Рецензија: „Ќе биде најверојатно граѓанска војна“
Објавено во Рецензии
on 16 - 03 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
„Поттикнување страв и нетрпеливост“. Вака наш читател гледа на овој текст, особено на насловот. Но, она што, всушност, може да се заклучи од текстот е дека тој е политички манипулативен, со тенденција да се надоврзе на тезата на владејачката партија, дека опозицијата сака да предизвика граѓанска војна во Македонија. Она што е спорно, е дека ваквиот заклучок се вади од материјали од истрагата за случајот „Пуч“, за кои сè уште не е утврдено во судска постапка дали се веродостојни или не.
Линкуван наслов на анализираниот напис: „Ќе биде најверојатно граѓанска војна“
Датум и време на објавување: 05.03.2015
Датум на рецензирање: 16.03.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Шест илјади пораки и материјал од над 300 страници е резултатот на пробиениот „Скајп“ на осомничениот во случајот „Пуч“ Зоран Верушевски и неговата комуникација со петтоосмничениот во случајот Ѓ.Л.
Kомуникацијата, според извори во истрагата, содржи интересни елементи.“
Авторот на овој текст пренесува содржина од материјали кои сè уште се во процес на истрага и од нив извлекува заклучок, што е недозволиво за еден професионален новинарски текст. Материјалите сè уште не се влезени во судска постапка и не е утврдена нивната веродостојност. Според тоа, не може да се тврди дека тие се вистинити и, плус, од нив да се изведуваат заклучоци, во овој случај манипулативни, за да се поттикне страв кај јавноста.
Кодексот на новинари јасно пропишува дека:
Начинот на информирање во случаи на судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.
Текстот, очигледно, ја поддржува тезата на владеjачката ВМРО-ДПМНЕ, дека опозицијата, на чело со Заев, сака да предизвика граѓанска војна во Македонија. Премиерот Никола Груевски ваквата теза ја посочи и на трибината што се одржа во СЦ „Борис Трајковски“. Тој порача дека „Веќе на сите им е јасно што се случува и кој е таргетот на оваа канонада. Лицето Зоран Заев очигледно е директно инволвиран во активности кои имаат за цел дестабилизација на државата“.
„Ова е само дел до комуникацијата меѓу овие двајца. Истрагата има уште многу за проучување, а деловите од оваа комуникација што говорат за „граѓанска војна“ се мошне индикативни за тоа за што, всушност, станувало збор во овој случај. Сепак, истрагата ѝ должи на јавноста уште многу одговори.“
Она што е индикативно е дека авторот на овој текст, со самиот наслов, ја поттикнува идејата за граѓанска војна и со самото тоа шири страв кај јавноста. Манипулира со читателите, иако за тоа нема никаква потврда, цврсти докази или факти. Никој со сигурност досега не кажал дали овие материјали од истрагата, кои не сакајќи протекоа во дел од медиумите, се вистинити.
Тезата, пак, дека опозицијата сака граѓанска војна, паѓа во вода имајќи ги предвид изјавите на дел од челниците на СДСМ. Имено, лидерот на партијата, Зоран Заев, во своето обраќање во „Универзална сала“, јасно порача:
„Да не помислат да прават раздор меѓу луѓето. Да не помислат да прават немири. Да не помислат да се закануваат и да уценуваат. Да не помислат на црните сценарија што им се вртат во главите, да ја дестабилизираат државата! Дестабилизација на Република Македонија нема да дозволиме!“
Точно е дека „истрагата и должи на јавноста уште многу одговори“, но точно е и дека авторот на текстот им должи одговори на читателите, „која е вистината?“.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
релевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови