Политичка промоција од медиум до партиска веб-страница или обратно?
Објавено во Рецензии
on 4 - 08 - 2016 Автор: Александар Пешев[Рецензија: ФОТО: Скандирања, прегратки и голема поддршка за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – вака беше пречекан Груевски во Трново]
Кратко и јасно – имаме пропагандна информација придружена со серија фотографии, дел од кои се употребени на официјалната веб-страница на владејачката партија. Јасно се согледува политичката пристрасност. Со оваа содржина медиумот се ставил во улога на партиски портпарол, објавувајки информација за активности на партиски лидер, а не на државен функционер, што води до претпоставката дека јавниот интерес не бил на прво место при составувањето на оваа фото-вест.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Скандирања, прегратки и голема поддршка за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – вака беше пречекан Груевски во Трново
Датум и време на објавување: 02.08.2016
Датум на рецензирање: 03.08.2016
Рецензент: Александар Пешев
ДУРИ НИ НАСЛОВОТ НЕ ИЗБЕГАЛ ОД ПРИСТРАСНОСТА
Тенденциозниот наслов, иако соодветен на краткиот текст, јасно укажува на политичката пристрасност на објавата. Ако се има предвид дека јавниот интерес во демократско општество се фокусира на избрани функционери кои располагаат со народните пари, се поставува прашањето зошто е битно како бил пречекан партиски лидер на одредена локација?
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со многу емоции денес беше пречекан во Трново, битолско каде присуствуваше на Семакедонската средба “Илинден – Трново 2016“.
Оттука и стандардното прашање кое секој новинар треба да си го постави во обид да утврди дали дадена информација соодветствува на јавниот интерес: Па што? Што ако лидер на партија се поздравувал со граѓани и со подржувачи? Зарем тоа не е стандардна практика на лица во ваква позиција? Зошто токму информацијата за активностите на овој, а не на други партиски лидери, е издвоена и конструирана во фото-вест? Но, наместо тоа, текстот се дополнува со промоција која укажува на јасна политичка пристрасност:
„Присутните граѓани му изразија поддршка на Груевски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Трново беше пречекан со прегратки, ракувања, голем број поздрави.“
Би можело да се аргументира дека станува збор за репортажно известување, но имајќи предвид дека во написот не е нотиран инцидентот во Трново, кога лице беше отстрането од собирот поради тоа што на партискиот лидер му викал „Вратете ги парите“, станува јасно дека имаме еднострана објава.
ИЗВЕСТУВАЊЕ ИЛИ ПРЕПИШУВАЊЕ?
Дополнително, се создава сомнеж дали медиумот воопшто известува од местото на настанот, имајќи предвид дека од приложените фотографии во текстот, три се идентични со фотографиите употребени за информација на партискиот портал на ВМРО-ДПМНЕ.
Истите фотографии се употребени и во слична објава на друг интернет-портал, со што имаме делумна копија. Од тука, се поставуваат неколку прашања:
- Зошто е важно како бил пречекан партиски лидер на дадена локација?;
- Кој е изворот на фотографиите?;
- Како идентични фотограии се најдоа на најмалку два медиуми и на партиската интернет-страница на ВМРО-ДПМНЕ?;
- Дали медиумите имале екипи на терен кои изготвиле фото-вест, која била преземена од партијата, или партијата ги има испратено фотографиите до медиумите што ги имаат објавено?
Во секој случај, постои јасно кршење на членот 14 од Кодексот на новинари кој диктира дека „Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“. Кон ова вреди да се напомене и дека плагијаторството е неприфатливо во согласност со член 12 од кодексот. Кој од каде препишувал или преземал фотографии, останува да си утврдат самите медиуми и партијата.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
ПЛАГИЈАТ
делумна копија
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
нема контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови