Рецензија: Анализа: Изборите се судир на два концепти – работливост наспроти манипулација
Објавено во Рецензии
on 24 - 04 - 2014 Автор: Владимир МирческиУште едно „кукавичко јајце“ – коментар подметнат како вест. Но, тоа не е единствениот проблем на овој текст, напротив ги има толку многу што се поставува прашањето дали воопшто има нешто позитивно. Колку за појаснување: ни се пласира амбициозен наслов со епитетот „анализа“, но од неа нема ниту „а“. Каква е таа „анализа“ без извори, без соговорници, без истражување?! Затоа, пак, имаме партиска реторика, нерагументирани навреди кон политичките опоненти, многу спин-елементи, воздигнување на власта за сметка на омаловажување на опозицијата… Поточно имаме класичен партиски настап ептен лошо маскиран во некаква си информација.
Линк до оригиналниот напис: Анализа: Изборите се судир на два концепти – работливост наспроти манипулација
Датум и време на објавување: 19.04.2014, 19:28
Датум на рецензирање: 22.04.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
СВОЕВИДНО „ПОЕТСКО“ РЕЦИТИРАЊЕ НА ПАРТИСКАТА ПРОГРАМА НА ВЛАСТА
Анализава, како што некој си ја нарекол, паѓа барем на два сериозни испита. Првиот е дека не е направена дистинкција оти е коментар, а не вест:
„Заев не покажа ниту сила ниту желба да се дистанцира од неговите политки и влијанија. Како проблем кој продолжува да ја мачи опозицијата е стравот на раководството да ја превземе одговорноста, што се покажува и на овие избори. Заев и Шеќеринска не собраа хрброст да се соочат со граѓаните и не се појавија на пратеничките листи, систем кој го користеше и Црвенковски на изборите во 2011та. Уште една клучна разлика меѓу двете најголеми политички партии е концептот со кој се бара доверба од граѓаните“.
„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“ – член 13 од Кодексот на новинарите на Македонија.
Вториот е, најверојатно свесната неизбалансираност и тоа во период на избори:
„Концепт на работливост или систем на долгогодишни манипулации. Изборите наредната недела ги ставаат граѓантие пред одлука, дали ќе поддржат коренити реформи за пододбар живот или празна реторика“.
„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“ – вели членот 14 од Кодексот на новинарите на Македонија.
Поточно, имаме своевидно „поетско“ рецитирање на партиската програма на власта. Додека некој се потрудил доста здушно и прецизно да ја чита понудата на владејачката партија, за опозицијата оставил „трошки“ од типот „СДСМ излезе со понуда од расфрлани проекти за кои ни самите немаат наведено како ќе се реализираат, колку ќе ги чинат граѓаните и во кој рок ќе бидат завршени“, без и најмалку да се потруди на публиката да и понуди барем нешто од конкретната програма на опозицискиот блок.
Понатаму, намерно се извртува ситуацијата, тврдејќи дека опозициското раководство не ги „проветрило“ канцелариите и дека на врвот останале истите луѓе кои 8 години губат на избори. Но, ако се погледне кој лани ја водел партијата, а кој сега, или пак актуелниот и Извршниот одбор на партијата пред минатогодишните локални избори јасно е дека имало процес на сериозно внатреструктурно рекомпонирање. Тезите, пласирани во овој дел, недвосмислено насочуваат дека екс-лидерот на опозицијата е „човекот од сенка“, иако тоа не е соодветно аргументирано. Сумирано, вистинитоста во овој текст е сериозно начната.
А КАДЕ СЕ ЕКСПЕРТИТЕ, ОНИЕ „ДЕЖУРНИТЕ“?!
Анализава, како што некој си ја нарекол, може да се пофали со целосно отсуство на извори – нема ниту еден цитат, ниту пак каков било соговорник. Недостасуваат дури и редовните аналитичари, поточно се се сведува на експерти. Кои? Не знае никој!
Затоа не е изненадување „тенката“ содржина. Написот изобилува со редење на успесите на власта и нејзините идни планови наспроти, нели рековме кудењето на опозицијата за нејзината „безидејност“. Ништо ново, би рекле. Токму така, нема новост во овој материјал кој ни се нуди како вест. Препрочитувањето на партиската платформа на власта за овие избори не е информација, бидејќи секој ден ја слушаме на речиси секој можен телевизиски канал, радио – станица, мнозинството интернет портали. Сеопшт напад врз сите сетила. А таква е и пристрасноста во овој текст – нападна.
„Додека Груевски пред граѓаните излегува со детално разработена програма која предвидува 64000 нови работни места, СДСМ пред граѓантеи настапува со црна кампања и обвинувања за недостаток на слобода и демократија“.
Не треба никој од двете партии да ни го кажува она што, на пример, во делот на слободата на медиуми во земјава го констатираат кредибилни организации.
Веќе напоменавме дека нотирањето „анализа“ во насловот е преамбициозно, зашто не ги задоволува условите за една анализа. Меѓу другото, целата насловна конструкција е тенденциозна и не крие што следува подолу во текстот.
За крај ќе ја цитираме Енциклопедија Британика:
„Агитпроп, скратеница од руската agitatsiya propaganda или агитациска пропаганда е политичка стратегија во која техниките на агитација и пропаганда се користат за да се влијае врз и за да се мобилизира јавното мислење“.
Се е кажано, нели?
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
не може да се утврди
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови