Збирштина на обвинувања, говор на омраза, отсуство на аргументи, непримерен вокабулар
Објавено во Рецензии
on 27 - 08 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: БРУТАЛНИ НАЦИФАШИСТИ: Погледнете како грчката полиција брутално тепа и се изживува со мигрантите!]
Дека нема дно во „слободниот“ пад на стандардите во домашното новинарство, докажува овој материјал. Ако треба да се окарактеризира со еден збор, тогаш тој збор би бил страшно. Невидена збирштина од обвинувања, омраза, отсуство на аргументи, непримерен вокабулар, сè она што еден новинарски текст не смее да го има. Но, ова не се вообичаени времиња и овој напис не е новинарски производ.
Линк до оригиналниот напис: БРУТАЛНИ НАЦИФАШИСТИ: Погледнете како грчката полиција брутално тепа и се изживува со мигрантите!
Датум и време на објавување: 25.08.2015
Датум на рецензирање: 26.08.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
ОВА НЕ Е НОВИНАРСТВО, ОВА Е СТРАШНО!
Да тргнеме со ред. Ова е невидено мешање „баби и жаби“.
Прво, евентуална полициска бруталност, или, еве, да бидеме коректни, употреба на несоодветна сила, се поистоветува со нацифашизам. Внимавајте на знакот на равенство! Полицијата, сама по себе, е апарат за чување на јавниот ред и поредок, кој во себе содржи репресивни елементи и е карактеристичен за секоја држава. Токму затоа постојат закони, уредби, правилници, со други зборови рамка, за тоа како и кога полициските службеници можат и колку смеат да употребат насилни методи. Користењето пендреци на грчките полицајци, без да навлегуваме во тоа дали смеело, воопшто требало и колку требало, не може да биде исто со нацифашизам. Значи, полициското „тепање“ е мерка, однесување, активност, наредба, еве и злоупотреба, а нацифашизам е цела идеологија во која репресивноста е само еден нејзин елемент. И најголемите светски демократии имаат полиции кои „маваат и удираат“ демонстранти, толпи, кога оправдано, кога не, ама тоа не значи дека со тоа практикуваат нацифашизам. Претпоставувам дека во конкретниот случај овој термин е избран поради очигледната нетрпеливост кон Грција и нејзината политика кон Македонија и македонското прашање во изминатите години.
Второ, каква врска има една цела низа домашни новинари и активисти за човекови права со таа случка на грчкиот остров Кос? Одговорот е – никаква логична. Но, тоа некого не спречило да ги истопори овие луѓе, искористувајќи ги нивните јавни изјави за мигрантската криза и неодамнешните настани на македонско-грчката граница, како некакви си негативни карактери, притоа повикувајќи ги да се бунтуваат против ваквите случки во Грција. Логиката вели дека прво треба да се погрижиш за сопствениот двор, а потоа да видиш што се случува кај соседот. Ама не, тука тезите се измешани – ти се забележува зошто зборуваш за ситуацијата кај тебе, а те туркаат да одиш кај комшијата! Невиден спин. Е сега, доаѓаме до хистеричното крешендо. Објаснувањето зошто овие новинари и активисти не зборуваат за ситуацијата со мигрантите во Грција е затоа што, очекувано барем за мене, биле грчки платеници. Нормално, секој или барем добар дел од оние кои не мислат како владејачката номенклатура и не се согласуваат со нејзините политики, „обландирани“ и за широка употреба, емитувани преку една цела медиумска лепеза, мора да се државни непријатели. Ајде веќе еднаш да видиме докази, факти, аргументи дека тие „лапале“ грчки пари и работеле против интересите на сопствената земја. Такво нешто во овој текст нема да најдете зашто сè се сведува на нечија перцепција, а перцепеција не е исто што и факт.
Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.
Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот – Кодекс на новинари.
Но, ова е само врвот од ледениот брег, бидејќи понатаму во текстот имаме пример за говор на омраза:
„За жал, сороспиите несмеат да зборуваат за ова бидејќи се на одмор во Грција, нормално на сметка на грчкото МНР, а кога не се на одмор дома леб јадат исто така од грчкото МНР. Погледнете зошто сороспиите треба да плукаат по Македонија со цел да се прикрие нацифашистичката бруталност на Грците:“
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…) – член 10 од Кодексот на новинари.
Што повеќе да се каже… По низата очигледни примери на прекршување на сè што е „свето“ и суштинско за професијата, Ете, зошто ова не е новинарство, туку е нешто навистина, навистина страшно.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
неофицијални
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
политичка дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови