Поствистината е новиот лаборaториски создаден вирус
Објавено во Новинарски лекции
on 10 - 02 - 2017 Автор: Зоран Бојаровски
Медиумската писменост лекот против вирусите „поствистина“ и „алтернативни факти“ создадени во лабораториите на пропагандата
Пишува: Зоран Бојаровски
Критичкото мислење е суштинско. Се разбира, тоа е далеку од она што претставува моралистичко релативизирање и лицемерно, лажно идентификување на сите изложени ставови како еднакво важни.
Има една анегдота која раскажува дека додека една постара риба се разминувала со две помлади и во знак на поздрав ги прашала „Каква е денеска водата момчиња?“, една од помладите риби одговорила „А, што е тоа вода?“.
Кога редакцијата на угледниот Оксфордски речник (Oxford Dictionaries), го избра post-truth за збор на годината, секако, немаше намера да ја истакне разликата меѓу генерациите, туку да фрли светлина врз предизвикот со кој се соочи прогресивниот медиумски и академски свет дека треба да им објаснува на рибите што е тоа – вода! Во таа смисла, Оксфорд ја објаснува поствистината како термин кој се однесува на околностите во кои објективните факти учествуваат со многу понизок ефект во креирањето на јавното мислење отколку што тоа го прават ефектите поттикнати на емотивен или на личен план. Неологизмот „поствистина“, како релативно нов термин, во голема мера е последица на прекумерната зависност на стекнување знаења и информации преку социјалните мрежи како медиуми, која, пак, сериозно го нарушува концептот на вистината и на автентичните вредности што произлегуваат од неа.
Оттаму, првиот заклучок е дека „поствистината“ е концепт врз основа на кој политичарите денеска манипулираат и менаџираат со фактите.
ЗНАЕЊЕТО И ИФОРМАЦИИТЕ ДЕНЕС
Стекнувањето информации и знаења денес е процес со неколку индикативни карактеристики: процесот е брз, површен и медиумски посредуван. Секој ден се зголемува процентот на луѓето што вестите ги добиваат од социјалните мрежи. Овој број и динамика се многу поголеми кога станува збор за младите (Национален извештај за Македонија од истражувањето „Младите и медиумите“, Меѓународна конференција „Е-општество.мк“, Фондацијата „Метаморфозис“, 2017). Претставниците на дигиталните генерации, информациите што ги добиваат преку социјалните мрежи, сè повеќе ги акумулираат како знаење. Тоа е особено опасно кога информациите што ги добиваат таму, на социјалните мрежи, се поврзани, на пример, со неврологијата на мозокот на тинејџерите. Се разбира, не тврдам дека младите се толку наивни за да сметаат дека тоа што е на интернет е задолжително вистина, но, секако веруваат дека доколку е вистина, тогаш мора да е на интернет. Особено ако некоја содржина ја „лајкнале“ нивните пријатели. Медиумите, библиотеките и податочните бази некогаш беа портите за влез во светот на знаењето. На она, референтно знаење. Денес, пак, еден сериозен дел од интернетот и речиси комплетниот свет на социјалните мрежи е екстремно фреквентно исполнуван со нови содржини без да се води сметка дали тие содржини се вистинити и дали имаат некоја суштинска вредност. Тоа, за критички ориентираните корисници е парализирачка ситуација, иако, навидум, се наоѓаат пред неисцрпен универзум од знаења. Но, наместо на раат да го избираат највредното и автентичното, тие се втурнати во замелушувачко вертиго кое од нив бара постојано да кликнуваат на копчето за допаѓање, да го гледаат следниот видеозапис, да споделуваат…
Дури 73,83 отсто од испитаниците од истражувањето за степенот на медиумската писменост на возрасните граѓани во Македонија, што го спроведе Агенцијата за аудио и аудиовизуелни усулуги (АВМУ), се секој ден на некоја од социјалните мрежи. Во најголем дел на „Фејсбук“.
ДАЛИ ЈА ПРОВЕРУВАТЕ ОБЈЕКТИВНОСТА НА ИНФОРМАЦИИТЕ…
Овие навики може да се доведат во корелација и со сознанијата на други студии, како, на пример, на професорите Сем Вајнбрг од Универзитетот „Стенфорд“, Џозеф Кејн од Универзитетот „Риверсајд“ и Бенџамин Боер од „Санта Клара“. Вајнбрг во својата студија поврзана со навиките на младите корисници на интернет вели дека тие се „изненадувачки неквалификувани“ да детектираат предрасуди, да идентификуваат лажни вести и да проценат дали некое тврдење е вистинито или не. На сознанијата на Вајнбрг се надоврзуваат и тие на Кејн и на Боер кои откриваат дека повозрасните тинејџери покажуваат „висок степен на индиферентност кога треба да се соочат со докази кои се во спротивност со нивните претходно изградени ставови и гледишта и ги оценуваат како повредни нивните аргументи, наспроти на оние на другите“. Споменатите автори се согласуваат дека оваа ситуација се влошува ако се има предвид сè поголемата зависност од стекнување информации само од социјалните мрежи.
Овие трендови, ставени во општествено-политички контекст на длабока поларизација, празна реторика и на сè поголема ригидност што произлегува од доминацијата на жестоките партиски конфронтации, ги деградираат демократските норми, а фанатизмот на тесноградите интереси на политичките партии станува мејнстрим. Главниот канал за комуникација на овие вредности со целните групи со право на глас, бидејќи партиите само како такви ги гледаат граѓаните, се медиумите. Оттаму, тие, медиумите, стануваат пленот што мора да биде освоен за да се „управува“ со информациите и со знаењето од нив.
Во својот магистерски труд „Испреплетувањето на природата и културата во ерата на друштвените медиуми и вмреженото општество во ерата на друштвените медиуми и вмреженото општество“, Анета Пауноска заклучува дека интернетот може да води кон сè поголема изолација на индивидуата преку воспоставување лимитирани, виртуелни и анонимни врски, но може и да поттикне на поголем општествен ангажман и на активно учество во обликувањето на невиртуелната животна средина. Во таа смисла, за да ја протолкува оваа „двојност“, Пауновска се повикува на неколку автори. Така, на пример, пишува таа, „Џон Кац (John Katz) го посочува концептот на дигитална нација која преку интернет-културата наоѓа механизми за поединци да остварат влијание врз битни одлуки за нивниот живот (Holmes, 2005, р.73). Како и во другите сегменти од животот, така „политичкото изразување интернетот овозможува создавање граѓански мрежи со споделени политички и општествени идеи. Меѓутоа, прашање е дали истовремено интернетот овозможува и демократизација на медиумите преку кои е можно да се влијае врз перцепцијата на реалноста. Можеби интернетот по себе не е ничија сопственост, но мрежите низ кои преку интернет се споделуваат содржини имаат сопственик (најчесто државата, делумно или во целост) па оттука би можел да се контролира не само пристапот до тие мрежи туку и содржината што се споделува (Van Dijk, 2006, р.38).“
Психата на децата не може да се справува со оваа ситуација. Во таква, загрижувачка ситуација, неопходен е нов пристап во формалното и неформалното образование, кога се во прашање темите за медиумите, медиумите и општеството. Односно, кога станува збор за Република Македонија, време е за најинтензивна подготовка за вклучување на медиумската писменост како посебен и редовен предмет во образовните програми во основното и во средното образование.
МЕДИУМСКАТА ПИСМЕНОСТ Е ЛЕКОТ
Ако се земат предвид сите делови на колажот што ја создаваат големата слика за тоа како денес се восприемаат информациите и знаењето, сосема е наместо и оправдан повикот дека е вистинско време, ако не е веќе доцна, за ремонт на концептот на образованието. Тој концепт сега мора да се потпира целосно на критичкото размислување што претпоставува дека мора да ја учиме дигиталната генерација дека интернет, а особено социјалните мрежи, не се апсолутниот извор на знаење. Мора да ги учиме дека мора да бидат строги промислувачи и критички настроени кон секоја информација и дека не секоја од нив ја има привилегијата да стане знаење. Да развијат мотивација во информациите да бараат факти, докази и логика.
Критички настроениот скептицизам не исклучува дека таму некаде, на мрежата, има вистина. Ако со критичкиот пристап им укажеме на учениците дека сите медиуми треба да ги гледаат како пристрасни (најчесто точно), па оттаму како неверодостојни (погрешно), ќе им ја одземеме способноста да трагаат по вистината и да ја разбираат. Затоа е суштински поважно да им се овозможи да развијат критичка медиумска писменост која ќе им овозможи да препознаваат вредности и да ги истражуваат ставовите на луѓето и на другите извори кои имаат различни или спротивни мислења. Предизвикот се состои во тоа да ги научиме како да бидат активни корисници, но и да продуцираат, да креираат информации вредни да станат знаење. Додека учат да откриваат лаги, предрасуди, спинови, пропаганда… им даваме алатки да ја откриваат вистината.
Тоа е моралниот императив на креаторите на образовните политики и програми во Република Македонија. Дотогаш, бидејки сме во правата, рана фаза, на имплементацијата на медиумската писменост, како дел од оваа лекција ги пренесуваме препораките што во врска со оваа тема произлегоа од „Истражувањето за образовните потреби на новинарите и за медиумската писменост на публиката“, што го реализираше Македонскиот институт за медиуми во 2016 година. Ако се исклучи истражувањето на АВМУ, кое е основа за нивната законска обврска да работат на ова поле, во истиот тој извештај се констатира дека единствените проекти и пилот-проекти за имплементација на медиумската писменост на еден систематски и организиран начин, досега го иницираа само граѓанските организации.
Но, еве ги препораките:
- За поширока промоција и имплементација на медиумската писменост во општеството, потребен е сеопфатен системски приод во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни: Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, претставници од образованието на сите степени, медиумски и новинарски организации и саморегулаторното тело, граѓански организации што се занимаваат со темата медиумска писменост, Јавниот сервис – МРТ и медиумите/новинарите, како и самите граѓани;
- Министерството за образование и наука, во соработка со Бирото за развој на образованието, при ревидирање на наставната програма, треба да ја разгледа можноста за вклучување на концептот на медиумската писменост во основното и во средното образование;
- Доколку биде прифатена иницијативата за вклучување на медиумската писменост во образовниот процес, потребно е да се отвори стручна дебата на која би се разгледал најсоодветниот модел за интегрирање на овој концепт во основното и во средното образование, со оглед на сите расположливи ресурси (дали во рамките на некој постоен предмет, како посебен предмет или како интегриран пристап на целиот наставен процес);
- Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да ги забрза и да ги засили процесите за организирано и структурирано имплементирање на активностите поврзани со унапредување на медиумската писменост во Македонија, предвидени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со Програмата за унапредување на медиумската писменост во Македонија;
- Македонската радио-телевизија, како јавен сервис во служба на граѓаните, треба да се вклучи во процесот на промоција и унапредување на медиумската писменост, преку продукција на посебни тематски програми наменети за различни возрасни групи, како и преку кампањи од јавен интерес;
- Медиумските организации, саморегулаторните тела и другите граѓански организации во чиј фокус е медиумската писменост, треба ангажирано да развиваат проекти и да ги насочат своите активности кон сеопфатна промоција и афирмација на медиумската писменост меѓу стручната јавност, граѓаните од сите возрасни групи, маргинализираните групи, новинарите и други сегменти од општеството;
- Кај медиумите, новинарите и другите медиумски работници, треба да се унапредува знаењето за концептот на медиумската писменост преку обуки и заедничка соработка со другите актери кои ангажирано работат во областа. Кај оваа целна група, потребно е да се подигне свеста за тоа како влијае медиумската писменост врз зголемувањето на довербата на публиката во медиумите. Во медиумската писменост, медиумите и новинарите треба да гледаат алатка за комуникација со публиките за кои тие работат;
- Да се продлабочи соработката меѓу граѓанските организации и медиумската индустрија за да се организираат специјализирани/наменски обуки врз основа на претходно утврдени потреби на новинарите, уредниците и на медиумите, поврзани со специфични теми на кои работат граѓанските организации;
- Донаторската заедница треба да се информира за релевантноста и за неопходноста од имплементација на медиумската писменост и да се апелира да го поддржи процесот на забрзана и интензивна имплементација на институционалните и вонинституционалните активности од оваа област.
КОРИСТЕНИ ИЗВОРИ:
- Истражување на медиумската писменост кај возрасната популација во Република Македонија, АВМУ, декември 2016
http://www.avmu.mk/images/Istrazuvanje_na_mediumskata_pismenost_kaj__vozrasnata_populacija.pdf; - Stanford researchers find students have trouble judging the credibility of information online, Stanford University News Center, November 22, 2016
https://ed.stanford.edu/news/stanford-researchers-find-students-have-trouble-judging-credibility-information-online; - Educating for Democracy in a Partisan Age: Confronting the Challenges of Motivated Reasoning and Misinformation, Joseph Kahne, University of California, Riverside and Benjamin Bowyer, Santa Clara University, Article in American Educational Research Journal, November, 2016
https://www.researchgate.net/publication/310658445_Educating_for_Democracy_in_a_Partisan_Age_Confronting_the_Challenges_of_Motivated_Reasoning_and_Misinformation; - Истражување за образовните потреби на новинарите и за медиумската писменост на публиката, Македонски институт за медиуми, 2016
http://mim.org.mk/attachments/article/888/Istrazuvanje%20za%20obrazovnite%20potrebi%20na%20novinarite%20i%20za%20mediumskata%20pismenost%20na%20publikata.pdf; - „Испреплетувањето на природата и културата во ерата на друштвените медиуми и вмреженото општество“, Анета Пауноска, Магистерски труд одбранет на Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје, 2016 година.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).