Рецензија: Македонците решија: Време е да исчезнеме!
Објавено во Рецензии
on 17 - 06 - 2014 Автор: Зоран БојаровскиПрашање на уредувачката политика и прашање на избор е од кој агол медиумот ќе обработи некоја тема, но секако дури и тогаш, темата мора да биде сеопфатна; поткпрепена со податоци кои ќе бидат недвосмислени и ставени во соодветниот контекст; нив треба да ги толкуваат стручни лица, докажани експерти.
И уште нешто е многу важно: Секоја новинарска тема треба да биде пренесена и спакувана со наслов и со друга графичка опрема пропорционално на импликациите што може да ги има пораката или поентата на новинарскиот текст.
Од овие аспекти сакаме да ја разгледаме оваа медиумска содржина соодветно на методологијата на Сервисот за проверка на фактите од медиумите.
Линк до оригиналниот напис: Македонците решија: Време е да исчезнеме!
Датум и време на објавување: 13.06.2014
Датум на рецензирање: 16.06.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Насловот е сензационалистички и вознемирувачки. Ако речеме дека веќе се навикнуваме на вакви наслови не е оправдување зашто несоодветните, непропорционални наслови создаваат погрешни зак лучоци. Особено ако се тргне од навиките на корисниците на медиумските содржини. Истражувањата одамна потврдија дека еден сериозен процент од читателите ги „скенираат“ страниците во весниците и интернет содржините. Се чита насловот, потоа погледот оди на поднасловите и антерфилеата, односно рамките со акценти од главниот текст, потоа на фотографијата ако ја има, и… За многу читатели „читањето“ завршува тука. Од тие елементи на насловот, насловницата, поднасловите… се извлекува заклучок.
Доколку тие елементи не се соодветни на содржината и фактите на новинарскиот текст, заклучокот е погрешен, а таквата постапка на новинарите е тенденциозна.
Насловот на медиумската анализа што ја рецензираме, не одговара на состојбата, бидејќи е извлечен од премногу упростеното и еднострано толкување на демографските трендови. Веднаш да кажеме дека тие, во однос на стратегијата за развој на популацијата на една земја, во Република Македонија веќе повеќе децении не се поволни. Но, демографските процеси кои се препознаваат денес и не се случуваат уште утре. Демографските трендови не се нешто што се случува спонтано и не се нешто на што не може да се влијае. Соодветните мерки и долгорочните стратегии во однос на популациските политики можат да ги променат трендовите во насока која ја посакуваат креаторите на таквите политики.
Тоа, во овој текст, го нема. Воопшто не се анализираат мерките што биле преземани во меѓувреме за влијание на овие трендови и тоа ја прави оваа медиумска содржина несеопфатна.
Замислете, во анализата на оваа тема која е исклучително стручна, нема ниту едно експертско толкување. Убаво е новинарите, со текот на времето, искуството и знаењето да стануваат експерти, но за некои теми е погубно тие самите да се самопромовираат како самодоволни експерти.
Тенденциозниоста на текстот се препознава и во една друга негова линија: во конфронтацијата на демографските трендови на една етничка заедница наспроти таквите трендови кај другата. Тоа е новинарство од позиција на етноцентризам кое ги засилува ирационалните стравови кај една или кај друга етничка заедница.
Вака спротивставени, како во овој текст, без една подлабока и посеопфатна анализа зошто е тоа така, демографските показатели служат само како заплашување и за ништо друго.
Во прилог на ова наше тврдење одат и издвоените бројки кои се однесуваат само на податоците за движењето на бројот на гласачите, како и на бројките кои се однесуваат на новозапишаните ученици во основното образование. Повторно се конфронтираат податоци за само две етнички заедници, а згора на тоа, тенденциозноста се нагласува и со споредбата на демографските движења по етничка линија и кај нашите два соседи на северната граница – во Косово и во Србија.
Многу провидно, зар не? Уште еднаш ќе нагласиме, негативните демографски трендови имаат и пошироки и покомплексни влијанија и на нив треба да се приоѓа со особено внимание и претпазливост, но и стручно. Без да се злоупотребуваат податоците. На било кој начин и од било кој субјект.
Освен тоа, како е можно да се пишува на оваа тема, да се извлекуваат вознемирувачки поенти, а да не се спомене во ниту еден ред зошто не се спроведе пописот во 2011 година.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
не може да се утврди
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови