verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Пропаганда не е исто со информирање – за пропагандни пораки се плаќа

on 21 - 10 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски
За пропаганда се плаќа - барем така треба да биде. Фото: пиксабеј
За пропаганда се плаќа – барем така треба да биде. Фото: пиксабеј

 

 

Информирањето подразбира дека се поставуваат прашања, се анализира, се става во контекст, се следи одредена развојна линија, се преиспитува, се бараат дополнителни информации…

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

Според членот 2 од Законот за медиуми,

Медиуми се средства за јавно информирање, односно каков било вид комуникација како весници, магазини, програми на радиото и на телевизијата, телетекст и други средства за дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика, за да се информираат и да се задоволат културните, образовните и другите потреби на пошироката јавност.

Медиуми не се билтени, каталози и други форми на публикации, независно од средството за објавување, наменети исклучиво за огласување во образовниот систем или за деловна коресподенција, за работата на трговските друштва, установите, здруженијата, политичките партии, државните и судските органи, јавните претпријатија, правни лица со јавни овластувања и верските организации.

Информирањето подразбира дека се поставуваат прашања, се анализира, се става во контекст, се следи одредена развојна линија, се преиспитува, се бараат дополнителни информации…

Ова значи дека кога една информација се пренесува на истоветен начин како што е искажана од одредена политичка партија (односно целокупната содржина се исцрпува со објавата на една политичка партија, особено кога таа содржина претставува реклама за стореното на таа политичка партија или на некој државен орган под раководство на таа партија), кога не се поставуваат прашања поврзани со содржината на една ваква објава и кога отсуствува критичко преиспитување на кажаното (спротивставување на различни мислења и аргументи), со голема веројатност станува збор за ситуација во која медиумот од средство за информирање се претворил во билтен на одредена политичка партија.

Како пример за опасноста медиумот да се претвори во партиски, односно државен билтен, може да се земе известувањето за новите странски инвестиции што доаѓаат во Република Македонија дадено во неколку медиуми

Со секој од овие написи, конкретниот медиум наместо да ја информира јавноста, прифатил улога на огласувач на пораките на една политичка партија, односно се претворил во гласило на таа партија.

Што недостига за горните текстови да станат информации наместо партиски известувања?

Прво, недостигаат прашања во врска со основните податоци што се нудат во текстовите. На пример: врз основа на што е проектирана бројката на можни вработувања и временскиот период за кој се однесува оваа проекција? Која е заднината на секој од носителите на инвестицијата? Дали имало друг начин да се рестартираат старите погони или да се отворат нови погони, освен нивно давање на странски инвеститор?

Второ, недостигаат прашања поврзани со условите под кои е склучен договорот со македонската влада. На пример: дали и во овие инвестиции (како во многу претходни) македонската држава ќе учествува со свој влог во вид на ослободување од плаќање законски давачки поврзани со социјалното и со здравствено осигурување на работниците? На кој начин се дефинирани обврските кон работниците (вработените), обврските кон државата и санкциите во случај на прекршување на договореното?

Трето, недостига анализа на овие нови инвестиции ставена во контекст на досегашните инвестиции и споредба со резултатите од претходните, а на истоветен начин најавувани инвестиции.

Четврто, недостига анализа на ефектите (краткорочни и среднорочни) од претходните инвестиции врз македонското стопанство и нивото на вработеност во Република Македонија и негативните искуства и начините на кои овие нови инвестиции ќе ги адресираат и ќе избегнат веќе воочените проблеми поврзани со инвестициите што доаѓаат однадвор.

Петто, недостига елементарно проверување на изнесените податоци и нивно ставање во контекст на изјавата во целост.

На пример, под насловот “МИЗО: СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ КРЕИРАА НОВИ 17.000 РАБОТНИ МЕСТА“ е дадена изјавата на директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо:

„Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо во дискусијата „160.000 нови работни места“ истакна дека инвестирањето на странските компании влијаело на намалувањето на невработеноста.

Намалувањето на невработеноста од 38 на 24 проценти е многу важна, истакна Мизо и додаде дека потоа ќе следува и зголемување на платите.

Како што посочи странските компании досега имаат креирано 17.000 работни места, а до крајот на годината се очекува бројката да достигне и до 18.000“.

За оваа изјава да стане информација, а не реклама, медиумот кој ја пренел требало да побара одговор на прашањето дали 17.000 работни места е вкупниот број работни места кои се оствариле како резултат на странските инвестиции или, пак, само за една година. Доколку станува збор за вкупниот број вработени како резултат на странските инвестиции, се поставува прашањето колкав број од овие луѓе се сè уште на работа, а колкумина веќе не се? Каква е заштитата на работните права на работниците кои се на работа? Колкави се платите, а колкави се издвојувањата од буџетот за овие вработени? Што и колкава е добивката на странскиот инвеститор?…

Никој не ја спори потребата и можноста политичките партии да имаа свои гласила преку кои ќе ги пласираат сопствените програми, ќе се претставуваат пред граѓаните и ќе ги пропагираат своите активности. Меѓутоа, граѓаните не смеат да бидат доведени во заблуда и да мислат дека добиваат информација, а наместо тоа – добиваат пропагандна порака.

Никој не ја спори фактичката ситуација кога одделни гласила се поблиски кон една или друга политичка опција. Меѓутоа, постојат минимални стандарди кои мора да бидат исполнети за да може одреден текст да биде прифатен како информација, а не како пропагандна порака. Во отсуство на овој минимум стандарди, станува збор за свесно дезинформирање на граѓаните.

Заблудата кај граѓаните е „забетонирана“ поради фактот што редица од тие гласила се регистрирани и истапуваат како „медиуми“, па дури и со т.н. „национална концесија“. Од друга страна, и вистинските медиуми и новинари во своите јавувања ги ословуваат или наведуваат овие партиски гласила како „медиуми“, иако се или би требало, врз основа на членот 2, став 2 од Законот за медиуми, да бидат свесни дека се работи за пропагандни центри. И не смеат да се колебаат работите да ги титулираат во согласност со фактичката состојби. Или, пак, во одговор на нападите од партиските гласила – и самите да се спуштат на тоа ниво.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).