Нема вистинска информација, ниту, пак, некаква продлабочена „анализа“
Објавено во Рецензии
on 7 - 08 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Анализа: Груевски покажа дека граѓаните се во фокусот]
Едностраноста, необјективноста и пристрасноста се главните одлики на овој текст. Во него нема вистинска информација, ниту, пак, некаква продлабочена „анализа“, како што самиот си се продава, туку агитпропство за „лидерот“, поддржано со ставови на јавни личности кои се познати по речиси сè, само не по балансирани, прецизни и одмерени настапи.
Линк до оригиналниот напис: Анализа: Груевски покажа дека граѓаните се во фокусот
Датум и време на објавување: 03.08.2015, 15:15
Датум на рецензирање: 04.08.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
АНАЛИЗА НЕ, ПРИСТРАСНО ФАЛБАЏИСТВО ДА
Прво, насловот што содржи „анализа“ е во најамала рака претенциозен. Изјави од двајца „дежурни експерти“ само од едната страна за тоа што сакал и што кажал премиерот во говорот по повод 2 Август, не прават еден напис „анализа“. Ова особено важи зашто во случајов имаме класична фалба за еден политичар и за неговата партија, која, ете, така случајно е на власт, а не вистинско и непристрасно анализирање на неговиот настап. Второ, сериозната мана произлегува од тоа што се „ангажирани“ вообичаените „познавачи“ кои немаат каква било критичка или барем објективна нота кон владата, туку исклучиво егзалтирано воздигнување на нејзините политики. Просто кажано, луѓето кои се искористени како главни извори на информации во производот се ултрапристрасни. Еве, само мал пример како аргумент за ваквото тврдење:
„Главната разлика помеѓу Никола Груевски и останатите политичари е што тој знае да го слушне гласот на народот“.
„За жал во Македонија и понатаму од една страна го имаме СДСМ и Зоран Заев кој секојдневно преку соросовите новинари не бомбардира со малограѓанштина водена од неговиот примитивистички пристап кон политиката и за среќа ВМРО-ДПМНЕ водена од Никола Груевски кој влегува во есенцијата на проблемите на народот и ги решава“.
„Периодот што следи целосно ќе биде фокусиран на заокружување на успешните политики кои ВМРО-ДПМНЕ им ги вети на граѓаните што ќе значат успешно зачувување…“
Дали има некој друг соговорник кој би се спротивставил на ставовите на овие двајца „експерти“, некој, еве, како што милуваат да кажат, „опозициски аналитичар, човек близок до СДСМ“, барем колку за декор, за украс? Апсолутно не. Сè се темели на изјавите на експратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и на универзитетската професорка позната по „полна уста фалби за власта“. Ако ова не е пристрасност и зафаќање страна, тогаш не знам што е!!!
Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти – член 14 од Кодексот на новинари.
Ако мислиме дека нашето ЗНМ нешто не „разбрало“ за тоа како треба да функционира кредибилното новинарство, еве што вели практиката на светските медиуми:
Како новинари на „Ројтерс“ ние никогаш не се идентификуваме со која било страна во некое прашање, конфликт или расправа. Нашите текстуални и визуелни приказни треба да ги одразуваат сите страни, а не само една – „Ројтерс“ прирачник за новинарство.
ОЦЕНКА ТРИ „Б“ ЗА ОВОЈ НАПИС
Ако утврдивме дека има пристрасност и само една страна на приказната, тогаш каква содржајност и можеме да очекуваме. Ова е како премиерот самиот да си го анализирал сопствениот настап. Според мене, ваков текст со ваков неновинарски и промотивен пристап не може да биде прифатливо и занимливо четиво за читање. Ем башка имаме copy-paste материјал, додуша тоа е наведено, кое како по команда се појави на уште еден куп други портали со безмалку никаква разлика еден од друг. Па, барем да беше некаков квалитетен производ, а не чисто „воспевање на владините успеси“. Блуткавост, безличност, безидејност од напис или 3 „Б“.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
2 извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
досаден
несоодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови