Битка со коментари и со шпекулации наместо со факти и со информации
Објавено во Рецензии
on 4 - 05 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Физичкиот напад врз новинарот Димитриевски е политичка нарачка?]
Зошто рецензија? – Зашто е еднострано и плитко четиво, со многу прашалници и прашања, уште повеќе неаргуменитрани и непроверени тврдења со присуство на нула извори.
Линк до оригиналниот напис: Физичкиот напад врз новинарот Димитриевски е политичка нарачка?
Датум и време на објавување: 27.04.2015, 10:15
Датум на рецензирање: 30.04.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
ОД МРАВКА СЛОН, И ТОА ПОЛИТИЧКИ!!!
„Од мравка некој сака да направи слон“ – така накусо би можело да се окарактеризира текстот во кој, верувам ептен намерно, се втурнуваат димензии и елементи кои, според информациите присутни во јавноста, немаат врска со конкретниот настан. Значи, да, навистина дошло до некаква физичка пресметка меѓу новинар и граѓански активист поради лепење плакати кои повикуваат граѓаните на Центар да излезат на референдумот за ГТЦ. Случката има две верзии – онаа на новинарот и онаа на активистот. Не навлегуваме во тоа која е вистинската.
Проблематично е тоа што во четивото е понудена само едната како апсолутно точна – онаа на новинарот, кој работи во радиото со сомнителна финансиска заднина поврзана со кругови блиски до власта. Значи, не може, односно не смеело така да му се пристапи на т.н. инцидент зашто во отсуство на информации од надлежни институции, недозволиво е да се фаворизира едниот од засегнатите. Едната страна ја имаме, втората не. За каква професионалност тогаш станува збор, би прашал? Ајде што тоа не било доволно и на публиката ѝ се нуди едната приказна како недвосмислена вистина, па на неа дополнително се накалемуваат и високополитички мотиви и сценарија. Се (зло)употребува роднинската релација на активистот со високопозиционирана опозициска политичарка за на случката да ѝ се даде насока на намерен, монтиран, испровоциран и по „политичка нарачка“ изведен настан. Аха, а каде се аргументите? Јасно е, ги нема. Нема какви било факти за поткрепа на обвинувањата, изворите се апстракција. Смешно е со фотографија на која зад градоначалникот на Центар стои активистот да се поткрепува тезата „дека тој иако сакајќи да се престави како дел од некакво независно невладино движење во чија независност никој не верува, тој всушност бил дел од штабот на Жерновски“, зашто ако овие двајца ги поврзува битката против проектот „ГТЦ-барок“ тоа по автоматизам не подразбира и дека едниот работи за другиот, туку дека во тој период имаат заеднички интерес како, на пример, зачувување на ГТЦ, како што и некои други активисти се појавувале со првиот човек на Центар. Тенденциозноста и спин-елементите се забележливи во целиот кус текст како и во коментарите од типот:
„Јасно е дека братучедот на Шекеринска бил пред радиото РСМ со цел да предизвика намерно инцидент. Уште поголема дилема е дали се работи за политичка нарачка да се нападне новинарот со цел да се привлече внимание на јавноста?“
А, како ќе беше наместо прашања и прашалници на публиката да ѝ се понудат факти и информации?! Плус, да не заборавиме што вели членот 13 од Кодексот на новинари:
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.
Сѐ на сѐ, тенденциозен, неаргументиран и коментаторски спин-материјал, со сензационалистички наслов и безмалку ич контакт со професионалните стандарди.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
анонимни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
најверојатно е оригинал, непотпишан
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови