Прикриени острите критики од Брисел за политичката криза, натежнуваат фалбите за Владата
Објавено во Рецензии
on 13 - 11 - 2015 Автор: Оливера Војновска
[Рецензија: Аналитичари: Седмата препорака потврда за реформскиот курс]
Имаме нагласено необјективен прилог во кој извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е презентиран со диоптријата на власта. Овој спинерски материјал, кој натежнува од фалби за Владата, ги прикрива острите критики од Брисел за политичката криза, судството, економијата, меѓуетничките односи, борбата против корупцијата, (не)почитувањето на човековите права, слободата на медиумите…
Линк до оригиналниот напис: Аналитичари: Седмата препорака потврда за реформскиот курс
Датум и време на објавување: 10.11.2015, 17:36
Датум на рецензирање: 12.11.2015
Рецензент: Оливера Војновска
ПРЕМОЛЧУВАЊЕ
Прилогот што е пред нас се повикува на официјален документ, но селективно го прикажува.
Во него е премолчено дека во новиот Извештај од Брисел, се посочува дека Македонија минува низ најтешката политичка криза од 2001 година.
„Пресретнатите разговори во кои наводно се вмешани високи владини функционери, сугерираат прекршување на основните права, мешање во независноста на судството, слободата на медиумите и изборите, како и корупција.“
Исто така, во овој напис не се кажува дека според описните оцени (назадување, нема напредок, одреден напредок, добар напредок и многу добар напредок) што ги дава Европската комисија во Извештајот, Македонија назадува во областа на судството и делот на слободата на изразување, а нема напредок во областа на борбата против корупција, функционирањето на пазарна економија и во регионалната политика.
Медиумите објавија и анализи од кои може да се види дека Македонија добила најслаби оценки од Брисел за напредокот во изминатите 12 месеци во споредба со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора во делот за борба против корупција, борба против криминал, судство и слобода на изразување.
ВОСПЕВАЊЕ НА ВЛАСТА
Материјалот што е предмет на оваа рецензија на самиот почеток ја воспева власта дека е посветена на реформите и дека Брисел го препознал тоа. Таква порака испраќа уште со претенциозниот наслов во кој се генерализира: „Аналитичари: Седмата препорака потврда за реформскиот курс“.
Во прилогот, меѓутоа, не се прикажани повеќе гледишта, туку изјава само на еден аналитичар – Владимир Божиновски. Неговата мисла, пак, намерно е предимензионирана и издигната на ниво на доминатен став на македонската експертска јавност.
За разлика од оцената на Божиновски, во дел од медиумите можеа да се видат сосема спротивни коментари. Како, на пример, дека во овој извештај првпат отворено (а не како досега дипломатски завиено), се упатени експлицитни критики на адреса на власта и дека Македонија добила најкритички извештај досега.
Некои економски аналитичари сметаат и дека Владата треба сериозно да ги земе предвид забелешките од Европската комисија во однос на јавниот долг, отстапките во среднорочнатата фискална стратегија, пробивањето на првично зацртаните цели на дефицит, како и во однос на структурните промени на економијата и развојот на пазарот на трудот.
Но, наспроти критичкиот тон на извештајот, овој наменски прилог во јавноста креира розова слика дека власта спроведува успешни реформи, поради кои е добиена седмата препорака за почнување на преговорите со ЕУ – условена само поради лошата опозиција! А, таа, за среќа, не успеала со „деструктивното однесување“ да го опструира маестралниот реформски процес на Владата!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални
2 извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови