Ако прашаш, ти си „на дрога или нервно растроен“, ако тепаш, ништо не ти е
Објавено во Рецензии
on 15 - 09 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Саше Политико на дрога или нервно растроен]
Плукачки производ наменет само за омаловажување на опозицијата, но, пред сè, на личност која, да бидеме реални, практикува, во најмала рака, контроверзно известување од настани на кои се појавуваат владини челници. Но, начинот на кој тој работи, а очигледно е дека тоа не му е по мерак на властодржецот, никому не треба да му дава за право јавно, повторувам јавно, да ја преиспитува неговата здравствена или ментална состојба и паралелно да дели дијагнози, без притоа да даде некаков саглам доказ.
Линк до оригиналниот напис: Саше Политико на дрога или нервно растроен
Датум и време на објавување: 10.09.2015, 17:14
Датум на рецензирање: 12.09.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
НАПАДЕН Е, МОЖЕ ДА НЕ ВИ СЕ ДОПАЃА, АМА БАРЕМ ПОСТАВУВА ПРАШАЊА
Очигледно е дека некому Саше Политико веќе многу му оди на нерви. Како поинаку да се протолкува фактот дека овој текст како по наредба се истопори на цела низа интернет-медиуми со слична уредувачка политика. Значи, ова упатува на оркестрирано и диригирано, а можеби и од еден центар напишано четиво.
„Парадер, ментално здравје, дроги, лаги, халуцинации, кловн, нервно растројство, конзумирање психотропни супстанци“ – ова се само дел од термините и од формулациите употребени во текстов и, верувајте, сите се искористени не во некаква завиена, туку јасно и гласно во крајно негативна конотација. Сега, ако на Политико во овој материјал му се забележува дека тоа што тој го прави не е новинарство, како тогаш овој ист текст да се земе за новинарски? Одговорот е – никако.
Точно е дека од видеоснимките на Политико, додека беа достапни на интернет, не можеше да се забележи некаква јасна инцидентна ситуација со премиерското обезбедување, ама тоа не е оправдување за да се заклучи дека тој „е на дрога или нервно растроен“ . На видеоматеријалите се гледаше дека прашањата што Политико ги поставува се од поголема далечина со телохранители во близина, а имајќи ја предвид неговата досегашна практика, тој, ако му се дала можност, сигурно ќе се обидел да се доближи за да го праша премиерот. Ова укажува на можноста дека нему навистина не му било дозволен пристап. Понатаму, текстот е во прво лице, ама некако не се добива чист впечаток дека тој што го напишал, разбирливо анонимен, навистина и присуствувал на настанот. Повеќе наликува на прераскажано четиво од некој друг. Се вели „сите што беа присутни знаат дека тоа што тој го пишува воопшто не е така“. Ако се сакало да се побие нечие тврдење како невистинито, требало да се приложат појаки аргументи, а не само нафрлања од типот „сите присутни“ без да се прецизира кои.
АКО ПРАШУВАШ, СИ РАСТРОЕН, А АКО ТЕПАШ, ШТО СИ?!
Силно изразениот коментаторски пристап не го покрива недостигот од проверени информации и сознанија. „Дупките“ не можат да се покријат со лични ставови:
„Ваквите потези на Политико на тотално измислици и лаги во кој тоа ги прикажува за апсолутни вистини, не само што говорат за тоталниот очај на СДСМ кој наоѓа на потсмев, туку отвора дилема, со самото тоа што лиферува тотални невистини во кој потоа самиот очигледно сака да верува, за психичкото здравје на Саше Ивановски кој ваквите ситуации би укажале на тоа или дека е на дрога, или се работи за нервно растројство, во што ние не сакаме да веруваме, но сепак и не сме демантирани со неговите потези и реакции.“
Тенките и на моменти непостоечки, барем за нас како читатели, извори на информации не можат да се компензираат со непотврдени сознанија и со јасни клевети, кои на моменти преминуваат во навреди:
„Ваквиот метод на работа кој го практикува СДСМ е еквивалентно на тоа да се напише текст во кој ќе се измисли дека Политико убил човек, Зоран Заев е фатен во инркиминирачка и неморална ситуација, или пак дека раководството на СДСМ по предлогот на нивниот коалиционен партнер ЛДП за користење на масло од марихуана за медицински потреби, целосно се посветило на конзумирање на психотропни сусптанци за што нема никакви докази ниту потврдени факти.“
Значи, обвинуваш некого за лажење преку текст кој е сè само не кредибилен и веродостоен. Изненадува што веднаш не се појавија дел од дежурните експерти, па да „изанализираат“ дека навистина „опозицијата конзумира психотропни супстанци“.
Може да не ти се допаѓа човекот, може да не ти се допаѓа нападниот начин на кој им пристапува на работите, ама едно мора да се признае – дел од прашањата што ги поставува „држат вода“. Дека тоа не е непозната практика во новинарството, ни покажа колешката од Хрватска и нејзиниот чисто професионален „упад“ на настан на кој присуствуваше премиерот Груевски. Најверојатно бидејќи неговите прашања и однос „пецкаат“, а можеби и „заболуваат“, се тера оваа кампања против Политико дека е на „дроги или нервно растроен“.
Конечно, што е поблиску до растројство – нападно и нахално да поставуваш прашања, или поради тоа безобразно да тепаш.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
анонимни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
најверојатно да
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
најверојатно е оригинал
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
социјална, политичка дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови