Сите медиуми терсене, овој текст наопаку
Објавено во Рецензии
on 18 - 05 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
[Рецензија: ФОТО: Медиумите му спуштија камери на Заев и го напуштија пресот]
На прв поглед, веста што ја рецензираме изгледа како нормален новинарски производ, информација од настан, поточно од прес-конференција на Социјалдемократскиот сојуз, при што темата е еден издвоен настан што се случил во рамките на таа прес-конференција. Меѓутоа, веќе првата реченица е проблематична:
„Голем дел од медиумите пред почетокот на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев во знак на протест на насилствата врз медиумите организирани од активисти СДСМ ги спуштија камерите и ја напуштија прес-конференцијата.“
Таа претставува неточно тврдење – дека сите медиуми го напуштиле пресот на СДСМ – што ќе се покаже и на самата снимка, односно од ТВ-прилогот, кој е вметнат во извештајот и на кој јасно се гледа дека само две камери од десетиците поставени пред подиумот со говорницата се исклучени и симнати од постаментите. Всушност, целиот напис, заедно со ТВ-прилогот, го пренесува перформансот кој на спомнатата прес-конференција го изведе новинар на „Сител“, предавајќи му го, во симболичен знак на протест против насилство врз одредени новинари, на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, Уставот на Република Македонија. Кога ќе се погледнат елементите што ги содржи материјалот што го рецензираме, се заклучува следново: перформансот имаше цел Заев и СДСМ да се претстават како поддржувачи на насилни и недемократски методи на справување со неистомисленици, конкретно со новинари од медиуми кои не им се наклонети, а тоа, со посредство на камерите и на пишувањата на „пријателските“ медиуми, да ѝ биде пренесено на јавноста. За таа цел, камерата на една интернет-телевизија била „случајно“ позиционирана токму спроти местото каде стоеја сите други ТВ-екипи и новинари, за да може добро да го сними „спонтаниот“ настап на новинарот на „Сител“, а потоа таа снимка е вметната во прилогот што е предмет на оваа рецензија.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО:Медиумите му спуштија камери на Заев и го напуштија пресот
Датум и време на објавување: 07.05. 2015 15:18
Датум на рецензирање: 14.05.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Во делот на вистинитоста, написот донесува факти кои навистина се случиле на прес-конференција на СДСМ. Но, во исто време, тој оперира и со поинакви тврдења за кои нема докази дека се вистинити. Објаснувајќи зошто новинарот на „Сител“ се решил на ваков чекор, во написот се тврди дека тој
„доаѓа откако изминатиов период низа новинари и камермани се мета на напади од страна на опозицијата или луѓе блиски до неа“,
пласирајќи го ова тврдење како факт, иако нема докази ниту официјални сознанија дека зад наводните напади врз провладините новинари стојат припадници на конкретна политичка партија. Ваквата верзија на настаните е дадена и во следната реченица:
„во текот на вчерашниот ден беа нападнати главниот и одговерен уредник на Вечер, и заменик-главен уредник на телевизија Сител, Ивона Талевска, снимателите на телевизијата и една фоторепортерка од страна на членови и симпатизери на опозицијата кои вчера протрестираа пред Собранието.“
И за овој конкретен случај, кој беше проследен од медиумите, немаше документирани тврдења дека напаѓачите биле симпатизери на СДСМ ниту, пак, постои официјален став на полицијата за тоа како настанот се случил и кој го предизвикал.
Написот ја следи идејата што стои зад инсценираниот настан на спомнатата прес-конференција, па се стекнува впечаток дека не е веста тука поради настанот, туку, обратно – настанот е искреиран за да се создаде веста. На тој начин спинот, кој е присутен, е изведен уверливо, божем се работи само за професионално известување и ништо повеќе.
Инаку, ова е уште еден пример во востановената практика текстови со пропагандна намена да се дистрибуираат во повеќе медиуми, речиси истовремено и тоа непотпишани, така што е тешко да се утврди кој е оригинал, а кој препис.
Насловот е сугестивен, пропагандистички и дезинформира, разоткривајќи ја интенцијата која и онака се наѕира зад навидум коректното известување од настан – прес-конференција. Текстот е, исто така, богато опремен со визуелен материјал, сè за приказната да изгледа убедливо и документирано.
Накусо, се работи за спин маскиран во извештај од прес-конференција. Тоа што изгледа дека само е покриен настанот кој навистина се случил, укажува дека спинувањето на вистината било направено на пософистициран начин.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
невистинита
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
селективно наведен автор (извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови