verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Успесите на владата од почеток до крај, како на неколку дена пред избори

on 13 - 10 - 2015       
Untitled-site-poplavi ministri-lines
„Министерски поплави“. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ од 19 часот на 12 октомври 2015 година]

Тоа што може да се заклучи за овој ТВ-дневник е дека целиот, од првиот до последен прилог, беше пропаганден. Немаше ниту еден критички осврт. Вестите беа несодржајни, необјективни.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Временска непогода или природна катастрофа стана „идеален“ момент за пропаганда. Ова се случи во текот на централниот дневник на телевизија „Сител“ од 19 часот на 12 октомври 2015 година. И кога ќе помислите дека првата вест ќе биде репортажа од  поплави, причините за нив и изјавите од мештаните, начекувате шокова состојба и прилог кој почнува со следениве зборови:

„Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска го посети Куманово и направи увид во состојбата со поплавените подрачја во текот на изминативе денови предизвикани од обилните врнежи. Тој заедно со пратеникот Зоран Ѓорѓиевски и со неколку функционери од државните органи  ги слушна маките на граѓаните кои мака мачат да ја испумпаат водата од своите подрумски простории. Пешевски рече дека причините секако дека се врнежите, но и ненавременото чистење на каналите од локалната власт, како и несовесноста на граѓаните кои фрлаат ѓубре во реката.“

По ударниот почеток, прилогот продолжи и заврши со напад врз општинската власт:

„Оштетените граѓани се жалеа дека освен територијалната противпожарна единица од Куманово, ниту една друга институција, ниту, пак, локалната власт им излегле во пресрет.“

Истото темпо дневникот го задржа и во вториот прилог, кој се однесуваше на поплавите во Охридско. Како и првиот, во истиот стил, со пропагандни алатки почна и ова известување:

„После обилните внежи од дожд се стабилизира состојбата во Охрид. Министерот за транспорт и врски Мисајловски заедно со градоначалникот Бакрачески и претставници од локалната самоуправа денеска беа, а терен на најкритичните места кои беа погодени од невремето. За 12 часа 95 отсто од поплавените места се надминати, а санирани се и свлечиштата и одроните кои се појавија на патниот правец Охрид – Св. Наум, во Велгошти и Лакочереј.“

Во третиот прилог, повторно министер во првата реченица. Како и во најавата, дека министерот за одбрана Зоран Јолевски бил во обиколка на поплавените места во Мала Речица, Тетовско:

„Во Мала и Голема Речица втор ден се расчистуваат наносите од градежен шут, земја и камења кои по силниот дожд надојдоа во саботата. По втор пат за нешто повеќе од два месеца овој пат во помал обем селата се соочија со истиот проблем.

Акциониот план на Владата со кој ќе се уредат речните корита е дел од подолготрајното решение за избегнување на вакви последици.“

Дури и од трагичен настан, телевизијата во својата информативна емисија направи прилог според потребите на стратегијата за односи со јавноста. Па, по веста дека загинало момче кое се излизгало од патот поради поплавите, едвај се дочека прилогот да „поентира“:

„Градоначалникот Марјан Ристески изјави дека во текот на вчерашниот и денешниот ден превентивно се состана Кризниот штаб и состојбата се следи.

Водостојот на Црна Река е зголемен за цели два метра, а се контролира водостојот на Градската Река. Поголеми проблеми имаше во низинскиот дел на Пелагонија, во селата Мало и Големо Коњари и Галичани. Во селото Галичани во три куќи влезе вода во подрумите, а под вода има земјоделски површини во атарот на селото Загорани каде проблемот е со подземните води, рече Ристески.“

Овој дел од дневникот не беше содржаен и целосен затоа што имаше реакција од политичките партии за поплавите, која дневникот не ја пренесе, иако поради објективноста тоа требаше да го стори. Гледачите ќе добиеја целосна слика за тоа што се случува и самите ќе можеа да проценат кој е виновен и кој колку направил да се спречат овие сотојби. Така, гледачите на дневникот не разбраа дека СДСМ имаше реакција за поплавите во Прилеп во која рекоа:

„Поради неисполнувањето на обврската за чистење на каналите и речните корита, и непрофесионалноста на надлежните во Ј.П. Прилепско поле, како и поради неодговорноста на т.н. Кризен штаб во општина Прилеп, куќите и шталите се повторно под вода! Отштетите од јануарските и февруарските поплави се уште не се исплатени, штетите не се санирани, а жителите веќе се соочуваат со нови штети по својот имот, куќи и ниви. Бараме надлежните веднаш да излезат на терен и да ги преземат обрвските за кои се платени од граѓаните на општината и жителите на селата во прилепско, а за досегашните штети граѓаните да добијат оштета.“

По пропагандниот прв дел од дневникот, кој се однесуваше на поплавите, почна второто рекламно полувреме, овојпат политичко.

Прилогот, кој инаку е преземен од порталот „Курир“, почнува со коментар:

„СДСМ предлага апсурдни решенија со кои сака да ја изигра дијаспората и со тоа прави проблеми и во запазување на другите рокови прецизирани со договорот од Пржино како што е објавувањето и именување на министри и заменици на министри, пишува порталот Курир.“

Тој е нецелосен и едностран. Кога се прави еден ваков прилог, ред е да ја има и втората страна, токму и поради тоа што потпретседателот на партијата, Дамјан Манчевски, имаше изјава на оваа тема. Но, кога се прави тоа, си има станарди за пренесување. Не е доволно да се каже само дека тој имал реакција и да се пренесе небитниот таканаречен поздравен дел од изјавата.

Тоа што требаше да го има овој прилог за гледачите да бидат информирани, го имаше по другите медиуми. Иако прилогот имаше дел од изјавата на Манчевски, таа не беше пренесена во целост. Клучниот дел од изјавата ја немаше:

„Колку и да сака да прикаже дека СДСМ е против гласањето на нашите луѓе од дијаспората, тоа едноставно не е точно. Најголем контраргумент е тоа дека дијаспората ЌЕ гласа. Правото на глас на нашите сонародници единствено беше загрозено од Никола Груевски, кој сака на евтин начин, со само неколку стотини гласа, со амбасади претворени во штабови на ДПМНЕ, да добива пратеници.“

Ударниот прилог во дневникот беше за специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Тој беше направен без аргументи, на база на шпекулации и без потврда од Јанева. Исто така, прилогот не оддава чувство дека таа била побарана за консултација или за изјава.

Прилогот подоцна беше објавен на сите провладини медиуми. Тој е полн со обвинувања и со неаргументирани тези. Нема ниту изјава од некој експерт кој е упатен во проблематиката за да потврди, или, пак, да негира дали парите што таа ги побарала се многу или малку. Сето тоа го немаше во овој прилог, а целиот е со коментари кои се интегрирани во текстот.

Во ова излагање, имаше обвинувања дека СДСМ подготвува кадри кои би се вработиле во ова јавно обвинителство, но не е побарана изјава од партијата.

Во третиот блок од овој ТВ-дневник беа прераскажани, во посебни прилози, делови од излагањето на премиерот Никола Груевски, кој само еден ден претходно имаше интервју на оваа иста телевизија. Овој прилог со реклама-текстовите за „успесите“ на власта продолжи и во делот за економијата.

Ваквите прилози се редеа по следниов редослед:

Државата ќе гради нов студентски дом со капацитет до 1.000 студенти

Груевски: Две американски компании ќе објават инвестиции во Македонија во ноември

Како и во целиот дневник, пропагандата беше застапена и во економскиот блок, па „фалбаџиските“ вести продолжија со прилогот Словенија учи од Македонија: Ослободување на придонеси за газдите кои ќе вработат лица постари од 50 години:

„Газдите кои ќе вработат  повозрасни лица над 50 години ќе бидат ослободени од придонеси. Како Македонија, и Словенија  најде начин да ги мотивира работодавачи да вработуваат повозрасни лица. Се бара решение и за проблемот со вработување на младите. Голем дел од нив или се без работа или работат без договор, еден ден се вработени, другиот веќе можат да добијат отказ. Проблем во земјата е и високиот процент на сивата економија.“

Вестите од светот беа покриени само со еден порилог и тоа за бомбашкиот напад во Анкара, а имаше уште две вести во блокот за спортот.

Тоа што може да се заклучи за овој ТВ-дневник е дека целиот, од првиот до последен прилог, беше пропаганден. Немаше ниту еден критички осврт. Вестите беа несодржајни, необјективни. Кога се гледа овој дневник, се има чувство дека се наоѓате на само неколку дена до изборите. А тие се далеку. Дури на 24 април 2016 година.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).