Празни зборови и етикети
Објавено во Рецензии
on 30 - 06 - 2016 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Сдсмовската творба Студентски пленум повикува на кривично дело спречување на избори]
„Продолжување на политичката борба со медиумски средства“ – тоа е наједноставниот начин да се опише овој текст кој има клеветничка, етикетирачка и несомнено пристрасна нота.
Линк до оригиналниот напис: Сдсмовската творба Студентски пленум повикува на кривично дело спречување на избори
Датум и време на објавување: 28.06.2016 19:45
Датум на рецензирање: 29.06.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
ЕПИТЕТИ МНОГУ, АРГУМЕНТИ ИЧ
Сè што некому во врвните кругови на власта не му се допаѓа во државава, мора или да е сдсмовска или соросоидна творба. Нема шанси одредена организација, собир, па дури и дружба, кои имаат отпор кон владините политики, да биде независна иницијатива, граѓанска акција која јавно го искажува незадоволството од поставата што веќе 10 години без прекин владее со Македонија! Значи, ако некој каже „Долу Влада“, тогаш тој е комуњар. Ако изјави дека Владата троши државни пари без усул, тогаш мора да станува збор за „соросоид“. Ако се порача „промени се неопходни“, тоа по правило се барања на „странски платеници“. Сè што е контра партискиот мејнстрим е непожелно и мора некако да биде етикетирано.
Бележењето најлесно се прави токму преку вакви написи во кои без аргументи, истражувања, факти, се лепат епитети истресени од ракав. Така, по одреден период затишје, пикот повторно му е фрлен на „Студентски пленум“, претпоставуваме инициран поради ангажманот на неговите членови околу изборот на новиот ректор на УКИМ. И затоа сега во папагалски стил, се повторуваат формулациите што беа актуелни во периодот на протестите на студентите:
„Сдсмовската творба Студентски пленум повикува на кривично дело спречување на избори“
„По теркот на СДСМ и нивниот начин на функционирање, и Студентскиот пленум со противзаконски активности. Преку социјалните мрежи повикуваат на спречување на изборите на УКИМ.“
ЗАЧИНЕТА ФЕЈСБУК-ОБЈАВА
Каде се аргументите за поткрепа на тешките зборови, каде се трагите на опозиционерско масло во студенсткото организирање во овој текст….? Очекувано, не постојат. Значи, имаме само празни зборови, кои поради својата несуштественост ја разголуваат обоеноста и би рекле партиската определба на написот.
Не треба да се заборави ниту отсуството на вистинска содржајност на материјалот кој, заслепен од потребата по задача нешто да испорача, заборава дека на публиката треба да ѝ достави веродостојна информација за настанот. Поточно, станува збор за сложена тема за избор на ново студентско раководство и сите проблеми во процесот преку која, ете, народски кажано, само „се претрчало“. Не треба да се бара доказ повеќе дека т.н. новинарска ангажираност почнала и завршила со едноставно копирање и лепење на фејсбук-објава, нормално зачинета со политичко-партиски мирудии.
Пристрасност, неаргументираност, отсуство на длабочина, никакво истражување, минимален ангажман и затоа конечниот резултат е лош производ.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
нема
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови