Парада дочекана со неиздржана тирада
Објавено во Рецензии
on 13 - 10 - 2016 Автор: Александар Писарев[Рецензија: Верушевски ѝ се поклони на Катица за слободата]
Текстот претставува злонамерно, тенденциозно и намерно омаловажување на еден јавен настан, при што со навредлив тон се етикетират неговите учесници и организатори. Притоа, за да се акцентира тезата што ја застапува текстот, се става и линк кон друг текст, исто така проблематичен од аспект на почитување на новинарските стандарди, а сè за што повеќе да се дискредитира опозицијата. Притоа ниту една теза што е изнесена во текстот не може да се потврди со факти.
Линк до оригиналниот напис: Верушевски ѝ се поклони на Катица за слободата
Датум и време на објавување: 11.10.2016 – 15:15
Датум на рецензирање: 12.10.2016
Рецензент: Александар Писарев
ЦЕЛТА ГИ ОПРАВДУВА СРЕДСТВАТА
Основна цел на статијата е да се дискредитираат опозицијата и настанот што го организираше заедно со граѓанскиот сектор и тој да се прикаже како нешто периферно, без поголемо влијание врз општествените собитија во државата, а неговите учесници да се етикетират и да се навредат како „платеници“. Притоа, овие тези не се потврдени со ниту еден факт.
„Со слаб одзив започна најавениот марш под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“, кој треба да заврши пред Собранието на Македонија. Платеници од внатрешноста, главно од општините под власт на СДСМ, Куманово и Струмица, ни одблизу не можат да го сокријат срамот од уште еден дебакл на опозицијата во обид да организира платеничка револуција“.
Во непотпишаниот текст од седум реда, од кој извира омраза, неколкупати учесниците се наречени „платеници“ кои се прибрани од внатрешноста – и тоа само од две општини каде локалната власт е во рацете на опозицијата – Струмица и Куманово.
Но, ако навистина луѓето што протестираат се „платеници“, требало да се објасни кој и колку ги платил.
НАСТАНОТ ТРЕБА ДА СЕ ПРОСЛЕДИ ДО КРАЈ
Објективниот извештај од настан подразбира таму да се остане до крај. Во овој случај, даден е само еден инсерт од настанот – движење на колоната по дел од Партизанска, што укажува дека е проследен само еден негов сегмент. Не е известено за тоа што се случувало подоцна пред Собранието на Република Македонија и колку народ присуствувал на собирот. Со тоа од читателот е сокриена вистината и е објавена необјективна и несодржајна информација за целиот настан.
Крајот на текстот е посветен на „сумирање на резултатите“ од работата на специјалната обвинителка Катица Јанева, при што, повторно без повикување на извори, без факти, паушално се оценува нејзината работа, со констатација дека „единствената работа што таа од формирањето досега ја завршила е пуштање на слобода на Зоран Верушевски, кој, на собирот „со поклонение дошол да ѝ се заблагодари за слободата“.
„Рамо до рамо со Заев е и Верушевски, првата и единствена одработена задача на Катица Јанева за една година работа со СЈО – слободата на Верушевски“.
Сè на сè, ова е циничен и провиден текст за оцрнување на опозицијата, со што се прекршени многу одредби од Кодексот на новинарите на Македонија:
Член 1, кој вели дека новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Член 14, според кој известувањето од политичките процеси, особено од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано, а новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.
Член 15, со кој се утврдува дека новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката и дека неспојлива со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
креативен
сензационален
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
дискриминира
политичка дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови