Вулгарзизирање, упростување на туѓа поента и нејзино претворање во „летна манџа“
Објавено во Рецензии
on 29 - 09 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: ФОТО: Трајковска му кажа дека е сељак, па Заев почна да се дотерува]
„Петпарачко четиво“, без каква било поента, ниту, пак, информативна компонента. Напишано туку-така зашто некому тоа му било по ќеф. Насилно наметнување на „промената на стајлингот“ на лидерот на опозицијата како особено важна тема за општеството или, пак, некаква насока за идниот политички дискурс во земјава. Но, да не правиме грешка, ова не е глуп напис, туку наменски текст, чии коментари ја откриваат неговата политичко-партиска заднина.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Трајковска му кажа дека е сељак, па Заев почна да се дотерува
Датум и време на објавување: 21.09.2015, 09:42
Датум на рецензирање: 27.09.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
КОГА „СТАЈЛИНГОТ“ ЌЕ ЈА ЗАМЕНИ ИНФОРМАЦИЈАТА
Ова најверојатно требало да биде некаква си козерија, ама конечниот резултат е политички текст од типот „летна манџа“. Тоа така излегло, зашто, сепак, за пишување солидна, шеговита новинарска приказна треба нешто повеќе од инструирана инспирација и желба за оцрнување. Како и да е, целта е јасна – да се удри по опозицискиот лидер, притоа злоупотребувајќи го неговото гостување кај позната новинарка, која преку нејзината искрена изјава, што е дел од прислушуваните разговори, за тоа како го перцепирала на почетокот кога ја презел партијата, прави паралела со тоа што тој, меѓудругото и со т.н. „бомби“, истурка во последните месеци. Значи, изјавата на новинарката:
„Се чудам на нејзината нормалност (Шеќеринска) или ненормалност, со прилично непристоен коментар, дали си нормална овој струмички сељак во 21 век да се заложиш да го донесеш за лидер на македонската левица.“
пред сè, е во насока на политичката фигура на опозиционерот, а не на неговиот стајлинг. Значи, станува збор за обично вулгарзизирање и за упростување на поентата на тезата на Трајковска како едно обично стилистичко сугерирање. Конечно, нејзината емисија обработува политички, економски, општествени, а не модни теми. „Двојна добивка“ – ем се прави зафрканција со претседателот на СДСМ, ем се зафркава и новинарката-водител, која не е по мерак на владејачката структура, дека е „индиректен стилист на Зоран Заев“.
ОБИД ЗА „КОНТРАСАБОТАЖА“ И „БОЗА НОСТРА“
Како што веќе напоменавме, станува збор за обид на еден популистички, да кажеме допадлив начин, на пошироката јавност да ѝ се пласира четиво кое треба да го исмее Заев дека тој, по коментарите на новинарката, решил да го промени изгледот од „задолжителната“ бела кошула со собрани ракави во „подраматичен аутфит“.
„На партиската средба во Битола првиот Социјал-Демократ се појави во две комбинации на кошули, која од која поубава.
Во првата која е помалку свечена, Заев носи бела кошула со многу сини точки, што е одличен избор имајќи предвид дека точките би можеле да бидат и во различни бои.
Во втората варијанта, онаа посвечената, Заев носи темна кошула со змиски дезен со која праќа двојна порака – едната е дека завршил со имитирањето на стајлингот на Алексис Ципрас, втората е дека под првиот плашт на белокошулашка демократија, се крие кожа на змија. Можеби оваа кошула ја носи на партиските состаноци на кои ги вреѓа и пцуе своите соработници и членови на СДСМ, како што самиот кажа пред неколку дена.“
Дека е коментар, нема дилема, дека е несоодветен, исто така, нема какво било прашање. Впечатокот е дека некој си ја презел маката на врат да креира „вицкаст“ текст што можеби би требалo да парира на домашните „Коза ностра“ или, пак, „Саботажа“. Ама, да си признаеме, луѓето што ги работат овие новинарски производи се мајстори на своето перо, со изграден стил, по кој се лесно препознатливи за публиката. За разлика од нив, конкретниот напис го нема тој печат на авторство, ниту, пак, храброста и харизмата, преку одбрани зборови, да разоткрие, разобличи и, конечно, нешто што заслужува да биде исмеано, да го исмее.
Искрено, мене, како на читател, формулациите „белокошулашка демократија“, „кожа на змија“, „вреѓа и пцуе соработници“ ниту ми се интересни, ниту смешни, а уште помалку информативни. Повеќе ми наликуваат на штапски брифинг, отколку на авторски проблесок.
Заклучокот е лесен, исто како и ова четиво: слабо, слабо… Од тривијалност без каква било реална информација, тежина и вистински новинарски, а не политички пристап, вистинска козерија не бива.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
нерелевантни
не може да се утврди
се гледа исклучиво еднострано
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
најверојатно е оригинал
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
креативен
сензационален
несоодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
манипулира
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови