Од околу, па на ќоше за да се каже дека опозициjата не чини
Објавено во Рецензии
on 1 - 10 - 2015 Автор: Александар Пешев
[Рецезнија: Соросовите медиуми манипулираат со „отворено“ писмо кое никој не го видел]
На прв поглед имаме текст насочен кон означување медиуми во стилот на партиско соопштение од владеачката партија. Подетален преглед на текстот го потврдува ваквиот впечаток создаден од коментаторскиот наслов. Единствено нешто што може да помине како новинарска компонента се таканаречените „бекграунд“ или технички информации, но и тие се користат за остварување пристрасен спин.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Соросовите медиуми манипулираат со „отворено“ писмо кое никој не го видел
Датум и време на објавување: 27.09.2015
Датум на рецензирање: 29.09.2015
Рецензент: Александар Пешев
Единствениот новинарски елемент во оваа објава се првите неколку редови. Со право авторот поставува сосема солидно прашање: ако станува збор за отворено писмо, тогаш зошто истото не е јавно достапно. Но, ако веќе толку се придржуваме кон професионалните стандарди на исцрпно известување, вреди и да се праша медиумот дали воопшто го контактирале специјалниот јавен обвинител за потврда околу писмото пред да се констатира дека нема потврда? Како и да е, овој технички детаљ е најмалиот проблем во текстот, кој продолжува со коментаторски елементи карактеристични за партиско соопштение, а не новинарска објава.
„Фактот што опозициските медиуми финансирани од Сорос веста ја превземаа, а се познати по шпекулантскиот однос и отвореното манипулирање како и бруталните и приземни лаги кои ги изнесуваат во сè поголем број, укажува на тоа дека станува збор за уште една лага која има за цел извртување на вистината и креирање на лажна слика.“
Оттука се поставува прашањето кој го има утврдено ваквиот факт? Владејачката партија која милува да го употребува „соросоидното“ означување? Или самиот автор кој во објавата јасно покажува политичка пристрасност? Евидентната пристрасност го шири текстот кон други теми, со што се потврдува дека намерата на анонимниот автор не е да информира за писмото кое е ветено во насловот, туку да ги оцрни именуваните медиуми. Така, од писмото на бранителите одиме кон бројот на вработени во администрацијата, па кон однесувањето на министерот Тодоров на преговорите за договореното од Пржино. Ваквото губење фокус е наменето за остварување на конечниот спин во објавата:
„СДСМ очигледно не знае да го привлече на друг начин вниманието на јавноста, па со ваквите нарачки врши дефокусирање на вистинските проблеми во нивната партија.“
Последниот пасус е конечна потврда за политичката пристрасност на текстот, насочена кон дискредитирање на избрани медиуми, а спинот кој го дефокусира текстот од првичниот проблем има крајна цел – да оцрни политички опоненти.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
не може да се утврди
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
нема прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови