Рецензија: Четврто самоубиство од „докторската зграда“ во Битола
Објавено во Рецензии
on 28 - 03 - 2014 Автор: Оливера ВојновскаСтанува збор за куса вест која известува за самоубиство во Битола, но на сосема погрешен начин. Всушност, дискутабилно е дали воопшто требало да се информира јавноста за овој трагичен настан, со оглед дека не е во прашање јавна личност. Во анализата објавена на страниците на Сервисот за проверка на факти од медиумите: (Не)етичко известување: Дали медиумите влијаат на бројот на самоубиствата?, м-р Жарко Трајаноски укажува дека медиумите не треба да ги покриваат сите случаи на самоубиство, туку само некои.
И во Прирачникот за етиката во новинарството се напоменува дека новинарите не треба да даваат гласност на сите случаи на самоубиство:
„Во светот е усвоена практика за самоубиствата генерално, а особено за анонимните луѓе, воопшто да не се пишува“
Така што, основното правило при известување за самоубиство е да се биде внимателен. За жал, тоа не е случај со материјалот што го рецензираме. Па, наспроти препораките при известување за самоубиства да се избегнуваат сензационализам и детали, бидејќи тие може да поттикнат и да испровоцираат и други такви случаи, во оваа вест уште со формулацијата на насловот: „Четврто самоубиство од „докторската зграда“ во Битола“, се покажува неодговорен и непрофесионален однос.
Линк до оригиналниот напис: Четврто самоубиство од „докторската зграда“ во Битола
Датум и време на објавување: 24.03.2014, 21:17
Датум на рецензирање: 25.03.2014
Рецензент: Оливера Војновска
ОПАСНИ ДЕТАЛИ
Написот нема проблеми со вистинитоста и со изворите. Информациите до кои дошол авторот ги потврдиле и од СВР Битола. Впрочем, истата вест ја објавија и други медиуми (кои, за да бидеме коректни, да кажеме дека известуваа на идентичен начин со одредена варијација во насловот). Веста е проблематична од содржински аспект, поради начинот на кој е напишана и пласирана. Имено, во самиот старт се изнесува детален опис на местото каде што се случило самоубиството, што е голема грешка:
„Попладнево во Битола се случи ново самоубиство. Од т.н. “докторска зграда”, која се наоѓа наспроти Клиничката болница животот си го одзеде средовечна жена Ј.М. на возраст од 54 години,која не живеела во зградата“
Исто така, сосема непотребни се квалификациите на самоубиството од типот: „ново“, „уште едно“, „четврто“…. Во анализата м-р Жарко Трајановски нагласува дека мора да се биде внимателен со деталните описи, дека не треба да се рекламираат „популарни“ места за самоубиство и дека е крај но непрофесионално да се даваат конкретни насоки за тие локации:
„Деталното или сензационалистичко известување за „самоубиствени локации“ може да биде сфатено како нивна медиумска промоција.“
Во Прирачникот на СЗО, исто така се напоменува:
„Не наведувајте детални информации за местото на извршеното самоубиство или обид за самоубиство“
НАСЛОВОТ ГОЛЕМО ПРОМАШУВАЊЕ
Веста соджи коментаторски елементи, почнувајќи од насловот, а ги и на самиот почеток на веста „ново самоубиство“, како и во завршниот дел каде со одредена доза на мистериозност се констатира:
„Инаку ова е веќе четврто самоубиство од т.н. “докторска зграда“ кое се случи во текот на минатата и оваа година.“
Ова е во спротивност со препораките самоубиствата да не се опишуваат како необјасниви. Трајаноски во неговата анализа „(Не)етичко известување: Дали медиумите влијаат на бројот на самоубиствата?“ посочува:
„Новинар(к)ите треба да бидат информирани дека постојат бројни научни студии кои укажуваат дека некои видови на медиумско покривање можат да ја зголемат можноста за самоубиство кај ранливите индивидуи. Токму затоа, треба да бидат многу внимателни и одговорни, и особено свесни за предупредувањата кои видови на известувања ги зголемуваат ризиците за дополнителни самоубиства.“
Насловот е едно големо промашување. Тој е напишан во сензационалистички манир и заедно со поднасловот прават една исклучутитечно лоша комбинација. Дури и претставуваат своевиден патоказ како се стигнува до локацијата каде што се случила трагедијата! Укажувањата за етичко известување налагаат новинарите да бидат претпазливи, бидејќи непрофесионалниот пристап во случаи на самоубиство може да отвори дополнителни проблеми. Гледано од тој аспект медиумите честопати се критикувани дека со „давањето на преголем публицитет, или со сензационалистичкиот пристап, придонесуваат за зголемување на бројот на самоубиства.“
НЕПОТРЕБЕН СЕНЗАЦИОНАЛИЗАМ
Предгледот на интернет на вестите за споменатиот случај покажува дека материјалот што го рецензираме е најрано објавен. Меѓутоа, пропустите што се направени не може да се оправдаат со брзањето да се биде прв. И каква екслузивност може да има во информација дека средовечна жена – непозната за јавноста, си посегнала по животот! Драматиката и сензационализмот биле сосема непотребни. Во Прирачникот за етиката во новинарстовот се посочува дека:
„Еден од факторите кои некоја ранлива личност можат да ја наведат на самоубиство е и публицитетот што на таквиот чин му се дава во медиумите“
Во него уште е потенцирано дека
„новинарите се должни да ја зачуваат приватноста на личноста и да не известуваат со сензационализам во случаи на самоубиство, бидејќи станува збор за семејна трагедија“.
Ваквиот чин, освен кога се работи за јавна личност, не би требало да биде предмет на медиумска обработка и да привлече внимание. Секоја асоцијација на смрт може да биде опасна, особено кај ранливите и ментално почувствителни лица. Правилата при известување за самоубиства се во насока на тоа дека новинарите пред да известат за некое самоубиство треба да си ги постават прашањата
- Дали жртвата е јавна личност?
- Дали самоубиството се случило на јавно место?
- Дали за самоубиството е веќе известувано?
- Дали известувањето за чинот на самоубиство може да покрене одредено социјално прашање од јавен интерес?
- Дали известувањето за самоубиство ќе придонесе за минимизирање на штетите?
- Дали со известувањето за самоубиство може да се намали самоубиственото поведение?
Во Анализата објавена на овде се укажува дека новинарите треба сериозно да размислат дали воопшто да го покријат случајот на самоубиство, доколку одговорите на повеќето прашања се негативни.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални
повеќе извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
не може да се утврди
не аплиактивно
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови