Селективен текст кој го премолчува скандалот со едночасовното доцнење на премиерот
Објавено во Рецензии
on 17 - 10 - 2015 Автор: Оливера Војновска
[Рецензија: Грижата продолжува: Нов објект за децата со оштетен вид во Кисела Вода]
Овој селективен текст го премолчува скандалот со едночасовното доцнење на премиерот и не кажува дека американскиот амбасадор, по 45 минути трпеливо чекање, церемонијата за новите простории во училиштетото „Димитар Влахов“ ја почнал сам со министерот за образование.
Исто така, иако реновирањето на училиштето за деца со оштетен вид е американска донација, тоа е искористено за фалење на Владата и на премиерот, дека се посветени во решавањето на проблемите на овие лица. Така што, излегува дека власта се кити со туѓо перје!
Линк до оригиналниот напис: Грижата продолжува: Нов објект за децата со оштетен вид во Кисела Вода
Датум и време на објавување: 15.10.2015, 14:04
Датум на рецензирање: 16.10.2015
Рецензент: Оливера Војновска
ПРЕМОЛЧЕН СКАНДАЛ
Од написот што го рецензираме, читателите не можат да разберат дека на свеченоста во училиштето „Димитар Влахов“ премиерот го оставил амбасадорот Џес Бејли да чека еден час и пет минуити и дека прославата почнала без него.
Како што пренесоа медиумите, амбасадорот Бејли имал трпение да го чека премиерот 45 минути за заеднички да ги отворат новите простории на училиштето. А, потоа решил со министерот за образование Адеми да влезат и да ги поздрават учениците, кои заедно со стотина граѓани и родители чекале да почне свеченоста. Интересно е тоа што, министерот Адеми, поздравувајќи ги присутните, се извинил во име на премиерот дека тој
„од итни и оправдани причини не е во можност да присуствува на настанот.“ (од 0,57 со 1,08 минута од видеозаписот)
Но, на крајот од церемонијата премиерот, сепак, пристигнал.
И ФОТОГРАФИЈА ОД ПРЕМИЕРОТ!
Текстот има прецизни извори на информации и точно ги пренесува изјавите. Меѓутоа, тој е селективен и е пишуван во агитроповски манир. Наместо да ја долови атмосферата и да ја прикаже вистинската слика од настанот, ја воздигнува власта. Фалбаџискиот тон се забележува со изборот на самиот наслов, кој испраќа порака дека Владата е грижлива за оваа ранлива категорија граѓани.
Написот дава огромен простор на изјавата на премиерот, во која тој ги реди проектите на Владата (од 2007 година наваму) за подобрување на положбата на слепите лица:
„…набавка на 400 аудио книги, изградба на дактилни патеки, воведување софтверско решение од исклучителна важност за работа со компјутери на слепите лица и правото на додаток за слепило од 7.000 денари…
Во сите овие години субвенционирано е вработувањето на над 2.500 лица по оваа програма, која ќе продолжи во иднина…
…Изминатиот период е објавен и оглас за вработување на 300 лица со инвалидност и во моментов во тек е постапката за нивно распоредување по институции…“
Во таков воспевачки дух е и фрагментот од изјавата на министерот Адеми:
„Министерството за образование и наука, Владата и другите надлежни институции, системски работат на подобрување на животот на сите луѓе со попреченост во нашата земја.“
Паѓа в очи и тоа што текстот е илустриран со фотографија – портрет на Груевски, иако е логично да биде прикажана илустрација од новите простории на училиштето.
Така што, гледано во целина, онака како што е скроен и пласиран написот, тој наликува на внимателно спакувана политичко-пропагндна содржина.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови