Презумцијата на невиност не смее да се заборави
Објавено во Рецензии
on 3 - 02 - 2016 Автор: Владо Ѓорчев[Рецензија: ФОТО: Зоран Заев – магнет за криминалци]
Текстот што го рецензираме се потпира на неофицијални информации, за наводни криминални дејства на луѓе што биле во близина на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, но во него нема никаква поткрепа за тоа. И покрај тоа што се напаѓа Заев, во написот нема негова изјава, а нема индиција ниту дека за тоа е побаран став од него или од партијата.
Линк на оригиналниот напис: ФОТО: Зоран Заев – магнет за криминалци
Датум и време на објавување: 29.01. 2016,10:17
Датум на рецензирање: 01.02.2016
Рецензент: Владо Ѓорчев
ИЗВРТУВАЊЕ ТЕЗИ
Прво што мора да се каже за овој текст е дека не се почитува презумцијата на невиност. Во новинарството мора да се знае дека со повреда на презумцијата на невиност, не сакајќи, може да се предизвика многу голема штета врз човечките животи.
Во член 13 од Уставот на Република Македонија јасно се дава до знаење дека „лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино, сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука“. Истата одредба се предвидува и со Законот за кривична постапка.
Сепак, во текстот се пласира тезата дека:
„Против Јусуфи полицијата има поднесено кривична пријава за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи“, а полицијата го гони уште од октомври 2013-та година.“
Првото прашање што се поставува по овој пасус е зошто од 2013 година досега не е процесуирана пријавата, а, притоа, читаме, има обид за тоа да се обвини сегашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски?!
Ако има поднесено само кривична пријава, како што се тврди во текстот, тоа значи дека тој не е ниту обвинет, ниту осуден, што значи дека е невин додека не се докаже спротивното.
„Како што може да се види и од фотографиите Џани очигледно е достапен за Зоран Заев, но не и за полицијата предводена од технички назначениот министер Оливер Спасовски. Засега нема одговор дали Џани е на слобода заради тоа што Спасовски го штити, а неговиот лидер ги користи услугите или постои друга причина поради која тој е се уште на слобода.“
И во овој пасус има извртување на тезите, со тоа што се тврди дека Џани е достапен за Зоран Заев. Фотографијата е од собир на граѓани во скопско Арачиново, на кој присуствувал и претседателот на опозицијата. Тој на такви настани не може да претпостави кој сè ќе присуствува и кој ќе застане до него, а не се наведува податок и дали Заев го познава наводниот Џани. Затоа не држи тезата дека:
„По ова, останува да видиме дали Заев ќе пријави во полиција дека забележал осомничен кој се гони за нелегално поседување оружје.“
Истата практика со обвинување продолжува и до крајот на текстот. На Заев му се лепат етикети дека седел на иста маса и со бугарскиот политичар Јордан Чипев. Точно е дека тој е обвинет за фалсификувани документи, но во текстот го нема податокот дека тој е осуден условно. Заев во овој случај можеби имал листа на имиња на составот на бугарската делегација, но, прво, не мора да ги проверува сите имиња на гостите, туку аранжманот на договорот за посетата се прави со лидерот на партијата, а, второ, секој човек и да се огрешил кон законот, ако е завршена целата правна процедура, повторно се смета за слободен граѓанин што ги ужива сите граѓански права.
За фотографијата со Захир Бекири-Чауш, повеќепати е истакнато дека тој засега е само осомничен, а не и осуден. Башка што во текстот е заборавена изјавата на Заев дадена за Чауш, за кој вели дека е член на СДСМ, додавајќи дека и Никола Груевски е осомничен за криминал, па постојано седи на иста маса со него.
Текстот нема содржајност, читателот не може да најде елементи на проверка на информациите, може само да верува дека споменатите лица се токму тие од фотографиите и, што е најважно, не се почитува презумцијата на невиност. Оттука станува збор за текст во кој недостигаат задолжителни професионални и етички правила во новинарството, содржани во теоријата и во кодексите, вклучувајќи го и Кодексот на ЗНМ.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални, анонимни
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор, наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови