verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Форбс: Македонија е одлична!

on 23 - 01 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

01212014-Forbs-MKD-Republik-crop-resize

Во што се претвора медиумот кога без јасно означување објавува пи-ар, односно, спонзорирани текстови? Во рекламно табло! Дури и тогаш кога се пренесуваат спонзорирани страници објавени во други медиуми, во случајот на текстот што го рецензирамe, во странски медиум, мимикријата на пренесување на нарачан текст се претвора во двојна измама за публиката на медиумот – ем скриен пи-ар, ем извртување на вистината за да се прикаже дека реномиран странски магазин објавил текст за економските перформанси и за добрите потенцијали за инвестирање во Република Македонија. Така сугерира и насловот на редакцијата на текстот објавен во странскиот магазин што го сублимира медиумот: „Форбс: Македонија е одлична!

Нема ниту збор дека станува збор за текст во странскиот магазин кој спаѓа во таканаречените „спонзорирани“ статии за што, недвосмислено, сведочат и заглавието на рубриката во магазинот „Promotion // Economic Development“ и рамката во аголот на втората страница на овој платен „оглас“ каде што има прецизно објаснување дека „Сите статистички податоци во овој извештај ги обезбеди спонзорот на овој текст “ („The sponsors of this report have provided all statistical data“). Тоа, инаку, е вообичаена постапка на медиумите кога се во прашање платените текстови, која служи за да се заштити редакцијата од евентуалните погрешни податоци.

Forbes-za-MKD-ramka

А сега да видиме дали медиумот што го презел спонзорираниот текст во странскиот медиум, се држел до правилата кога се пренесуваат рекламни текстови.

Една работа треба да се секогаш и засекогаш јасна – новинарството и односите со јавноста (Пи-аР), се две различни лица на комуникацијата со јавноста, и, соодветно, имаат различни принципи и етички стандарди.

Новинарството е активност целосно посветена на интересот на јавноста, на граѓаните на една заедница и ги промовира принципите на слободата на изрззувањето. Новинарите – особено оние етичните – секогаш делуваат во име на јавниот интерес и ги објавуваат сите информации што ги знаат, дури и оние за кои нивните работодавачи сметаат дека не се во инетерес на нивниот бизнис.

Пи-аР махерите им се посветени на компаниите и на поединнците што ги ангажирале за да ја градат и менаџираат нивната комуникација и односи со други организации или со јавноста. Експертите за односи со јавноста им служат на нивните работодавачи или на нивните клиенти.

Во светлината на овие разлики треба да се имаат предвид последните два става од членот 6 на Кодексот на новинарите, но и претходните три се особено актуелни овие денови:

 

„Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист.

Митото, корупцијата и изнудувањето се неспојливи со новинарската професија.

Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето.

Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст со илустрацијата.“

 

01212014-Forbs-MKD-Republik Линк до оригиналниот напис: Форбс: Македонија е одлична!

Датум и време на објавување: 18.01.2014, 13:11

Датум на рецензирање: 22.01.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Во однос на вистиноста на овој текст она што може да се потврди дека е тој пренесува одредени делови од спонзориран текст објавен на комерцијални страници на еден странски магазин и дека податоците во него ги обезбедил закупецот на тие страници. Тоа значи дека текстот нема втора страна, ниту независни експерти. Овде, се разбира, не го проблематизираме правото на една компанија или влада да закупува рекламен простор за да се промовира себе си, или земјата, доколку такво нешто предвидува буџетот што го полнат граѓаните. Само ја рецензираме постапката на медиумот што пренесува пи-ар текстови.

За да бидеме докрај сигурни дека постапуваме правилно, Сервисот за проверка на фактите од медиумите (СПФМ), оствари мејл преписка со лицето задолжено за контакти во секцијата за Македонија во Форбс и господинот ни потврди дека овој текст е со статус спонзорирани страници.

Инаку, колку за да бидеме поуверливи, во дисклејмерот на мејлот на господинот со кој контактиравме стои:

„Секцијата на Форбс за нарачани магазини и секции продуцира посебно „скроени“ промотивни рубрики за земји, региони, индустрии и компании кој можат да бидат употребени за промоции. Оваа секција работи независно од новинарскиот и уредничкиот тим на Форбс.“

(Forbes Custom Magazines and Sections produces tailored promotional sections on countries, regions, industries and companies used for investment and promotional purposes. FCM&S operates independently from the Forbes editorial staff.)

01212014-Forbs-MKD-DekiИзвори на информации: Од аспект на извори на информации, кога станува збор за пренесување на платена пи-ар содржина, медиумот и нема многу избор – освен да ја пренесе таа содржина. Но, во такви случаи, неизоставно е да се нагласи, видливо и недвосмислено, дека медиумот пренесува текст од кампања, како дел од стратегијата на владата за промоција на инвестициските можности во Република Македонија. Тоа е дури и пожелно – да се информира за таквите акции зашто на тој начин граѓаните имаат јасна претстава каде одат нивните пари.

Да се скрие дека се работи за платено огласување и да се изведуваат наслови, да се цитираат делови од нарачаниот текст, како да се работи за авторски текст на новинари на Форбс е извртување на вистината.

Содржајност: Со оглед на начинот на кој медиумот го пренесува овој текст, не може да стане збор за било каква содржајност, но затоа има многу што да се каже за неговата пристрасност и затоа одиме во наредниот сегмент на рецензијата.

Пристрасност: Во Кодекс на новинарите во членот 14 сосема јасно стои:

 

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано.

Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“

 

Во овој случај, кога медиумот што го објавил тексотот на ниту еден начин не се оградил дека станува збор за преземање на платен промотивен текст, имаме прекршување на споменатиот член од Кодексот.

Во оваа насока корисно е да ја наведеме препорката на Центарот за добри практики во новинарството Пју од САД објавена во „Прирачник за етика во новинарството“ (Т. Чаусидис и З. Бојаровски, ЗНМ, 2012), во која се вели дека:

 

„Независноста е суштински предуслов на новинарството, основа за новинарската веродостојност. Независноста на духот и на мислата, заедно со новинарската позиција на неутралност, се принципите во фокусот на новинарството. Застапувајќи ја независноста и неутралноста, новинарите не треба да ја преминат линијата која ќе ги одведе во ароганција, елитизам, изолација и нихилизам.“

 

Во текстот што го рецензираме, новинарите, односно уредниците што го објавиле овој текст, заборавиле на принципите на независноста.

Оригиналност/Плагијат: Во овој случај, кога медиумот што пренесува еден платен промотивен материјал, имаме една чудна ситуација во која нарачаниот текст се прикажува како редакциски. Тоа, не одговара на вистината.

Квалитет на насловот: Во насловот, практично, се открива целата манипулација на медиумот со овој текст: „Форбс: Македонија е одлична!“. Имајќи го на ум сето претходно кажано, многу покоректно ќе беше ако се одеше со оригиналниот наслов објавен во магазинот со поднаслов, или со соодветна назнака, дека „Во магазинот Форбс, во рубриката ’Промоции’ е објавен текст со наслов…“.

Заклучок: Да завршиме со уште една препорака на Центарот за добри практики во новинарството Пју од САД објавена во „Прирачник за етика во новинарството“, во која се вели:

 

„Независноста како огледало пред центрите на моќ – Новинарството има капацитети и потенцијали да биде куче чувар пред оние кои поседуваат моќ и оние чие дејствување во најголема мерка влијае на граѓаните. Новинарите имаат обврска да ја негуваат оваа позиција и да не ја злоупотребуваат за лични или за нелегални комерцијални цели на медиумската компанија.“


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност, комерцијална пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови