Еве, и да нагаѓаме дека е така, дека „СДСМ и озлогласената Сорос фондација“ стојат зад инцидентот, прашањето е како тоа би можеле јавно да го кажеме ако немаме цврсти факти. Не може сè да се темели на општи формулации, би рекле веќе познати, кои некого, според ќеф и расположение, бележат и распнуваат како антидржавен елемент:
„Она што уште пред три месеци го истакнуваа македонската влада, медиумите, аналитичарите и експертите, односно дека станува збор за добро осмислен обид за дестабилизација на Македонија, со сесрдно логистичко учество на домашни елементи пред се’ олицетворени во претседателот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, придружуван од тесната клика од своето партиско раководство околу него, како и предавничката Соросова фондација, денеска за жал почна да се остварува.“
За каква вистинитост тука зборуваме?! – Па, овде не само што нема вистинитост, овде нема новинарство.
НАЈАВА ЗА ПРЕМИН ОД ПАРТИСКА НА ФИЗИЧКА ПРЕСМЕТКА?!
Катастрофата е уште поголема ако се забележат одредени употребени зборови кои недвосмислено во себе носат доза на омраза и, би рекол, повик за пресметка. Само неколку примери: „тесна клика, предавничка фондација, мрачен лик, сценарио, повикување на конфликтност, специјална војна, хушкање, дестабилизација, лица болни за власт, одговор од граѓаните, битка“…. Класични памфлет-конструкции карактеристични за држави со низок степен на политичка култура и на демократски принципи, каде често партиската преминува во физичка пресметка. Од содржински аспект, некому можеби би му се фатиле за око конспиративните, ама неиздржани тези пласирани во овој производ, особено со паралелата од 2001 година која, нели е, како што тука се тврди, „дело на СДСМ“. Пак, тоа се базира само врз од ракав фрлени тврдења за некакви соработки со странски служби пласирани преку „креирани, лепени, прелепувани, монтирани материјали и контекст кој тој лично им го даваше, а кој воопшто не беше вистинит и реален контекст“. За потсетување, дел од тие прислушувани разговори некои од инволвираните веќе ги потврдија како автентични, а и самиот премиер, нели, кажа дека нешто е точно, нешто делумно, а нешто не. Паралелно, не треба да се заобиколи опасниот карактер на текстот, кој недвосмислено упатува на некакво расчистување со тие „предавници и квинслинзи“, вокабулар кој не доликува на партиски настап, а камоли на еден медиум. Мислам дека веќе јасно навестивме дека имаме работа со исклучително едностран и политички обоен напис, своевиден манифест за идните чекори, колку тие и да се застрашувачки. Бројните коментаторски интервенции, кои мораме да ги пренесеме не поради нивниот квалитет, туку поради пораката што ја носат, само го бетонираат таквиот впечаток:
„Исто сценарио, два пати НЕ БИВА! Граѓаните го имаат добро прочитано ова сценарио и нема да дозволат да им се повтори, особено НЕ сега кога имаме економско придвижување, отворањето на новите фабрики, подобрувањето на можностите во секоја сфера и отворањето на новите работни места.“
„Ваква работа, со дестабилизација, на никого не му е потребна, освен на тесен круг на лица болни за власт, а предводени од Заев, Црвенковски и од Милчин!“
„Ќе добијат одговор од граѓаните.
Бо битката на тесната клика на опозицијата против народот Македонија, ќе победат граѓаните на Македонија.“
Тоа што стои во текстот е сумирано во насловот „Македонија жртва на СДСМ и Сорос со истото дестабилизирачко сценарио како и во 2001 година“. Но, тоа што насловната конструкција кореспондира со содржината не значи и дека е кавлитетно срочена. Напротив, станува збор за сензационалстички и тенденциозно скорена реченица, која не само што не информира, туку ја заблудува јавноста.
Конечно, ова е опасно четиво, преполно со шпекулации, неоправдано издигнати на ниво на силни тврдења, создадено по партиско-политичка директива, заедно со останатите безмалку идентични оркестрирани текстови објавени на низа братски портали, кое не случајно се појавува во ваков чувствителен момент.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
не за главните тези кои се суштина на текстот
анонимни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
во одредени сегменти навредливиот преминува во говор на омраза
можеби
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови