Празно сензационално предупредување
Објавено во Рецензии
on 15 - 08 - 2016 Автор: Александар Пешев
[Рецензија: ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Доаѓа пороен дожд, грмежи, силни електрични празнења и ветер]
Кога се известува за чувствителна тема како можен ризик од влошување на ситуацијата на лица погодени од елементарна непогода, нема место за сензационализам. Особено проблематично е што имаме текст кој се сведува на временска прогноза и не дава одговор на клучното прашање: ако повторно заврне, дали ќе има нови поплави?
Линк до оригиналниот напис: ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Доаѓа пороен дожд, грмежи, силни електрични празнења и ветер
Датум и време на објавување: 09.08.2016 – 19:03
Датум на рецензирање: 13.08.2016
Рецензент: Александар Пешев
ПРОМАШУВАЊЕ ОД НЕКОЛКУ АСПЕКТИ
Имаме текст кој се базира на веќе очигледно промашена временска прогноза. Насловот, иако соодветен на остатокот од текстот, остава впечаток на сензационализам. Се најавува предупредување кое не е докрај објаснето во написот. Првата реченица не дава информации за користени извори:
„Од четврток попладне и во петок повторно се најавува невреме со пороен дожд, грмежи, силни електрични празнења и силен ветер“.
По елементарна непогода како минатонеделните поплави, рационално е да се претпостави дека постои паника меѓу луѓето, особено меѓу најпогодените од поплавите. Оттука, важно е не само да се наведе изворот на информацијата, туку и да се понудат конкретни докази за најавеното предупредување. Но, наместо тоа, имаме не многу детална временска прогноза.
„Во петок, преку денот ќе дува засилен северен ветер, кој наместа ќе достигнува брзина и над 90 км/час и ќе предизвика значителен пад на дневната температура на воздухот, која наместа ќе биде и за 10 степени пониска во однос на претходните денови“.
Оттука се поставуваат клучни прашања кои треба прецизно да се одговорат, бидејќи, во спротивно, наместо информација, имаме текст кој би предизвикал паника. Поконкретно:
- На кои места ветрот ќе достигне брзина поголема од 90 километри на час? Дали тоа ќе се случи во подрачјата кои веќе се погодени од поплавите и дали постои ризик да предизвика дополнителни штети?;
- Каков ризик претставува падот на температурата?;
- Кои од предвидливите временски феномени би можеле да настанат во подрачјата погодени од поплавите?;
- Ако нема информации во прилог на горепоставените прашања, тогаш зошто надлежните институции (УХМР) не може да понудат подетални информации?
Но, наместо одговор на овие прашања имаме само техничка информација:
„Во предупредувањето нема прецизирано дали врнежите ќе ја зафатат целата територија на Македонија или поединечни региони“.
НОВИНАРСТВОТО НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ВО ЛЕР
Ваквата формулација претставува дополнителен ризик за ширење паника. Со ова се создава впечаток дека написот е производ на мрзеливо новинарство, без да се земе предвид одговорноста кон публиката и јавниот интерес.
Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми – член 8 од Кодексот на новинари на Р.М.
Сѐ на сѐ, имаме некомплетен текст кој создава сомнеж дека временска прогнозата е спинувана кон сензационалистичка вест, преку која се испраќа предупредување без јасни информации за што точно се предупредува. Обврска на новинарот, особено во услови на паника, е да понуди проверени точни и навремени информации, а не да се цели кон собирање кликови!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
не може да се утврди точноста на наводите
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
нема прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не аплиактивно
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови