Пазарџиски муабет што кантар не го мери!
Објавено во Рецензии
on 31 - 08 - 2016 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: АНТОНИО КУПУВАЛ ВИЈАГРА ВО АПТЕКА?!]
Ултра-ниско четиво кое ни оддалеку не ги исполнува условите да се квалификува како текст што заслужува какво било внимание од публиката. Ама, ете, се нашло објавено како да станува збор за легитимен медиумски производ, а не за најобична чкртаница преполна со навреди.
Линк до оригиналниот напис: АНТОНИО КУПУВАЛ ВИЈАГРА ВО АПТЕКА?!
Датум и време на објавување: 25.08.2016
Датум на рецензирање: 30.08.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
ЛИЧЕН ЖИВОТ, ВИЈАГРА, ГАЌИ… СЕДУМ СМРТНИ ГРЕВОВИ КОН КОДЕКСОТ НА НОВИНАРИ
„Е де викам па шо у години е чоекот па и не е фаца Ноне му избега сеа има едно провладино порталче Вистина демек и шо мислиш за секс му е?“
„Не бре тоа за мочање бе да му е придигнат коа моча да не упиша гаќите пошто изгледа од толку жени што стави на портал отапел веќе не му се дига ни на голо женско тело….“
Ова колку за илустрација… Да, долга е листата на елементи што ги има овој навредувачки памфлет, кои се косат со основите на новинарската професија:
Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни, се вели во Кодекс на новинари.
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно, гласи член 1 од Кодексот на новинари.
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, се вели во член 7 од Кодексот на новинари.
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…), стои во член 10 од Кодексот на новинари.
Новинарот ќе се придржува и на општоприфатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија, гласи член 11 од Кодексот на новинари.
Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста, порачува член 15 од Кодексот на новинари.
Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги, се вели во член 16 од Кодексот на новинари.
ПАЗАРЏИСКИ МУАБЕТ ШТО КАНТАР НЕ ГО МЕРИ!
Значи, имаме седум гревови, би дополнил смртни, кон Кодексот на новинари, кој пак е составен од само 17 члена, што значи дека овој напис успеал да прекрши безмалку половина од нив. Напис склопен во стилот „рекла-кажала“, пазарџиски муабет, оговарачки дијалог меѓу наводниот извор и тој што го напишал, простотилак што не може на „кантар“ да се измери.
Од каква информативна тежина е „веста“, ако воопшто е и за верување, дека една јавна личност, во последно време воопшто неекспонирана, купувала „вијагра“ во аптека.
Што е тоа толку важно, па уште со таков стил да ѝ се пренесе на јавноста. Па, меѓу другото, вистинските новинари имаат задача да исфилтрираат што е значајано, а што не, за ушите на публиката. Формулациите и „страста“ со која се пристапува повеќе зборуваат за некаква лична пресметка, а не за реална веродостојност на пласираното.
Конечно, и да било така, па што? Грев ли е ако се купуваат одреден вид лекови во аптека за тоа да се искористи како повод за медиумско омаловажување?!
Ниско, навистина ниско…
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
не може да се утврди
наклонетост
друга пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови