verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Поттикнување меѓуетничка нетрпеливост за партиски интереси

on 8 - 09 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

infomax-crop-framed

 

[Рецензија: ЗАЕВ ОД ВЧЕРА ВЕЌЕ НЕ Е МАКЕДОНЕЦ: Своеволно се откажа од својот народ, историја и држава – од денес е активист на УЧК!]

 

Текстот е коментаторски, навредлив и служи само за да се извалка интегритетот на лидерот на опозицијата. Исто така, со самиот текст, дополнително се подгреваат меѓуетничките тензии, што е спротивно на новинарските стандарди, а единствена придобивка од сето тоа е собирањето евтини политички поени.

infomaxЛинк до оригиналниот напис: ЗАЕВ ОД ВЧЕРА ВЕЌЕ НЕ Е МАКЕДОНЕЦ: Своеволно се откажа од својот народ, историја и држава – од денес е активист на УЧК!

Датум и време на објавување: 25.08. 2016

Датум на рецензирање: 07.09. 2016

Рецензент: Димитар Тануров

Самиот наслов и поднаслов укажуваат дека текстот е коментаторски, дека нема да се темели на факти, туку ќе послужи само за оцрнување. Класичен пример за коментирање, етикетирање и за навредување има уште во поднасловот:

„Не се родил поголем предавник, плукач и одвратен безрбетник од Зоран Заев на македонска почва веќе подолго време“.

Информацијата е објавена во категоријата „Македонија“, па според својата форма би требало да претставува вест. Сепак, имајќи предвид дека фактите и коментарите се интегрирани, не може да се рече дека е навистина вест. Дури и да се стави во категоријата „колумна“ и „коментар“, јазикот што се користи е неприфатлив за сериозното и професионално новинарство, кое мора да се придржува до етичките вредности и до Кодексот на новинари. Дури и да се тргне настрана јазикот, односно, доколку ги исполнува гореспоменатите карактеристики, текстот не е потпишан од автор. Имајќи го тоа предвид, не може да се стави во категоријата „колумна“ или „коментар“, особено зашто не е ниту наведено дека станува збор за редакциски став.

Во текстот се наведува дека Заев со самото присуство на натпреварот им свртел грб на Македонците.

„Вчеравечер на Арената „Филип Втори“ која другарите на Заев „Балистите“ ја прекрстија во арена „Адем Јашари“, лидерот на СДСМ под знамето на Џемо Хаса ги бодреше големо-албанските аспирации на УЧК во Македонија, на стадионот именуван во чест на најголемиот Македонски воен стратег Филип Втори Македонски, кој бесрамно беше преименуван со името на основачот на УЧК под чија закана загинаа голем број на Македонски синови, за тој денес да може да се движи слободно во земјава. До кога слободно, тоа е веќе прашање на време“.

Главата на веста е класичен пример за спин и за поттикнување и за подгревање меѓуетнички тензии, особено ако се има предвид дека меѓуетничкиот конфликт во Македонија заврши со Рамковен договор, потпишан од лидерите на политичките партии, како и од тогашниот предводник на ОНА (сестринска организација на УЧК) и сегашен лидер на ДУИ и дел од владејачката коалиција. Исто така, во текстот во ниту еден момент не се наведува дека на натпреварот на ФК „Шкеднија“, кој, пред сè, е фудблски клуб од Македонија, присуствувал и вицепремиерот Владимир Пешевски. Неговото присуство, исто така, е дел од духот на Уставот и на Рамковниот договор за градење соживот.

Во однос на истакнувањето на знамиња, за тоа се надлежни државните институции, кои се под контрола на владејачката коалиција, а не на опозицијата. Исто така, во македонското законодавство не стои забрана за истакнување знамиња и симболи кои се поврзуваат со УЧК.

Историјата не треба да се заборава, но од неа треба да се влечат поуки, а не да се користи за поттикнување нова нетрпеливост, омраза и конфликт. Навраќањето на биографијата на Џемо Хаса и неговото споредување со Заев има само цел да го прикаже лидерот на опозицијата во негативно светло и да се изедначи со државен непријател.

Текстот претставува срамен напис, кој не заслужува ниту да се нарече новинарски, имајќи предвид дека се коси со сите новинарски стандарди и со Кодексот на новинари:

Член 10

Новинарот нема свесно да создава ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува насилство и дискриминација по која било основа.

 

Член 13

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

 

Член 15

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

 

Член 16

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

говор на омраза

дискриминира

национална дискриминација, политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

има контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови