Публиката на МРТ се граѓани, а не само медиумски потрошувачи
Објавено во Новинарски лекции
on 27 - 10 - 2015 Автор: Зоран Бојаровски
Од аспект на граѓаните, на сите граѓани во Република Македонија, МРТ е многу повеќе од само уште една телевизија.
Пишува: Зоран Бојаровски
Во европските земји, модерните законски одредби за медиумите налагаат да се обрне особено внимание на потребите и очекувањата на членовите на општеството кога се во прашање медиумите. Она што е особено интересно кога се има предвид ова прашање, е дека принципите врз кои се изградени концептите на медиумите, имајќи го предвид значењето на јавните радиодифузни претпријатија, пред сѐ, како што е МРТ, да им се дава соодветна важност како на интересите на граѓаните, така и на интересите на потрошувачите.
Во медиумите со терминот „потрошувач“ првенствено се означуваат оние што бараат забава. Поимот „граѓанин“, од друга страна, од медиумски аспект, се однесува првенствено на онаа публика која е заинтересирана за јавниот живот и која настојува активно да учествува во него. Граѓаните од медиумите очекуваат да бидат релевантни извори на информации врз основа на кои тие ќе ги креираат своите ставови, постапки и акции.
КВАЛИТЕТОТ – ПРВЕНСТВЕНА УЛОГА
Континуираниот развој на дигиталните, мобилните и на комуникациските технологии им овозможуваат на медиумите продукциски околности да создаваат брзо и евтино широк спектар на забавни програми кои треба да ги задоволат потребите на медиумските потрошувачи.
За разлика од тој, потрошувачки ориентираниот концепт, примарната потреба на граѓаните е квалитетна и разнолична информација, која треба да им биде на услуга на граѓаните, да ги задоволи нивните културни потреби и нивните интереси како активни граѓани во општествената заедница. Како крајна цел, тој концепт треба да им овозможи на граѓаните учество во општествените процеси на ниво на дебата или на акција.
Се разбира, овој текст, заради потребата од разложност и елаборација, не крие дека во секојдневието, во реалноста, телевизиските гледачи, соодветно на нивните навики, се и граѓани и потрошувачи истовремено. Нема дефинитивна поделба граѓани и потрошувачи. Токму затоа, во една таква средина, и пред една таква публика, улогата на јавните радиодифузни претпријатија имаат исклучителна и деликатна улога да балансираат меѓу потребата на граѓанинот и на потрошувачот во еден ТВ-гледач.
Но, тоа никако не значи дека јавната телевизија треба да влезе во бесмислена трка и конкуренција со комерцијалните, кон забавни програми ориентираните, телевизии.
Квалитетот и на забавата и на информациите, мора да има првенствена улога кога станува збор за програмските содржини на јавните телевизии. Затоа, задачата на МРТ не е едноставна, но не е ниту невозможна. Напротив.
Како прво, ќе треба време, толку колку што е потребно, јавниот радиодифузен сервис да се деконтаминира од партиските вируси вградени во сите негови сегменти, како и да се обезбеди стабилно и независно финансирање.
МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД САМО УШТЕ ЕДНА ТЕЛЕВИЗИЈА
Но, да се вратиме повторно на аспектите на публиката и на јавниот редиодифузен сервис. Од аспект на граѓаните, за сите граѓани во Република Македонија, МРТ е многу повеќе од само уште една телевизија. Оттаму, ако направиме уште една споредба меѓу концептот на јавен ТВ-сервис и оној на комерцијалните телевизии, треба да нагласиме дека програмските содржини на јавните сервиси не зависат од бројот на публиката. Ниту, пак, од специфичните категории гледачи кои имаат, пред сѐ, потрошувачки навики, како и од рекламерите кои ја адресираат таа публика. Доколку избере таква стратегија, јавниот сервис ги губи од перспектива граѓани и нивните заедници, како и нивните приоритети и интереси.
Исто така, треба да се има предвид и фактот дека слободниот медиумски пазар, како и целта на медиумите да ги максимизираат профитите, во одредена мера може да биде пречка во протекот на информации од јавен карактер или за продукција на содржини од јавен интерес. Треба да бидеме реални и да имаме предвид дека интересите и потребите на граѓаните и на нивните заедници не се секогаш на иста линија со принципите на слободниот пазар. Напротив, за комерцијалните телевизии тоа претставува дури и сериозна пречка. Затоа, таков проблем немаат јавните телевизиски или радио-сервиси.
Целта на јавните сервиси не може да зависи и да се фокусира само на една тесна категорија граѓани или на една општествена категорија зашто тоа или ќе ги партизира, или ќе ги стави во иста рамка, како и комерцијалните телевизии ако нивна целна група се гледачите што ги диктираат рекламерите. Оттаму јавните радиодифузни сервиси треба да го пронајдат заедничкиот именител за програма што ќе ги задоволи граѓанските и потрошувачките интереси на различни сегменти од публиката. Зашто, доколку програмите адресираат само одредени општествени групи (партиско членство или симпатизери), ќе се соочи со маргинализација во општеството и со изместување на местото кое во јавноста треба да го има јавниот сервис.
Јавните радиотелевизиски медиуми симултано им служат на интересите и на потребите и на мнозинските и на малцинските заедници, како и на поединците, односно граѓаните на тие заедници, и само како такви сервиси ја исполнуваат улогата на посредници за вредности од јавен интерес.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).