Потпирање на еден извор е доволно само за мелодрама
Објавено во Рецензии
on 29 - 08 - 2016 Автор: Љубомир Костовски[Рецензија: На Матеј му треба нашата помош, треба да се лекува во Словенија]
Секогаш е тешко да се зборува или пишува за туѓите несреќи, особено кога се однесуваат на здравјето на деца. Такви стории има сè почeсто во весниците и во другите медиуми и тие, главно, се придружени со слики од луѓе на кои им треба, по правило, скапа медицинска помош.
И сторијата што е предмет на опсервација е таква и навидум по ништо не се разликува од сличните кои, како што веќе наведовме, ги има сè повеќе и повеќе. Сепак, дали тој факт не е повод на редакциските состаноци некој да помисли дека можеби нешто треба да се промени во начинот за известување за ваквите случаи и тие вести да станат поефикасни?
Линк до оригиналниот напис: На Матеј му треба нашата помош, треба да се лекува во Словенија
Датум и време на објавување: 19.08.2016
Датум на рецензирање: 25.08.2016
Рецензент: Љубомир Костовски
ПРОДАВАЊЕ „БУБРЕЗИ“
„Приказната за малиот Матеј Стоилов од Делчево (4,5 години) чијшто татко сака да го продаде бубрегот за да го лекува својот син повторно се актуелизира, бидејќи на детето му треба помош.
Матеј боледува од повеќе болести како умерен ментален хендикеп, аутизам, мизијална темпорална склероза.
Лековите кои ги прима се од Германија и Италија и се доста скапи што семејството ги чини 250 евра и плус плаќање на логопед, дефектолог, правење на снимки и слично.
Таткото на Матеј, Кирчо вели дека го продава својот бубрег, бидејќи се сиромашно семејство и немаат пари за лекување“.
Овој текст заедно со фотографијата која е дел од прилогот, несомнено има доста мелодрамски елементи и можеби зад тоа стои – освен намерата на овој начин да се соберат што повеќе средства за заболеното лице, што не може да се исклучи – обид жанрот мелодрама да биде и дел од привлекувањето читатели?!
Суштината е дека во јавноста бргу се заборави, а во таа деменција медиумите притоа како да помогнаа, случајот со малечката Тамара Димовска од Велес (почина на 9 февруари 2015 година). Тој трагичен редослед на настани кој заврши со смрт на девојче на кое можеше да му се помогне, имаше пораки кои исчезнаа од насловните страници на весниците и најавите во електронските медиуми…
Имено, надлежните органи во земјава, а особено оние од областа на здравството (Министерството за здравство, ФЗОМ и други) се тие кои ја имаат својата директна одговорност за оние лекувања кои мораат да бидат вршени во странство, а кои – и токму поради тоа – се скапи за најголем дел од семејствата во земјата. Дали ќе се формира некаков посебен фонд на државно ниво, каде би влегувале и донациите или државата ќе го зголеми здравствениот буџет, како можни опции – за тоа земјава си има свои надлежни органи – кои и овојпат, како и во многу други слични прилози, не се ни споменуваат. На тој начин тие епизоди на нашата секојдневна тегобност, наместо да ја имаат во себе реалната општествена ангажираност, се претвораат во некоја форма на молење за донации, упатено само кон поединци и фирми. И баш поради тоа оние кои земаат плата и имаат одговорност за да излезат во пресрет во ваквите случаи, како во случајов, се амнестирани од својот дел на обврските кои ги имаат по „дифолт“ со работните места на кои седат.
НОВИНАРИ ИЛИ ТЕЛАЛИ?
Да не говориме дека во ваквите апели за помош и нема детали зад кои би стоеле цврсти стручни извори, што е сепак важно, кога веќе се става во текстот и жиро-сметка, бидејќи тоа се релации кон јавноста кои претпоставуваат дека стручната оценка е некаков гарант за замолницата! Од новинарски аспект, тоа значи дека немаме доволно извори за да имаме вест, како и да се нарече овој прилог.
Во рамки на прилогот, секако треба да стои информација кај кои надлежни органи се обратиле родителите на заболеното дете, дали биле одбиени, со кое образложение и слично. На тој начин би се видело дали здравствените и солдирани фондови си ја извршиле својата работа, за најпрвин тие да бидат растоварени од евентуална вина. Дури тогаш прилогот може да се смета за заокружен, од аспект на потпирањето на повеќе извори.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
анонимни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
не може да се утврди
Напис со некаква дијаметралност во фактите, само ги нема доволно
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
Пресугестивна и мелодрамска
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови