verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Педро Аграмунт, пропагандистот на Груевски, „жртва“ на кавијар-дипломатијата на Азербејџан

on 25 - 06 - 2015       
Режимот во Азербејџан му подарува уметнички портрет на Педро Аграмунт со неговиот лик. Фото: ЕСИ
Режимот во Азербејџан му подарува уметнички портрет на Педро Аграмунт со неговиот лик. Фото: ЕСИ

 

Шпанскиот сенатор од Советот на Европа, Педро Аграмунт, кој трипати со изјави и со декларации ја брани актуелната власт на Никола Груевски, „занаетот“ го испече вежбајќи врз еден друг недемократски режим – оној на диктаторот Илхам Алиев од Азебејџан

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Веднаш, истиот ден на објавувањето на првата „бомба“ на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на 9 февруари, со изјава по повод опозициската прес-конференција се јави претседателот на пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП) во Советот на Европа (СЕ), шпанскиот сенатор од Валенсија, Педро Аграмунт.

Насловот на изјавата говори, ни помалку, ни повеќе, туку за обид за „недемократско преземање на власта“ и во неа се изразува загриженост за настаните во земјава, „конкретно за неодговорното однесување на политичката опозиција.“ Од Заев се бара да размисли за „тешките обвинувања“ кон Владата и се вели дека закани од шефот на опозицијата кон премиерот не сe правилно средство за критика на владата.

Се додава дека само политички аргументи и програми со гласање на граѓаните се демократски начин за победа на избори во демократски држави и, на крајот, Аграмунт вели дека го отфрла „мешањето на други држави преку нивните тајни служби и нелегалното прислушување на телефонски разговори на највисоките политички функционери во Македонија со цел да се сруши владата.

 

ТРИ ИЗЈАВИ ВО ОДБРАНА НА РЕЖИМОТ НА ГРУЕВСКИ

На 26 мај, пак, повторно под раководство на Педро Аграмунт, работите отидоа уште подалеку. На веб-страницата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) се појави декларација со наслов „Обид за недемократско преземање на власта во Македонија“, потпишана од 48 членови на собранието од вкупно 324 (ако не се сметаат нивните замени, кои се исто 324) од 47 земји. Речиси сите потписници се конзервативци од ЕПП, има по некој од либералите и само двајца социјалисти и тоа еден од Шпанија, земјата на Аграмунт, а еден од Сан Марино.

Декларацијата е речиси препишана од изјавата од Аграмунт три и пол месеци претходно. Повторно се осудуваат „заканите“ на Зоран Заев кон премиерот Никола Груевски и вмешаноста на странските тајни служби во прислушувањето на највисоките политички функционери во земјава.

Не помина многу време, само една недела, и Аграмунт повторно се јави со нова изјава и повторно напаѓајќи го лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Она што го нема во оваа втора изјава, а што беше присутно и во првата изјава и во декларацијата, тоа се странските тајни служби, кои, наводно, ги прислушувале највисоките политички функционери во земјата. Нив во оваа изјава на Аграмунт ги снема многу побргу отколку во изјавите на Груевски, а единствена разлика е во тоа што Аграмунт не ги замени со сега веќе познатите „мрачни сили“, туку, едноставно, овој дел од својата претходна изјава и од декларацијата беше одмолчен. Но, ако странските служби и нивното прислушување ги снема, сепак, вината на лидерот на опозицијата некако чудно остана. Но, сега не за прислушувањето туку за неприфаќањето на договорот од 2 јуни. Иако самиот договор е последица на прислушувањето и иако не станува збор за никакво негово непочитување, како што многу бргу, на следната средба со еврокомесарот Јоханес Хан, сите видовме.

Ако ја отворите веб-страницата на пратеничката група на ЕПП во ПССЕ и ги разгледате изјавите и написите за активностите на нејзиниот претседател Педро Аграмунт, ќе видите дека само за Македонија има вакви лични негови изјави од почетокот на 2013 година, од кога почнува бележењето на неговите активности на веб-страницата, а, исто така, ќе видите и дека честитката кон претседателот Ѓорге Иванов за неговиот повторен избор е единствена честитка по повод таков настан во некоја европска држава. Од 47-те земји-членки на Советот на Европа, претседателски избори во минатите две и пол години имало во редица од нив, но честитките за нив некако не стигнале на ред.

p3
Педро Аграмунт. Фото: ЕПП во ПССЕ

 Зошто одеднаш Педро Аграмунт, претседателот на ЕПП во ПССЕ, пројавува ваков интерес и спроведува ваков активизам во однос на Македонија е засега нејасно, но малку светлина врз  неговиот политички ангажман фрлаат неговите активности во една друга земја од заткавкаскиот регион. Станува збор за богатиот со нафта Азербејџан и поддршката на Аграмунт за тамошниот авторитарен режим на Илхан Алиев, кој таа позиција ја наследи од својот татко Хајдар, кој, пак, на таа функција дојде во 1993  година откако со пуч го отстрани претходно избраниот претседател. Аграмунт е известувач на Комитетот за надзор на оваа земја од 2010 година, чиј мандат завршува годинава и кој заради тоа, ќе мора да бара некоја нова позиција, евентуално некоја нова земја за надзор и за известување, ако не постојано, тогаш барем изборно, која би го преокупирала во наредниот период.

Но, ако се прочитаат двата извештаи на Европската иницијатива за стабилност, овде и овде, врз кои во значителен дел е пишуван и овој текст, и кога ќе се осознаат сите начини и вербални акробации кои Аграмунт ги прави да го заштити тамошниот тоталитарен режим, човек навистина мора да се праша што ја натерало Шпанија токму него да го испрати во ПССЕ и да му го обновува мандатот веќе 15 години, како и што ја натерало ЕПП во ПССЕ токму него да го избере за свој претседател.

 

АЈДЕ ДА СЕ ДОГОВОРИМЕ ШТО ЗНАЧИ ТОА ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОРЕНИК

Азербејџан е класичен пример за комплетно авторитарен режим со јасни и дефинитивни тоталитарни тенденции. Ова не е спорно никаде, освен во Советот на Европа и кај нашата власт, која нема никаков проблем да назначува почесен конзул лице, кое е блиско на тамошниот режим. Ај тоа, туку состојбата таму денес е уште полоша од 2001 година кога земјата сосема незаслужено стана членка на Советот на Европа. Во Азербејџан, Судскиот совет нема ингеренции да го реформира судството, на пример. Тоа е работа на претседателот, кој, според уставот, лично ги именува сите судии. Со оглед на ова, судиите се само продолжена рака на обвинителството, што се гледа и по бројот на ослободителни пресуди, кои се помали од 1 отсто. Од друга страна, Аграмунт во својот извештај има напишано дека креирањето на Судскиот совет во оваа земја претставувал успех.

Во однос, пак, на политичките затвореници во земјата и затворениците на совеста се вели:

„Од почетокот на нашиот мандат, ние бевме прилично загрижени со прашањето на наводните политички затвореници и затворениците на совеста. Додека го разбираме стравот на Азербејџан од екстремизам и од терористички напади, истовремено го осудуваме негирањето на основните слободи преку кривично гонење.“

Да, ама проблемот е во тоа што во целиот извештај нема ни збор за фактот што Баку воопшто не ни признава можност дека политичките затвореници во земјата постојат и на известувачот на ПССЕ за политички затвореници не му беше дозволен никаков пристап до нив, па дури и во 2009 година му беше одбиена визата да патува во Азербејџан на мисија за откривање на фактите.

Уште повеќе од тоа, во 2009 година токму Педро Аграмунт, поттикнат од неговите азербејџански пријатели, пред ПССЕ постави барање со кое требаше дури и да се именува известувач кој би работел на правење дефиниција што е тоа „политички затвореник.“ Сета среќа што тој амандман не помина при многу тесно гласање (89 со 89), зашто тоа ќе значеше крај на работата на веќе постоечкиот известувач за заштита на човековите права, зашто тој, во таков случај, не ќе имаше што да работи. За работите да бидат уште поапсурдни, една година подоцна, самиот Аграмунт е именуван за известувач од Азербејџан. Како може некој да е известувач за човекови права од една земја, додека истовремено гласа за предлог кој известувачите ќе ги направи сосема немоќни, прашува ЕСИ.

Некои од недемократските практики на властите, како што се непочитувањето на правата за слободно изразување и на собирање, како и притисоците врз адвокатите што ги бранат обвинетите кои власта сака бездруго да ги осуди без оглед на сè, се јасно наведени. Но, иако е тоа сторено, нема предлози за никакви санкции и извештајот постојано ја повторува флоскулата која гласи дека властите во земјата „секогаш ги искажуваат своите проевропски аспирации“, за што во извештајот се некритички фалени, но без да се каже кои се тие аспирации и како би се оствариле.

Најемотивната забелешка на Аграмунт во целиот текст е дека тој и неговите колеги биле подложени на „невиден притисок“ од дел од невладините организации во земјата, кои ете, не ја разбирале природата на парламентарниот надзор. Да, се вели во извештајот на ЕСИ, „токму невладините организации на кои не им е дозволено да се регистрираат, да протестираат, кои се невидливи на ТВ-екраните, баш тие заслужуваат врз нив да биде изразен најголемиот гнев во целиот извештај.

 

РЕЖИМОТ ВО АЗЕРБЕЈЏАН Е ОДЛИЧЕН

Од друга страна, пак, Аграмунт не може просто да изнајде доволно зборови да го исфали режимот на Алиев:

„Сакаме да истакнеме дека во текот на целиот овој период на изработката на извештајот, соработката со властите во Азербејџан беше одлична… и дека ги добивме сите неопходни информации и организациска поддршка во текот на нашите посети за наоѓање на фактите.“

Изборите во Азербејџан, пак, се континуирана претстава од жанрот трагикомедија. Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР (среќа што набљудувачите на ПССЕ не се единствените) гласањето го оценија негативно во дури 32 отсто од гласачките места. Но, извештајот на Аграмунт говори нешто сосема друго:

„Во текот на изборите во 2010 година, опозицијата не успеа да се обедини и беше многу фрагментирана (пет блока и две партии) и, како резултат на тоа, многу малку опозициски кандидати добија пратенички места.“

Тоа што на најголем дел од опозициските кандидати не им било дозволено ниту да се регистрираат, го нема никаде. Фактот што правилата на Мали меџлисот (парламентот) велат дека за една партија да може да влезе во него, треба да освои дури 20 отсто од гласовите, за Аграмунт не е проблем, туку претставува само едно правило, кое е такво како небаре да станува збор за судбина која не може да се менува и кое како да нема длабока недемократска суштина.

Известувањето на известувачите од ПССЕ, пак, за изборите во 2010 година во Азербејџан, пак, откако Илхам Алиев ја зацврсти својата власт се посебна приказна. Според тамошните нови закони, кампањата смее да трае само 23 дена, митинзи на отворено пред изборите се забранети, освен на локации што ги одредува локалната власт, кои се несоодветни и никој не ги користи. Државната телевизија во текот на кампањата за претседателот потрошила повеќе од четири часа, за владата околу еден и пол час, за владејачката партија половина час, а за опозицијата „дури“ четири секунди. И, на крај, дури на 50 од 88-те кандидати на опозицијата не им беше ни дозволено да се регистрираат како такви додека владејачката партија имаше 116 кандидати за вкупно 125 места во парламентот и сите беа регистрирани.

На денот на изборите, пак, од набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР сериозни проблеми се забележани на 11 отсто од посетените 1.100 гласачки места. Незаконско полнење кутии е забележано во 63 гласачки места, а на 100 гласачки места се забележани идентични потписи на избирачките списоци, како да се потпишувало исто лице за сите гласачи. Овие бројки се убедливо најлоши споредено со сите избори на кои ПССЕ испратил набљудувачи од почетокот на веков. На ниедни други избори набљудувачите не забележале проблеми на поголем број гласачки места и не оцениле негативно толку многу гласачки места. Ова не се случило дури ни на изборите во Казахстан во 2012 година, кој не е член на ПССЕ.

Но, и покрај ова, набљудувачите на ПССЕ направиле цел скандал и кавга со оние на ОБСЕ/ОДИХР, инсистирајќи во извештајот од надзорот да се напише дека „изборите биле администрирани во склад со меѓународните стандарди и процедури“, како и дека „позитивна атмосфера е создадена со добрата соработка меѓу властите, меѓународните институции и домашните актери“. Набљудувачите на ПССЕ инсистирале на уште редица фалби за изборната комисија, изборните списоци и слично, при што овие забелешки морале да бидат прифатени и од ОБСЕ/ОДИХР за да не дојде до раскол меѓу набљудувачите на јавна сцена директно на прес-конференцијата. Неколку недели подоцна, на средба на целиот комитет за надзор за Азербејџан, Педро Армагунт објаснил дека за време на неговата посета (која се совпаѓаше со онаа на изборните набљудувачи) „не забележал какви било формални проблеми“, па дури и го критикувал ОДИХР и му рекол на комитетот дека „изборите биле во рамките на стандардите на Советот на Европа“. Неговиот коизвестувач Дебоно Грех се согласил.

IMG-20140307-WA0009
Педро Аграмунт со Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија. Фото: ЕПП во СЕ

Она што е најважно за нас, тоа е никако да не се дозволи Педро Аграмунт, кој очигледно се намерил на Македонија и кој, можеби, гледа некаков свој личен ангажман во нашата земја, никогаш да не припари ни на следните, ни на кои било други избори како набљудувач или, не дај Боже, како шеф на набљудувачка мисија на Советот на Европа на изборите идната година во април. И онака изјавата на двочлената делегација на ПССЕ на минатите избори од 2014 година, беше целата на страна на власта, при што се критикува одлуката на опозицијата да не ги признае резултатите и да не влезе во Собранието, при што се додава дека во Собранието требало да се решаваат проблемите, како такво нешто да не е претходно пробано.

За ова прашање треба да се биде упорен и внимателен. И, исто така, треба да се внимава што прават нашите членови во ПССЕ. Членови од Македонија, меѓу другите, се и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и Влатко Ѓорчев (другите двајца се од ДУИ), при што Николоски тукушто имаше обраќање во кое побара заштита на „свиркачите“ (оние кои ги известуваат надлежните за извршени кривични дела, изложувајќи се себеси на ризик) во ситуација кога во земјава во притвор лежат неколкумина токму такви „свиркачи“, кои се охрабрија да ги земат прислушуваните разговори од УБК и да му достават на лидерот на опозицијата.

 

„ЖРТВИТЕ“ НА КАВИЈАРОТ

Педро Аграмунт цела една деценија се обидуваше да стане известувач на ПССЕ од Азербејџан за во тоа да успее дури во 2010 година. Сигурно се прашувате зошто тоа толку би било важно за еден сенатор од Шпанија. Многу просто! Одговорот лежи во азербејџанската „кавијар-дипломатија“ со која тамошната власт ги поткупува пратениците од ПССЕ и тоа особено по 2005 година, откако беше изграден нафтоводот Баку-Чејхан и откако големи количества долари почнаа да се слеваат во куферите на тамошниот државен апарат.

Еве што за оваа дипломатија вели извештајот на ЕСИ, цитирајќи дипломат од Азербејџан:

„Еден килограм кавијар чини меѓу 1.300 и 1.400 евра. Секој од нашите пријатели во ПССЕ, секоја сезона, четири пати годишно, добива барем 0,4 до 0,6 килограми. Нашите пријатели во ПССЕ, кои го добиваат ова се околу 10 до 12. Има ушите 3-4 лица во секретаријатот.“

За некои од нив кавијарот е само почеток:

„Кавијарот се дава секоја сезона. Но, за време на посетите во Баку многу други подароци се даваат. Многу делегати се канат во Азербејџан и тие се великодушно платени. Во вообичаена година, барем 30 до 40 од нив ќе бидат поканети, некои од нив неколкупати. Тие се покануваат на конференции, настани, некогаш на летни одмори. Ова се вистински одмори и тогаш има многу вредни подароци. Подароците се главно скапи теписи од свила, златни и сребрени парчиња, пијалаци, кавијар и пари. Во Баку, вообичаен подарок е 2 килограми кавијар.“

Но, за сметка на сето ова, Педро Аграмунт и неговиот колега коизвестувач Дебоно Грех мораат да бидат многу внимателни што зборуваат за Азербејџан. За разлика од нивните претходници, кои своите оцени ги искажуваа на прес-конференција во самата земја, овој пат Аграмунт изјави дека нема да даваат никакви оцени, туку дека своите мислења ќе ги кажат во извештајот. Тој извештај, пак, требаше да биде готов до крајот на 2011 година, за потоа да биде одложен до средината на 2012, па повторно одложен до крајот на 2012 година. Причината за ова беше што во мај 2012 година во Баку се одржуваше „Евровизија“ и никој не сакаше наодите да се објават тогаш, кога сите очи се веќе свртени кон земјата. Замислете само вакво нешто да се случи и со евентуалниот иден извештај на набљудувачите на ПССЕ на изборите во Македонија и извештајот од изборите во април 2016 година да не биде објавен до почетокот на 2018?

На крај само уште ова. ЕСИ веќе три години наназад бара Педро Аграмунт да поднесе оставка како главен известувач на надзорната мисија во Азербејџан.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).