Рецензија: Грција чувствува меѓународен притисок во врска со нејзината политика кон Македонија
Објавено во Рецензии
on 18 - 04 - 2013 Автор: AdministratorНедоволно јасното лоцирање на изворите на информации и непрецизното атрибуирање ја намалуваат веродостојноста на новинарскиот напис.
Линк до оригиналниот напис: Грција чувствува меѓународен притисок во врска со нејзината политика кон Македонија
Датум и време на објавување: 18.04.2013, 08:36:26
Датум на рецензирање: 18.04.2013
Рецензент: Биљана Илиќ
Вистинитост на факти: Како што е вообичаено за написи со ваква содржина, кои се однесуваат на тајните дипломатски активности поврзани со чувствителниот спор за името, се изнесуваат наводи, чија точност е тешко да се утврди.
Веродостојноста на напишаното се проценува врз основа на перцепцијата за влијанието и угледот на медиумот (кога е во прашање телевизија Алфа, тој фактор е неспорен), но и врз основа на начинот на кој се лоцираат изворите и се аргументира приказната.
Извори на информации: Клучниот проблем на овој напис, поради кој е предмет на оваа анализа, е прилично неуверливото лоцирање на изворите на информации. Текстот се повикува само на еден официјален извор, македонската државна новинска агенција МИА, како и на повеќе анонимни извори – „грчките медиуми“, за кои не е јасно како се избрани, неименувани „дипломатски извори во Атина“ и „извори од Европската комисија“, за кои, пак, не е јасно чии се, на телевизијата или на дописникот на МИА.
Со еден збор, во услови на претпоставената едностраност на државната агенција МИА, внимателниот читател добива впечаток дека релевантноста на изворите е спорна, а со тоа и веродостојноста на наводите во текстот.
Во таа смисла, во текстот имаме цитат на директен исказ:
„последниот извештај на еврокомесарот Штефан Филе содржи многу позитивни коментари за соседната земја и се упатува на тоа дека на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ што ќе се одржи на 22 април ќе има некаков развој“, за кој не се соопштува чиј е (недостасува т.н. verbum dicendi).
Како втор официјален извор може да се смета и весникот „То Вима“, од каде што се цитира една реченица (патем речено, клучна за аголот на написот), но е пропуштено да се лоцира политичката определеност на овој медиум (провладин, прооопозициски или независен).
Содржајност: Може да се каже дека написот го задоволува минималното, но не и оптималното ниво на сеопфатност, бидејќи во него недостасуваат факти и наводи за дипломатскиот притисок што се врши и врз македонската страна. Ова е важно, дотолку повеќе што самиот автор во лидот тврди дека:
„Германија и САД вршат притисок во ОН да се интензивираат преговорите за решавање на името на Македонија, со цел земјата што побрзо да се доближи до ЕУ, откриваат дипломатски извори во Атина.“
Од ова може да се заклучи дека притисокот во ОН се врши кон двете страни во спорот.
Пристрасност: Наклонетоста кон домашната страна во спорот за името може да се смета за, до извесна мера, и дозволено „навивање“ и апологија на македонската позиција. Сепак, впечаток е дека централниот спин во текстот не е насочен кон „другата страна“, туку кон домашната јавност, за што авторот нема сериозни аргументи. Имено, дописникот на МИА развива несекојдневна теорија за спорот:
„Според некои информации, Германците наводно сакаат да создадат економски протекторат на Балканот, и поради економската зависност на Грција од Берлин, Атина нема да има многу простор за да пружи отпор. На овој начин во Грција сега се создава друга клима во врска со прашањата за отворањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и за уставното име на нашата земја, јави дописникот на МИА од Атина“.
Ова сценарио, за кое МИА тврди дека „не е охрабрувачко за Грција“, е нејасно атрибуирано на неименувани локални „аналитичари“.
Коментирање: Во написот се тврди дека:
„грчките медиуми објавуваат информации кои ги добиваат од неименувани извори во грчкото МНР и Владата, со намера да изнудат некаква реакција од македонските власти која потоа ќе ја протолкуваат на сопствен начин и ќе обвинуваат за недостиг на волја, некооперативност и неконструктивност од страна на официјално Скопје“.
Со оглед дека ова тврдење не е атрибуирано, ниту аргументирано, читателот го доживува како коментар на авторот.
Плагијат: Текстот не е потпишан, но се појави речиси истовремено на повеќе веб-портали со истоветна содржина, поради што постои основана претпоставка дека се работи за агенциска вест.
Квалитет на насловот: Насловот на текстот го „носи“ централниот спин во написот и во таа смисла, тој е неинформативен, но јасен и соодветен на содржината.
Фотографија: На фотографијата е прикажана административна зграда во центарот на Атина.
Заклучок: Телевизија Алфа важи за традиционално добро известен медиум за прашања поврзани за спорот за името, со влијание во домашната јавност, но и во комуникацијата со јужниот сосед.
За разлика од Алфа, МИА најчесто се пројавува во улога на одбрана на официјалната позиција на владата во Скопје, при што неретко се користат и искази на нерелевантни извори и се пласираат недоволно сериозни верзии за настаните и за процесите, како во случајов „анализата“ на позицијата на Германија.
Оттаму, како финален заклучок, би рекле дека на Алфа ѝ прилега поамбициозна, посериозна и поизбалансирана анализа на притисокот на меѓународниот фактор за забрзано решавање на спорот меѓу Македонија и Грција.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).