Озборувањето како составен дел на животот и на медиумите
Објавено во Новинарски лекции
on 28 - 05 - 2016 Автор: Владо Ѓорчев
Озборувањата се составен дел од животот на луѓето, но прашање е дали таблоидите и „жолтиот печат“ се неразделен дел од социјалната средина и дали тие се само одраз на нашата природа. Влијанието на таблоидите, како и на сите други медиуми во Македонија е големо, како и во светот. Поради големите можности за злоупотреба, потребно е да се воведе ред во медиумите затоа што секогаш на крајот останува фактот дека понудата на некои производи е одраз на побарувачката!
Пишува: Владо Ѓорчев
Со изразот „жолт печат“ се означуваат одреден вид на периодични весници. Тоа се оние „евтини“, „петпарачки“, „булеварски“, „трачерски“…, кои донесуваат сензационални и непроверерени вести, служејќи се со сите средства за да привлечат и да го задржат интересот на поширок круг читатели.
Жолтото новинарство е новинарски вид кој го карактеризираат настојувањата, на публиката, наместо детално и објективно, да ѝ се даваат „атрактивни“ информации, односно да се привлечат читатели преку сензационалистички насловни страници, графичка опрема или со содржина која е ниска. „Жолтиот печат“ пежоративно се користи како израз со кој се опишуваат новинарите и медиумите кои не се грижат многу за стандардите на „вистинското“ новинарство.
ПУЛИЦЕРОВИТЕ ПОЧЕТОЦИ
„Жолтиот печат“, сакале да признаеме или не, го читаме сите, редовно или барем повремено. На многумина, меѓутоа, не им е јасно зошто таквите медиуми се викаат жолти? За да се објасни потеклото на овој израз, треба да се погледне во историјата на весниците, особено во американската. Тоа, пак, ќе нè доведе до името на Џозеф Пулицер. Зошто?
Откако Пулицер, веќе како богат човек, во 1882 година го купува њујоршкиот весник „Њујорк ворлд“, кој постојано бил во загуба, почнува да применува нова концепција. Менува речиси сè, целата уредувачка политика, содржината и форматот, а весникот го фокусира на приказни за луѓето и на скандали, на сензационализам. Сето тоа му носи молскавичен успех. Се повлекува од политиката и му се посветува исклучително на новинарството. Во својот весник го негува истражувачкото новинарство, а во 1895 година воведува стрип во неделниот додаток, со површна и со невкусна содржина, чиј главен јунак е едно дете во жолта маица. Стрипот „Жолтото момче“ е и прв стрип печатен во боја.
Другиот познат њујоршки издавач, Вилијем Херст, сопственик на весникот „Њујорк џурнал“, го презема истиот концепт, па дури од Пулицер го презема и илустраторот, па „Жолтото момче“ почнува да се појавува во конкурентниот медиум. Односот на овие два медиуми се претвора во вистинска медиумска војна, натпревар во измислување сензации и во додворување на читателите, па затоа и двата весника почнале да ги нарекуваат „жолт печат“. Инаку, интересно е дека „Жолтото момче“ сосема случајно станало жолто. Тоа било единствената боја што можела да се добие од четирите веќе постојни бои на печатарската преса.
Пулицер набргу се повлекол од таквата уредувачка политика и повторно направил целосен пресврт. Почнал јавно да пишува против корупцијата на власта и е еден од најзаслужните за антимонополските закони усвоени во 1909 година. Тие години ја открил и дотогаш најголемата афера, која се однесувала на парите потрошени за Панамскиот канал и на самиот претседател Теодор Рузвелт.
ПОТЕКЛОТО НА ТАБЛОИДОТ
Терминот таблоид првенствено подразбира начин на прикажување на содржината, но тоj, исто така, е врзан и за изборот на теми, како што се приватниот живот на некои личности со сочни детали. Постојат личности кои во сите земји, дури и во земјите со долга демократска традиција, се „специјализирани“ за да се појавуваат на насловните страници на таблоидите. Таблоидот тие личности помалку ги казнува, малку ги фали, но, од друга страна, тие живеат преку нив, поведувајќи се по една од холивудските максими: Не постои лош публицитет, заборавот е смрт!
„Жолтиот печат“ многу често служи за елиминирање и за диксредитација на некоја политичка група или личност. И ова е направено систематски и доста успешно. Понекогаш се добива впечаток дека овие весници се посилни од самите политичари и политичките партии.
Таблоидите, односно „жолтиот печат“ поминаа голем пат од евтини, неквалитетни (се мисли на квалитетот на печатот) весници, кои ретко кој ги чита, а уште помалку ги сфаќа сериозно. Денеска изгледот на таблоидите е сосема променет.
Најчесто тоа се весници со колор-печат на сите страници и испечатени на квалитетна хартија, со огромен тираж. Ниската цена ги чини достапни за сите.
Карактеристика за „жолтиот печат“ се неконвенционалност во наоѓањето информации и сензационалистичкото пишување, често без проверени информации.
ГЛАВНИ АЛАТКИ НА „ЖОЛТИОТ ПЕЧАТ“
Главната алатка на новинарите што ја работат оваа професија е озборувањето. Тоа, пак, може да биде корисно и штетно во зависност од тоа што сакаме да постигнеме со него. Ако го користиме како помошно средство за да информираме за важни општествени случувања, тоа е позитивно, но станува негативно во случај кога со него пречесто се повредува достоинството на другите.
Најважната особина на озборувањето се луѓето и тоа е неоткинлив дел од нивниот живот.
Врз основа на претходно наведеното, може да се заклучи дека озборувањата се составен дел од животот на луѓето, но прашање е дали таблоидите и „жолтиот печат“ се неразделен дел од социјалната средина и дали тие се само одраз на нашата природа. Влијанието на таблоидите, како и на сите други медиуми во Македонија е големо, како и во светот.
Џозеф Пулицер од политичар до новинар
Џозеф Пулицер е роден на 10 април 1847 година, во унгарското село Мако, во богато унгарско-германско-еврејско семејство. Израснал и се школувал во Будимпешта, каде што се преселиле неговите родители. Многу млад, Пулицер се пријавил во војска. Поради слабиот вид и нежното здравје долго не можел да добие воена служба, конкурирајќи низ цела Европа, па случајно бил регрутиран во американската војска. Со само 17 години, во 1864 година, Џозеф Пулицер стигнал во Бостон, а оттаму заминал во Њујорк, каде што бил регрутиран во коњицата. Иако немал ништо, сметал дека тоа е град што ветува. По работата секојдневно учел право, а во 1867 година зел и американско државјанство. И понатаму најмногу време поминувал во библиотеката и тука запознавал и други луѓе, кои полека ја насочиле и неговата кариера. Влегол во Републиканската партија, на која ѝ бил потребен кандидат за локалните избори. Иако Пулицер имал само 22 години, имал енергија и почнал да агитира, да собира гласачи и да организира улични митинзи. Како победник, заминал во Џеферсон Сити, каде што минал две години и за кратко време постигнал значаен политички успех. Истовремено напредувал и во својот весник, стигнувајќи до местото главен уредник.Во 1872 купува акции во „Вестлише пост“ за 3.000 долари, а година подоцна ги продава и ги профитира.Џозеф Пулицер умрел на 29 октомври 1911 година.
ИЗВОРИ (избор):
- МКД: Роден на денешен ден, Џозеф Пулицер
- Study.com: What is Yellow Journalism? – Definition, History & Examples
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

