Рецензија: Јанкулоска натажена, Ставрески налутен на владината седница по обелоденувањето на аферата со прислушкувањето
Објавено во Рецензии
on 16 - 02 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
Овој текст е типичен пример за тоа како новинарите објавуваат непроверени и неточни информации. Или, пак, новинарот ја измислил веста, злоупотребувајќи го уставно загарантираното право да го заштити својот извор, односно правото да користи анонимни извори во написот. Желбата да се биде атрактивен и да се собере читаност превладеала над фактите и над вистината, што е недозволиво во професионалното новинарство.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Јанкулоска натажена, Ставрески налутен на владината седница по обелоденувањето на аферата со прислушкувањето
Датум и време на објавување: 10.02.2015, 23:43
Датум на рецензирање: 12.02.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Премиерот Груевски вчера во попладневните часови свикал седница со министрите од неговиот кабинет, велат извори на Либертас од владата.“
Настанот опишан во овој текст се одвива во попладневните часови од понеделникот (9 февруари 2015 година), денот кога опозицискиот лидер, Зоран Заев, на прес-конференција ги објави „бомбите“ со прислушувањето. Меѓу презентираните прислушувани разговори беше и разговорот меѓу министерот за финансии, Зоран Ставрески, и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
„Нашиот извор тврди дека Ставрески молчел и бил видно нерасположен а Јанкулоска имала натажена фаца.“
Иако авторот на текстот користи анонимни извори, не може да се каже дека веста не е вистинита. Но, сепак, информацијата дека министерот Зоран Ставрески бил присутен на седницата и бил видно нерасположен е невистинита. Тоа може да се заклучи од вест објавена на истиот портал, истиот ден, неколку часа порано. Имено, порталот, во 18:55 часот објавил вест дека Ставрески претходниот ден, односно во понеделникот, (9 февруари 2015 година), бил во Лондон, каде остварил средби со претставници на бизнис-заедницата. Веста може да се погледне на следниот линк.
Ако порталот прво објавил вест дека министерот бил во Лондон, а неколку часа подоцна објави вест дека министерот бил на владина седница, се мисли на истиот ден, логички е да се наметне прашањето, дали Ставрески успеал да се телепортира? Јасно е дека физички е невозможно некој да биде присутен во исто време и во ист ден на две места, во случајов, Скопје и Лондон.
Оттаму веста за присуството на Ставрески на владина седница и за неговото расположение паѓа во вода. Според тоа, читателот лесно може да заклучи и дека владина седница воопшто, можеби, не се одржала и дека целиот текст или е плод на бујната имагинација на авторот или на неточни информации од анонимни извори кои авторот не ги проверил пред да ги објави.
Кодексот на новинари пропишува дека новинарот секогаш ќе објавува точни, прецизни и проверени информации. Факт е дека овој текст е атрактивен, меѓутоа дел од информациите пренесени во него се неточни.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови