verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Преку шпекулација до дискредитација

on 19 - 09 - 2016       

fireshot-capture-35-foto_-shto-barashe-osudeniot-za-kriminal_-http___vecer-mk_makedonija_foto-sh

 

Пред нас имаме една лесна задача – да рецензираме текст чија единствена функција е да дискредитира, да навреди и да омаловажи, притоа не одбирајќи зборови. Тој содржи и информација, и тоа во форма на шпекулација, која во услови на вжештен предизборен амбиент има пазарна вредност, но впечаток е дека и таа е пласирана само како параван зад кој се крие вистинскиот мотив, а тоа е да се искористи секоја можност за оцрнување на политички неистомисленик.

Рецензија: Шпекулацијата - предјадење, на менито- бламирање на противникотЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Што бараше осудениот за криминал Љубе Бошкоски на средба со техничкиот министер Спасовски?

Датум и време на објавување: 16.09.2016, 15:37

Датум на рецензирање: 18.09.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

Шпекулацијата што ја донесува текстот е следнава: Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, контактирал со опозициониот Социјалдемократски сојуз во предвечерје на вонредни парламентарни избори, а средбата се случила во кабинетот на министерот за внатрешни работи од СДСМ, Оливер Спасовски.

Од аспект на вистинитоста, оваа вест може да биде точна или неточна, но за читателската публика неминовно е интересна. Во предизборен период вакви вести секогаш се доста барана стока. Изворите на информацијата се непознати, затскриени, така што шпекулативноста на информацијата е очигледна.

ДВАПАТИ ОСУДЕН

Но, потоа следува оној дел што е помалку интересен, односно кој мора да се оцени со најниски оценки, тргнувајќи, како од новинарските стандарди, така и од професионалната, па и општоприфатената човечка етика.

„За што разговараа денес во канцеларијата на министерот, генералниот секретар на СДСМ Спасовски и осудениот за криминал Бошкоски? Ваквата средба на министер во МВР со осуденик е во најмала рака скандал, за кој одговор на јавноста ќе и должат двете страни“.

Што попрво да се рецензира во ова мало, но преполно со малициозност, парче текст? Љубе Бошкоски во целиот напис доследно се именува како „осудениот за криминал Бошкоски“, опширно се пишува за случајот кој доведе до негово апсење, се цитира обвинението, деталите од случајот, постирана е дури и тајно направената снимка на разговорот на Љубе Бошкоски за негово наводно продавање на името на државата за 70.000 евра… Написот слободно можел да биде и со наслов „Да потсетиме за што сè е виновен Љубе Бошкоски?“

Заборавено е едно едноставно правило – дека секој човек, откако ќе ја издржи казната за делото за кое бил осуден е слободен човек, а со тоа рамноправен член на заедницата. Ваквиот третман на Бошкоски во текстот нема друга функција освен да дискриминира, бидеќи го надминува обемот на вообичаеното новинарско потсетување на јавноста и дефинитивно не е во функција на објавената шпекулација.

Тргнувајќи од општите дефиниции за дискриминација, ваквиот третман на Бошкоски во овој напис е пример за дискриминација врз основа на поранешен статус (односно статус на бивш осуденик) и значи повреда на неговите човекови права , но во заднина на целиот текст се наѕира и дискриминација според политичка припадност, бидејќи станува збор за личност која е во конфликт со политичката опција на власт, а која е фаворизирана од медиумот.

„Директна дискриминација постои кога едно лице или лица што се или за кои се претпоставува дека се заедно со такво лице се третира понеповолно од друго во слична ситуација, врз основа на еден или на повеќе од основите на дискриминација“.

Треба да се потсети дека

„Етичкиот и професионалниот кодекс на новинарите им налага посебна одговорност за јавно искажаниот збор. Нивните ставови се важни фактори во обликувањето на јавното мислење, поради што говорот на омразата е неспоив со новинарската етика“.       

Патем, во правото постои правилото наречено:  Non bis in diem, или во слободен превод: „Не може едно исто лице двапати да биде осудувано“, a овој напис, преку потенцирањето на сите детали од случајот на Бошкоски, токму тоа го прави – повторно му суди и го осудува пред јавноста.

СО КОГО СМЕЕ ДА СЕ СРЕЌАВА БОШКОСКИ?

Да се нарекува скандал тоа што човек што ја издржал својата казна до последен ден и откако излегол на слобода се сретнал со министер за внатрешни работи е невкусно и неосновано тврдење, а уште помалку држи вода тоа дека овие двајца луѓе ѝ должат оправдување на јавноста. Како политичари, јавноста може од нив да побара одговори дали и за што се сретнале, а потоа самата да процени дали дадените одговори ѝ се допаѓаат или не.

Патем, би можело да се забележи и дека е малку веројатно двајцата воопшто да оствариле средба во министерскиот кабинет во МВР, доколку не сакале тоа да биде забележано, што во основа ја прави оваа шпекулација „на стаклени нозе“.

Сите овие елементи укажуваат на тоа дека овој напис не информира, туку дискредитира.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

политичка дискриминација,

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

не апликативно

има контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови