Правата се остваруваат со критика
Објавено во Анализи
on 10 - 12 - 2015 Автор: Мирјана Најчевска
Во демократски држави, медиумите се контролен механизам чија цел е да се надмине неспособноста и неподготвеноста на луѓето во власта да се соочат со сопствените грешки.
Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Развиеноста на една држава е правопропорционална со способноста таа држава да ги идентификува сопствените слабости, недоследности, проблеми. Колку повеќе слабости, недоследности и проблеми успева да идентификува самата држава, толку полесно може да се постави правилна дијагноза и да развие и да примени најсоодветна терапија за нивно совладување. Колку поголем број слабости, недоследности и проблеми се обидува да затскрие државата, толку потешко е тие да се адресираат и да се надминат.
Носителите на власта вообичаено не зборуваат за проблемите. Тие даваат општествено посакувани одговори за да се прикажат во подобро светло, да ги истакнат позитивните аспекти на своите активности и да си обезбедат продолжување на периодот на владеење.
Демократската држава воспоставува низа контролни механизми за да се надмине неспособноста и неподготвеноста на луѓето во власта да се соочат со сопствените грешки (дури и тогаш кога ги препознаваат). Еден од тие механизми се медиумите. Медиумите може да имаат одредена политичка ориентација, може да бидат блиски до конкретни политички партии, до формални и до неформални движења и тоа да се одрази на нивниот интерес, перспективата на гледање на нештата и објаснувањата што ги нудат. Меѓутоа, медиумите престануваат да ја вршат контролната функција и губат суштински елемент на сопственото постоење во моментот кога ќе почнат да ги претпочитаат општествено посакуваните одговори на тие што се на власт пред критичките забелешки на тие што ги трпат последиците од одлуките на власта.
Новата зграда на ФИНКИ. Идејно решение кое го победи ова http://t.co/Tn5YDDt5Uk pic.twitter.com/0n6Q9bq9d2
— Igor Trajkovski (@mkrobot) May 22, 2015
Пример 1: Замена на тези за „Студентски пленум“
Можеби најочигледен пример за отстапувањето на дел од медиумите од нивната суштинска улога на поддржувачи на критичката мисла, претставува информирањето за последниот судир меѓу „Студентски пленум“ и Студентскиот парламент.
Под насловот „Остра реакција на студентите од ФИНКИ и ФФК“, дел од медиумите пренесоа текст во кој се објаснува потребата од изградба на нов простор за студентите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство и Факултетот за физичко образование.
Навидум, во текстот нема ништо проблематично: студентите студираат во несоодветни услови, државата издвојува средства да им се обезбедат посоодветни и тоа во рамките на кампусот на универзитетот чии членки се спомнатите факултети. Тоа е идеја за поздравување. Нема место за критика, за побуна, за спротиставување. Автоматски, тоа значи дека секоја критика, побуна, спротиставување се насочени против потребите и интересите на студентите, односно граѓаните.
Меѓутоа, во ниту еден од овие медиуми не е пренесен ставот на „Студентски пленум“. Доколку медиумите го направат тоа, ќе стане јасно дека има место и за критика и за побуна и за спротиставување. Критиката, побуната, спротиставувањето не се однесуваа на градењето на новите факултети (тоа е само замена на теза), туку на отсуството на соработка со Универзитетот, нарушувањето на автономијата на Универзитетот, отсуството на партиципација на студентите во процесите на одлучување, наметнувањето решенија од страна на власта.
Резултатите од негирањето на оваа критика допрва ќе ги видиме.
Пример 2: Зголемување на загадувањето на воздухот
Меѓутоа, во моментот може да ги проследиме резултатите од отсуството на критика на примерот на актуелниот проблем со енормната загаденост на воздухот во неколку градови во Република Македонија. Трагата на несоодветното известување може да се проследи до 2010 година.
Во 2010 година во голем дел од медиумите промовирана е мерката на Владата за увоз на стари возила (до 18 години старост) со стандард ЕУРО1 и пренесена е изјавата дадена од страна на Министерството за економија:
„Со тоа воедно значително ќе се подигне просечната старосна граница на возниот парк во земјата, ќе се влијае на зголемување на безбедноста во сообраќајот, како и на унапредување на квалитетот на животната средина – соопштија вчера во Министерството“.
Многу мал број медиуми видоа потреба за анализа, поставување прашања и за проблематизирање на донесеното решение, а очигледно популистичката мерка се брани од секој вид критика, побуна, објаснување:
„Тврдењата за идните зголемени загадувања или слични укажувања од инволвирани интересни групи немаат било каква основа“.
Критиката, побуната, барањето за објаснување се оценуваат како спротивни на интересите на граѓаните, како обид за девалвирање на една позитивна акција на актуелната владејачка структура и како злонамерен чин на непријатели на народот.
Само пет години подоцна, Сојузот на стопански комори на Македонија излезе со став (базиран на истражувања кои веќе подолго време се вршат во ЕУ) дека:
„Најголеми загадувачи на воздухот се старите нееколошки возила. Треба да се воведе ЕУРО4 стандард за увоз на половни возила“.
Доколку медиумите ја поддржале критиката, побуната, барањето одговори, наспроти навидум општествено посакуваните ставови на актуелната власт, можеби сликата на Скопје, Тетово, Битола ќе беше поинаква. Доколку побарале од власта анализи, елаборати, процени за можни штетни последици, можеби, сликата на Скопје, Тетово, Битола ќе беше поинаква.
И ова не е единствена ситуација кога критичката мисла е задушена во функција на поддршка на активностите на државата. Колку прашања можеа да бидат поставени, а не беа за акцијата „едно евро за метар квадратен“? За акцијата „дисперзирани студии“? За акцијата „компјутер за секое дете“? … Негативните последици од секоја од овие акции ќе се чувстуваат со години.
Ако е нешто прифатливо за голем број граѓани, тоа воопшто не значи дека не треба да се запрашаме дали е исправно или не, дали повредува нечии права или не, дали властодржецот има начини да постигне подобри резултати или не. А токму спречувањето на критиката, побуната и на загребувањето под површината на општоприфатливото ги прикрива, а не ги решава проблемите. Ако навремено не се идентификува и не се адресира одреден проблем, тој се мултиплицира, повредува голем број луѓе и доведува до стравотни последици.
Медиумите можат да бидат блиски до оние на власт или до опозицијата. Можат да поддржуваат конкретни идеологии и политики. Меѓутоа, доколку заради сопствената блискост до одредена структура не се во состојба да го идентификуваат проблемот, доколку го замачкуваат и доколку го напаѓаат секој оној што го посочува, што бара објаснувања, прашува и оспорува, изложувајќи го на линч секое општествено неприфатливо мислење, проблемот нема да исчезне туку само ќе дадеме шанса да се зголеми и ќе го отежнеме неговото решавање во иднина.
Критиката на власта не е непријател на човековите права. Таа е алатка за заштита и за промоција на човековите права.