Преговори за регулација на медиумите и борба за статус кво ситуација
Објавено во Колумни
on 18 - 02 - 2016 Автор: Сеад Ризвановиќ
2011 беше кобна за слободата на медиумите, бидејќи по полициско-судско-даночната акција, силно поддржувана од тогашниот премиер, Никола Груевски, се затворија медиумите со кои управуваше Велија Рамковски. Јавноста останата без „А1“ и „А2“, „Време“, „Шпиц“, „Коха е ре“, „1Е“, а се отвори и процесот познат како „Пајажина“, кој стана репер за прекршување на правата на притворениците, кршење на процедурите и за свиткување на ’рбетот на критичките уредници и новинари.
Пишува: Сеад Ризвановиќ
Додека јавноста се забавува со деталите што произлегуваат од преговорите за предизборна регулација на медиумите, во реалноста не се случува ништо ново.
Згасна уште еден медиум, но овојпат не во материјална, туку во суштинска смисла. Управата на МПМ реши да не му го продолжи договорот на главниот уредник на весникот „Вест“, Горан Михајловски, и на тој начин де факто ја егзекутира критичната нишка што весникот ја негува веќе 15 години.
Иронијата на постапката со која се уништи „Вест“ е поголема зашто се случува во време кога преставниците на власта го убедуваат посредникот во преговорите Питер Ванхауте дека ништо не му недостига на македонскиот закон за медиуми webbanki.ru<.
ЗАКОНИ НА ЕУ, АМА НЕ ЗАКОН НА ЕУ-ПОСРЕДНИКОТ
Хорски повторуваат преговарачите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе прифатат закон од која било земја на Европската унија, но нема да прифатат закон од посредникот кој е поддржан од истата таа Унија.
Во исто време, преку главниот поддржувач на власта, телевизијата „Сител“, дојде она срамно интервју со лидер на политичка партија кое сигурно ќе влезе во аналите на македонската медиумска сцена.
Веднаш по интервјуто дојдоа твитовите на Аиво Орав и на Џес Бејли, од кои се доби впечаток дека амбасадорите седеле подготвени со прстите на телефоните и само чекале да заврши интервјуто, за кое знаеле како ќе заврши.
Се разбира дека однесувањето на уредникот на „Сител“ дојде како клинец во обидите на власта да продаде магла дека Македонија нема проблем со медиумските слободи. Така, според народната „секое лошо за некое добро“, провладината пропаганда преставена преку ова интервју ќе придонесе за реално подобрување на крвната слика на медиумите.
Кога се опишува или докажува состојбата со слободата на медиумите или слободата на печатот во Македонија, секогаш се цитираат извештаите на „Фридом хаус“, Стејт департментот, „Репортери без граници“ или европските извештаи.
Веќе се здодевни податоците за бројките и ранг-листите, во кои Македонија се става во друштво со Зимбабве, или радикалниот пад од 90 места на листата која ја оценува слободата на говорот, па можеби е подобро да се посочат конкретните проблеми на пропагаторите на „нормалноста“ на сегашната ситуација.
ПРОЅИРНА ЛАГА ЗА МЕДУИМСКАТА НОРМАЛНОСТ ВО МАКЕДОНИЈА
Опаѓањето на моќта на печатот и ерата на интернетот станаа секојдневие, па така веќе не ни забележуваме дека не постојат веродостојни аналитички неделни весници, освен „Фокус“, кој некако опстојува, или „Република“, за која некој можеби и смета дека е нормален неделник.
А, некогаш имаше неделници. Па, така, во 2009 година се затвори неделникот „Глобус“ со кој управуваше Бранко Тричковски. Во 2011 година згасна и „Форум“, каде главен уредник беше Атанас Кировски.
Во 2009 година од позицијата главен уредник на „Канал 5“ беше сменет Ацо Кабранов, а на негово место дојде Лидија Богатинова, под чија палка медиумот според сите релевантни извештаи стана пропагандистички.
2011 година беше кобна за слободата на медиумите, бидејќи по полициско–судско–даночната акција, силно поддржувана од тогашниот премиер Никола Груевски, се затворија медиумите со кои управуваше Велија Рамковски. Јавноста останата без „А1“ и „А2“, „Време“, „Шпиц“, „Коха е ре“, „1Е“, а се отвори и процесот познат како „Пајажина“, кој стана репер за прекршување на правата на притворениците, кршење на процедурите и за свиткување на ’рбетот на критичките уредници и новинари.
Во некогаш нејрелевантниот дневен весник „Дневник“ дојде до низа смени на уредничките позиции, за денеска весникот да се претвори во медиум кој од насловните страници најчесто води кампања насочена против опозицијата или фаворизирачка кон власта.
По затворањето на „А1“, освен „Телма“, како единствена критичка телевизија истана „Алфа“, а во 2013 година и тој медиум почна да пречи на големиот инквизитор. По чудната продажба на „Алфа“, дојде и оставката на уредникот Зоран Иванов и неговата смена со Коле Чашуле, со кој „Алфа“ стана медиумот што го познаваме денеска.
PS: Минатата недела во Скопје се потпиша повелба за етичко известување на медиумите, која ја потпиша и „24 Вести“. Кога колегите од Советот за етика во медиумите ме прашаа дали „24 Вести“ ќе ја потпише повелбата, им одговорив дека нашиот медиум константно работи под принципите кои стојат во понудената повелба и дека немаме никаков проблем да ја потпишеме. Сепак, кога на потпишувањето на повелбата се појавија уредници и претставници на „Сител“, „Канал 5“, „Вечер“ и низа други јавни гласила, искрено видов дека се работи само за декларативно потпишување и помислив дека можеби требаше да го повлечам својот потпис.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).