Рецензија: Груевски сепак не попушти – техничка влада нема да има
Објавено во Рецензии
on 6 - 02 - 2015 Автор: Владо Ѓорчев
Овој текст е ставен во рубрика „Политика“, а има по малку колумнистички или коментаторски пристап. Сето тоа што е образложено, пак, во шестте точки, не е потврдено, ниту е посочен изворот. Написот без поголема анализа ги става на прво место партиските интереси, притоа пласирајќи тези кои треба да ги земеме здраво за готово.
Линк до оригиналниот напис: Груевски сепак не попушти – техничка влада нема да има
Датум и време на објавување: 03.02.2015, 10:42
Датум на рецензирање: 04.02.2015
Рецензент: Владо Ѓорчев
НЕМА ИЗВОР
Уште од насловот се провлекуваат факти за кои нема доволно потврдни елементи. Тој сака да сугерира дека со „техничка влада“ е завршено и на пократок и на подолг период. Притоа нема извор кој тоа го тврди, ниту, пак, има други елементи со кои би се потврдила вистинитоста. Дури не е наведено ниту дали е оваа констатација добиена неофицијално, од анонимен извор, фејсбук-статус или слично. Затоа и не може да се потврди веродостојноста, посебно во недостиг на официјален став од кабинетот на премиерот на државата. Портпароли има во секоја институција (иако во Македонија релацијата новинар – портпарол тешко функционира) кои би требало да одговорат на поставено прашање. Така, барем, текстот би имал оправдување за оваа теза, иако одговорот може да биде и негативен.
Во поголем дел од написот не се почитува ниту презумцијата на невиност, користејќи:
„Со посредство на странска служба добила еден и пол милион прислушкувани разговори.
Непобитен факт е дека постојат 1,5 милони снимани телефонски разговори, непобитен факт е дека некоја странска служба за само нејзе познати цели прислушкувала Политичари, Бизнисмени, Новинари, Лекари, Професори, Земјоделци, Работници, Студенти и Средношколци.“
Како може да има непобитен факт кога предметот сѐ уште се процесуира во Јавното обвинителство.
ПРЕЗУМЦИЈА НА НЕВИНОСТ
Од осомничен, поради тоа што предметот сѐ уште (до затворањето на оваа рецензија) е на разгледување во обвинителството, лидерот на опозициската партија е прогласен за обвинет, па дури и се сугерира на некаква акција, без оглед на тоа што во овој случај се работи за реторичко прашање: сега се поставува прашањето, што треба да направи оваа група на македонски граѓани за возврат на тие странски служби за овие милиони фајлови.
И подолу текстот разработува детали од истрагата кои сѐ уште не се официјално познати:
„Непобитен факт е дека постојат 1,5 милони снимани телефонски разговори, непобитен факт е дека некоја странска служба за само нејзе познати цели прислушкувала Политичари, Бизнисмени, Новинари, Лекари, Професори, Земјоделци, Работници, Студенти и Средношколци.“
Податокот дека има 1,5 милион снимени телефонски разговори лебди во воздух затоа што од почетокот на акцијата, па досега се појавија повеќе шпекулации околу оваа бројка. На почетокот беа стотици, потоа пораснаа на илјадници, па на еден милион, за во овој текст да се лицитира со 1,5 милион снимени телефонски разговор. Засега, барем официјално, сѐ уште нема точен број, а тоа го кажа и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во изјава за медиумите, во која вели дека нема точна бројка затоа што сѐ уште материјалите се испитуваат.
Текстот до крајот се расфрла со тези за кои нема поткрепа, нема извор, нема факти, или фактите стојат на тенка жица. Затоа може да се заклучи дека ова е напис кој има само ЕПП-функција во интерес на политиките на владејачката структура. Тој не консултирал ниту еден извор, нема ниту една изјава, нема ниту еден запис, документ или некој елемент со кој би можело да се потврди вистинитоста. Притоа, тој е селективен, необјективен и несодржаен. Нема критички осврт на настаните. Ова е текст со слабости и со пропусти, направен во политички цели, кој повеќе личи на соопштение од партија отколку на новинарски производ.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови