verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Финансискиот „гуру“ на СДСМ, на одмор во Грција?

on 19 - 08 - 2014       

FireShot-Screen-Capture-049-milcin-odmara-crop-resize

Сѐ чини, сѐ потешко е да се биде конзумент на медиумски содржини на овие простори, бидејќи станува сѐ покомплицирано да се разграничи што од понуденото е вистинска новинарска информација, а што спин „спакуван“ во пропагандни кујни со строго определена намена, која нема врска со основната функција на медиумите – да информираат. Еден од серијалот текстови насочени кон дискредитирањето на личноста на директорот на Фондацијата отворено општество Македонија, Владимир Милчин, е и предметот на оваа рецензија. И, во склад со сезоната кога се појавува, актуелната епизода овојпат обработува „морска“, односно годишно-одморска тема, поточно се занимава со локацијата на која (можеби) летува Милчин.

Освен тривијалноста и депласираноста на темата – Владимир Милчин не се вклопува во пошироката дефиниција на јавна личност, која како политичар или јавно избран функционер има обврска да биде транспарентен и за (дел) од својот приватен живот – таа не е ниту обработена на новинарски начин, значи да биде заснована на факти и проверена од извор(и) пред да биде објавена. Навидум, со обраќањето до Милчин за изјава формата е донекаде задоволена – тој бил прашан „дали сепак летувал во Грција“ како што е наведено, но дури и таа формалност делува фарсично, а не професионално, кога е ставена во контекст на еден напис наменет за дискредитација на дотичната личност, како што е во овој случај.

Низ целиот напис провејува препознатливиот лајт-мотив на ваквите веќе видени, „летни политички теми“ во кои на тапет се оние опозициони политичари и проопозициони новинари, кои летувале (па дури и оние кои не летувале, ама се потенцијални гости) во соседна Грција, етикетирани отворено или прикриено, како предавници и непатриоти. Иако никаде не стои дека во државава е противзаконско, забрането, неморално или нечесно да се летува во Грција и токму кога илјадници македонски граѓани го прават истото – летуваат на брегот на Егејското море, во повеќе медиуми во тек е организирана хајка и прозивка на поединци блиски до опозицијата токму за летување во Грција. Оттаму и реакцијата на Милчин, која предметниов напис ја нарекува дрска:

„А од каде тоа вие прибирате информации од приватен карактер? И со кое право? Полиција ли сте ? Па уште згора и колку пари ме чинело тоа? Ме прашувате за мои пари? Море, сиктер“ ,

и без многу скрупули коментира дека

„со ваквиот нервозен одговор Милчин јасно ни стави на знаење дека нешто крие“.

Зошто јавноста воопшто би ја интересирало каде летува Владимир Милчин? И додека здравиот разум не дава логичен одговор, написов го „нуди“ – бидејќи се работи за „финансискиот гуру на СДСМ“, нешто што е потенцирано веќе со самиот наслов. Конструкцијата е сама по себе смешна и неточна, почнувајќи од  несоодветното користење на зборот „гуру“ (hr.leksikon: „гуру- вероучител, познавач на теологијата, филозофијата, мистик или водач на секта или школа. Често го сметаат за отелотворение на божество“. Оттаму дилемата – со што би се занимавал, во тој случај Милчин како „финансискиот гуру на СДСМ“? Со теологија, финансии, мистика или нешто друго?).

Понатаму следи тврдењето, незасновано на факти, но и покрај тоа повторувано повеќепати во провладините медиуми, дека пред да замине во Грција на одмор, „СОРОС“ и Милчин на опозиционите медиуми им поделил 5 милиони евра. Посебно е смешна констатацијата дека Милчин, ете, можел да си дозволи скап одмор на најубавите места во Грција, на Родос, Крф или Санторини, иако на тие дестинации секојдневно заминуваат голем број на македонски граѓани без да бидат повикувани на одговорност.

Рецензија: Финансискиот „гуру“ на СДСМ, на одмор во Грција?Линк до оригиналниот напис: Финансискиот „гуру“ на СДСМ, на одмор во Грција?

Датум и време на објавување: 16.08.2014, 15:13

Датум на рецензирање: 18.08.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Тврдењето дека Милчин и Институтот за отворено општество поделиле 5 милиони евра на опозициони медиуми и невладини организации во текстот е само преповторено од други написи и други медиуми, но ниту таму, ниту, пак, во овој напис нема ниту трага од некаков доказ за вистинитоста на ваквото чисто произволно тврдење. Исто како што нема никаков доказ ниту дека „откако ги поделил парите“ Милчин „најверојатно отпатува кај нашиот јужен сосед“, но очигледно фактите и нивната вистинитост се ситници околу кои не се оптеретува написот кој е предмет на оваа рецензија.

Доколку се изземе изјавата на Владимир Милчин, цитирана во написот, во него нема евидентирано присуство на други извори, иако низ целиот текст се повикува на некакви неименувани, анонимни извори, преку формите „според неофицијални информации“, „како што дознаваме“. Значи, нерасчистена е дилемата дали изворите постојат или се измислени.

Како речит пример на непрефинет политички спин со кој се цели кон Милчин како истакната фигура блиска до опозицијата, текстот не евидентира ниту обид да се приложат дури и квази-аргументи во полза на квалификациите.

Насловот е сам по себе апсурден на повеќе нивоа, почнувајќи од неуката конструкција „финансиски гуру“, па до нерелевантноста на исказот, а со самото тоа и на целата тема: па дури и да е така, зарем на „гуруата“ им е забрането да одат на одмор? И да се одмораат во Грција?

Од аспект на новинарски стандарди, се работи за лош и неаргументиран текст, кој единствено ги исполнува критериумите за политички памфлет, испразнет од содржина и смисла и со единствена цел – да исплука политички неистомисленик. Во тоа, рака на срце, успева.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални, анонимни

релевантни, нерелевантни

не може да се утврди

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови