verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Пропагандистите исплашени од можните промени во медиумскиот простор

on 8 - 09 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
„Буна“ против предизборниот медиумски мониторинг. Фото: DeviantArt

„Буна“ против предизборниот медиумски надзор. Фото: DeviantArt

 

 

Пропагандата е ставена пред тешки дилеми, да ги почитува професионалните стандарди, но во исто време да прекине да ги бомбардира граѓаните со лаги и со манипулации со што ќе се доведе во прашање рејтингот на владејачката структура

 

Пишува: Сеад Ризвановиќ

 

На 2 септември почна најавуваниот надзор на електронските медиуми од страна на Агенцијата за медиуми и новото ад хок тело за следење на програмата mirziamov.ru.

Она што може да се забележи на самиот почеток е дека спроведувачите на пропагандата во Македонија (ќе се препознаат кои се во текстот) се бледи, смрзнати, исплашени, испаничени од можноста да бидат казнети за информативното злосторство што го спроведуваат врз граѓаните веќе цела деценија.

Дел од професионалните медиуми, и овојпат, принципиелно како и досега, и за овој процес на медиумска предизборна регулација ги кажаа своите забелешки и критики.

Вистинските новинари кажаа што мислат и за ад хок телото и за новиот уредник во МТВ. Една од главните критики е дека се работи за партиски решенија и дека токму партизацијата на медиумите и досега беше еден од најголемите проблеми.

Но, она што ги одвојува професионалните новинари (кои покрај сите критики сè уште ги има) од пропагандата е дека тие, и покрај своите забелешки, ќе работат според препораките на Агенцијата за медиуми, ќе ги почитуваат и стандардите на ОБСЕ и ОДИХР за медиумско известување пред избори, а ќе работат и според своите морални и етички стандарди, водени од принципите на професионалното новинарство.

А црната пропаганда што ќе прави? Пропагандистите се ставени пред тешки дилеми да ги почитуваат професионалните стандарди, но во исто време да прекинат да ги бомбардираат граѓаните со лаги и со манипулации со што ќе се доведе во прашање рејтингот на владејачката структура.

Од друга страна, можат да продолжат да работат како досега и да бидат соочени со плаќање високи казни, се разбира, со надеж дека казните ќе им бидат платени од нивните нарачатели, но и тука за нив постои проблем. Што ако партијата што ги издржува некако изгуби на следните избори, што ако се смени целокупната демократска атмосфера по декември, ќе останат ли со казните в џеб?

Токму затоа најголеми противници на новиот начин на надзор на медиумите се токму тие, уништувачите на вистината во Македонија, сејачите на лажната реалност и спроведувачите на најдолната, најсрамната и најцрната епизода во поновата историја на македонските медиуми.

Тој медиумски полусвет сега хистерично вреска и божемски прашува зошто се мери баланс, како се мери тон во медиуми, како да измерат дали известуваат во корист на власта или на опозицијата. Тоа се одговори кои тие многу добро ги знаат, но со своите прашања само предизвикуваат реакција на гадење од јавноста која гледа што прават со години, а сега се прават и наудрени.

 

ЕМ ШУТО, ЕМ БОДЕ

Како поинаку да се опише оваа реакција, освен со народната поговорка „Ем шуто, ем боде“? Бидејќи, за волја на вистината, повеќето од луѓето кои сега ја спроведуваат пропагандната стратегија на власта се долгогодишни медиумски работници, намерно избегнувам да кажам новинари или професионалци, бидејќи тоа престанале да бидат во одреден момент од нивната кариера.

Овие луѓе многу добро знаат како се работи професионално и според новинарски стандарди. Тие не се неуки, туку намерно избрале да бидат спроведувачи на пропагандата за висок паричен надомест. Затоа ова што сега го прават пропагандистите не смее да биде заборавено, ниту простено. Бидејќи не се работи само за проста медиумска битка или новинарска суета, туку за спроведување на вистинско злосторство против сопствената нација или држава.

Не знам дали тие луѓе се свесни дека со прикривањето на аферите на власта, со намерното неосновано напаѓање на опозицијата, со уривањето на механизмот за медиумска корекција на забеганоста на власта, уништуваат човечки животи, уништуваат судбини на цели семејства, на нивните сегашни и неродени деца, го уништуваат секојдневието на луѓето кои проживуваат монтирани полициски и судски процеси, влијаат врз здравјето на луѓето, кои поради нефункционалниот здравствен систем, живеат без добра лекарска нега, немаат лекови.

Можеби пропагандистите заборавени во своите пари и имот поинаку би реагирале кога би биле соочени со своите жртви. На пример, ако мајка им го донесе своето мало дете кое се мачи, бидејќи инсулинот кој сега го прима не му делува исто како и претходниот. Се разбира дека на нивните медиуми нема да видите прилог како здруженијата на пациенти се жалат дека новиот поевтин инсулин не дејствува како претходниот и дека тоа се случува поради политиките на министерот за здравство Никола Тодоров. Дали кај овие луѓе, можеби, би проработила емпатијата кога би погледнале дете во очи кое се мачи и би се сетиле како би се чувствувале тоа да се случува на нивното најмило?

 

ЗА НАДЗОРОТ НА ПОРТАЛИТЕ

На крајот, гледам дека се создаде и дебата дали и интернет-порталите требаше да бидат вклучени во ова медиумско мерење. Сакам да потсетам само дека при носењето на Законот за медиуми, речиси сите слободно-мислечки граѓани застанаа против предлогот интернет-порталите да бидат дел од законот. Аргументите беа дека со тој потег власта сака да воведе цензура и во овој дел од медиумскиот простор кој се смета за слободен. Јас, за разлика од некои, и тогаш и денес останувам на истиот став, регулација на интернет-просторот не треба да има.

Моите аргументи се следните: се работи за материја која е многу тешко да се регулира, постојат безброј начини порталите да ја заобиколат блокадата и да пишуваат што сакаат.  Доколку порталите претераат со непрофесионалноста и непрестано шират лаги, клевети, манипулации, постојат и други закони, како законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, кои можат да бидат употребени. Мислам дека интернет-просторот треба да се саморегулира, според пазарната логика на понуда и на побарувачка.
Покрај тоа, сите истражувања покажуваат дека публиката во Македонија речиси 90 отсто се информира од телевизија, така што регулацијата на порталите би одзела многу време и енергија, а ефектите би биле минимални.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).