„Пофалба на глупоста“
Објавено во Рецензии
on 28 - 06 - 2016 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Јанкулоска до Гарет: Сега шу праиме?]
Детската игра на искусна политичарка и тоа за исклучително сериозна тема, обработена е крајно непрофесионално, пристрасно и шпекулантски. Наместо од новинарска гледна точка критички да се анализира нејзиниот несоодветен потег, овде имаме некакво си воздигнување и идеализирање, а притоа уште се делат и непоткрепени коментари.
Линк до оригиналниот напис: Јанкулоска до Гарет: Сега шу праиме?
Датум и време на објавување: 24.06.2016 14:06
Датум на рецензирање: 27.06.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
ВООДУШЕВУВАЊЕ НА НЕДИПОЛОМАТСКИОТ ТВИТ
Смешка од напис. Како поинаку да се карактеризира текст во кој се искажува воодушевување на недипломатскиот, нискиот и тенденциозниот твит на Гордана Јанкуловска, ексминистерка за внатрешни работи и актуелен член на извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по објавувањето на резултатите од британскиот референдум кои покажаа дека повеќето од гласачите се за излез на земјата од ЕУ.
„Твитчето“ треба да се гледа од два агли. Првиот покажува дека Јанкуловска има сериозно отсуство на елементарна политичка култура и манифестира голема незрелост кога директно му се обраќа на британскиот амбасадор во Македонија „фаќајќи му сеир“ за епилогот од гласањето. Вториот агол е што овој напис, како и повеќето текстови објавени на други медиуми, воопшто не се осврнаа критички на таквиот потег…
Напротив, Јанкулоска добива бланко-поддршка за, џанам, патриотскиот чин – ете, во лице му се смее на амбасадорот Гарет за маката! Ако политичарот сака да биде „шут“, со што несомнено не придонесува позитивно за имиџот на земјата пред другиот дел од меѓународната заедница, тогаш тоа не може да мине незабележително во еден веродостоен новинарски производ. Таквиот чин мора да се разглоби, да се разгледа, да се консултираат аналитичари, поранешни амбасадори кои би кажале што би донело инфантилното однесување на еден од клучните претставници на владејачката гарнитура кон официјален Лондон. Па, читателите самите да проценуат колку твитот на Јанкуловска е државнички или маалско-гранапџиски гест, кој остава впечаток на потребата од задоволување на личната суета.
РАЗГЛАС НА ВЛАСТА
Но, наместо тоа, имаме текст од само три реченици, еден скриншот од твитот и промашен коментар. „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“, децидно е наведено во член 13 од Кодексот на новинарите. Но, наспроти ваквото укажување, тука имаме тенденциозно коментирање со дебела доза шпекулација:
„Веројатно е време амбасадорите да обрнат повеќе внимание за случувањата во нивните земји пред да се мешаат во суверенитетот на Македонија“.
Кои тоа амбасадори ни се мешаат во суверенитетот? Ако е така, дајте ги имињата. А не во стилот на власта, се продава ветер и магла (за потребите на гласачката машинерија) за дипломати кои, ете, „насила ни ја кројат судбината“. Ама, ете, нив државата никако да ги санкционира со алатктите од меѓународното право што ѝ стојат на располагање!
Односот што го има заземено овој напис кон конкретниот настан, само покажува колку тој е силно пристрасен и ја извршува улогата на „разглас на власта“.
Недозволиво е нечијата „детска игра“ да се награди, а и надгради со четиво кое е своевидна „пофалба на глупоста“.
„Глупоста изнесува докази за својата големина и значајност и тоа од сите човекови области и дејности, не ги заборава: ниту боговите, ниту филозофите, ниту теолозите, ниту господарите…“, Еразмо Ротердамски, Пофалба на глупоста.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
креативен
сензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
има обид за дискредитација
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови