Од СМС-пораки од кучето до дезинформации и до паника
Објавено во Новинарски лекции
on 7 - 07 - 2016 Автор: Александар Пешев
Социјалните мрежи често се преплавени со фотографии од пораки преку кои, наводно, се повикува на протести, контрапротести или се укажува на политички притисоци. Станува збор за неофицијален извор на информации, кои не смеат да се употребуваат како единствена основа за професионален новинарски извештај. Доколку нема друг извор на информации, новинарот има професионална обврска да ја провери автентичноста на пораките пред да ги објави информациите
Пишува: Александар ПЕШЕВ
Една од основните практични лекции за новинари која често се практикува на британските академии е тестот со лажен факс. Уредникот од млад новинар бара да изработи информација од факс кој наводно пристигнал во редакцијата. Информацијата е на меморандум од угледна компанија и содржи лажна информација. Доколку новинарот изработи вест и ја предаде на проверка, паѓа на тестот. Главниот практичен совет кој произлегува од овој тест е дека секогаш мора да се провери изворот на информацијата пред објавување. Практиката е задолжителна не само за да се спречи протек на дезинформации во јавноста, туку и за самиот медиум да се заштити од потенцијални тужби за клевета и од непотребни деманти. Суштината на лекцијата е дека меморандумот или електронскиот потпис од одредена компанија не мора да значи дека токму компанијата ја испраќа информацијата.
Со развојот на новите технологии, лажните информации пристигнуваат до редакциите во разни форми, а не само како испечатен меморандум преку факс-линија. Така имаме информации за наводно собирање на демонстранти преку СМС, „вајбер“ и пораки на „ватс ап“. СПФМ има изработено рецензии за новинарски текстови кои ваквите информации ги користат како клучен извор на информации без докази за проверка на нивната автентичност.
ОД ДЕМАНТИ ДО ШИРЕЊЕ ПАНИКА
Непроверување на автентичноста на информацијата, особено кога доаѓа од неофицијален извор, примарно претставува закана за угледот на медиумот. Најдобар пример од регионот претставува лажното интервју што го објави весникот „Јутарњи лист“ во 2008 година, верувајќи дека е со тогашниот хрватски премиер Иво Санадер. Станува збор за измама која ја извело 23-годишно момче и тоа со лажно претставување преку СМС-порака. Редакцијата на весникот им се извини на читателите и на премиерот и соопшти дека се води истрага, а локалните медиуми го оквалификуваа текстот како најголем скандал во историјата на хрватското новинарство од 1991 година. Во лажното интервју се разговарало за односите на официјален Загреб со Србија и за статусот на Косово, а лажните информации кои произлегле од оваа објава можеле да прераснат во посериозен проблем.
Порепрезентативен пример за сериозни последици, кои произлегле од информации преземени од електронски пораки, е случајот со нуклеарната катастрофа во Фукушима. Во 2011 година неколку државни институции на Филипините се затворија поради паника предизвикана од лажни СМС-пораки дека високо ниво на радијација се прелева во земјата од нуклеарната катастрофа во соседството.
Во целата ситуација, од една страна имавме медиуми кои ја земаа информацијата здраво за готово, пренесувајќи ја без проверка на автентичноста (и кои подоцна ги бришеа овие информации од своите електронски архиви) и медиуми кои вршејќи ја својата должност на поодговорен начин, информираа дека станува збор за измама.
Овие примери најдобро демонстрираат дека информации од анонимни електронски пораки во идеален случај претставуваат секундарен и неофицијален извор на информации. Особено при известување за елементарни непогоди, овие информации не треба да се употребуваат како единствен извор на информации. Лажното интервју на „Јутарњи“ уште еднаш нè навраќа на основната лекција дека потребно е да се провери точно кој стои зад бројот со кој се комуницира, додека информации за опасност треба да се проверат со надлежните институции.
Но, во одредени ситуации, анонимните пораки остануваат единствен извор на информации, а најдобра илустрација за тоа се протестите и контрапротестите што се организираат низ земјава, примарно како производ на политичката криза. Низ македонските медиуми циркулираат информации за политички притисок врз партиски членови или вработени во јавната администрација, наводно инструирани преку телефонски пораки да се појавуваат на протести или да извршуваат наредби кои, наводно, потекнуваат од центри на политичка моќ. Во ваква ситуација, нема многу опции за додавање на уште еден извор на иформации, но клучната обврска на новинарот е да го провери изворот на информацијата. Мора да се вложат напори за да утврди дека испраќачот на пораката не се претставува лажно. Во согласност со кодексот на новинари на Македонија, новинарот има право да го заштити изворот на информацијата доколку тој инсистира да остане анонимен.
Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити, член 4 од кодексот на новинари на РМ.
Но, оваа одредба од кодексот не смее да се употребува како параван за мрзеливо новинарство, поточно за објавување непроверени информации. Мора да се имаат предвид и другите професионални одредби, како, на пример:
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно, член 1 од Кодексот на новинарите.
Но, не секогаш имаме ваква идеална практика. Медиумите често преземаат фотографии од наводни СМС-пораки кои циркулираат низ социјалните мрежи и од ваквите информации се изведуваат еднострани и често сензационални информации. Пример кој беше предмет на рецензирање во СПФМ беше информацијата дека директор на јавно претпријатие, наводно, регрутира вработени за контрапротест. Клучна забелешка во овој случај е дека никој не се потрудил да добие информација од обвинетата страна, поточно од директорот. Дополнително, немаме информации дали редакцијата го има проверено идентитетот на лицата што ја препратиле пораката – дали станува збор за загрижени граѓани или активисти на опозициска партија?
КАКО СЕ ИЗВЕДУВА ИЗМАМАТА
Во случајот на тестот со лажен факс кој се споменува на почетокот на лекцијата, станува збор за релативно едноставна измама. На меморандум на фирма се лепи лист со текст и прилепениот лист се испраќа преку факс машина. Но, со развојот на новите технологии, измамите стануваат малку порафинирани.
Комуникацијата по електронска пошта, на пример, не ја елиминира потребата од проверка на изворот на информацијата пред нејзино објавување. Информациите кои пристигаат од бесплатни сервиси за електронска пошта треба да се земаат со резерва (gmail, yahoo, итн.), бидејќи кој било со пристап до интернет може да отвори електронска пошта и не мора да приложи точни информации за создавање на корисничкиот профил. Дополнително, треба да се нотира и употребата на сервиси кои не бараат никакви информации, а на корисниците им дозволуваат да создадат меил-адреса која е активна само за десетина минути.
Најчестиот проблем низ македонските медиуми се лажните СМС и пораки од други комуникациски сервиси. Во објавите често се употребува т.н. „скриншот“ (интернационализам: фотографија од екран). Паметните телефони имаат опција за копирање на содржината на екранот и зачувување на истата во формат на електронска фотографија. Постојат безброј апликации и интернет-страници кои на корисниците им дозволуваат генерирање на лажни пораки, кои се идентични на „скриншот“ од комуникација на мобилен уред. Примарно овие сервиси се употребуваат или се наменети за употреба во хумористични цели, како, на пример, блог кој објавува СМС-пораки од кучето до неговиот стопан. Но, не секогаш станува збор за така невина примена. Автентичноста на наводна порака објавена во дел од медиумите за регрутирање политички активисти на студентски собир предизвика реакции во јавноста и низ дел од медиумите. Клучно е да се напомене дека новинарот нема начин да ја провери автентичноста на „скриншотови“ од пораки што се шират низ социјалните мрежи, примарно бидејќи броевите од испраќачот се заматени или отсечени од фотографијата. Објавата на ваквата информација во основа подразбира пуштање во промет на непроверени тврдења од анонимен испраќач, кој можеби лажно се претставува. Сепак, во инстанци кога мора да се објави информација од електронска порака, мора да се имаат неколку работи предвид:
- Да се утврди дека пораката е напишана и испратена преку сервис за размена на пораки од друг мобилен уред, а не е генерирана на сервис за лажни пораки;
- Новинарот да го знае или да го провери идентитетот на испраќачот и да утврди дека тој или таа не се претстаува лажно;
- На читателот да му се понудат информации дека станува збор за автентична порака а не излажирана порака, најчесто со фотографирање на мобилниот уред а не само на содржината на екранот. Сепак, ни ова не е гаранција за автентичност, бидејќи на екранот на уредот може да има отворено лажен „скриншот“ наместо вистинска порака;
- Доколку испраќачот на пораката инсистира на анонимност, на читателот да му се посочи дека лицето кое ја дава информацијата ѝ е познато на редакцијата;
- Да се лоцира изворот за на читателот да му се докаже дека се презентира релевантен извор на информации. На пример: „вработен во јавното претпријатие кој ѝ е познат на редакцијата информира за политички притисоци врз него и негови колеги“.
Непроверувањето на неофицијалните електронски информации, поточно едноставното преземање на фотографии од пораки низ социјаните мрежи, не само што го доведува угледот на редакцијата во прашање, туку може да има негативен ефект во поглед на ширење омраза или нетрпение или создавање тензии и лична дискредитација. Како и да е, анонимните електронски пораки се неофицијален извор на информации и во идеални услови потребно е да се избегнува нивното користење како единствен извор на информации.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).