Обврски на медиумите според новите измени во Изборниот законик
Објавено во Новинарски лекции
on 15 - 11 - 2015 Автор: Александар Георгиев
Во пакетот измени на Изборниот законик, кои политичките лидери ги договорија со Договорот од Пржино, добар дел од нив се однесуваат и на медиумите.
Пишува: Александар Георгиев, адвокат
Како прв новитет во однос на регулирањето на медиумското претставување на политичките партии, покрај радиодифузерите, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, е воведувањето контрола врз електронските медиуми (интернет-порталите).
Според измените, строго се забранува каков било начин на финансирање или донирање на политичките партии од медиумите и од лица поврзани со нив. Исто така, од денот на распишување на изборите сè до нивното завршување, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите), не смеат да емитуваат, односно да објавуваат реклами финансирани од буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на Градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања.
ПРОМЕНИ ВО МИНУТАЖАТА ЗА РЕКЛАМИРАЊЕ
За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите што ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 18 минути (до сега беа 12 минути) дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за политичките партии на власт можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во опозиција кои се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија, кои немаат пратеничка група можат да одвојат една минута, а за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат исто една минута.
При распределба на дополнителното време за рекламирање во еден реален час емитувана програма за платено политичко рекламирање, а кога постои интерес за спојување на блоковите на една политичка партија во два последователни реални часа, медиумот е должен да обезбеди гаранција дека спојувањето блокови во два последователни часа двапати по ред нема биде од иста политичка партија и ќе обезбеди гаранција за наизменична застапеност на политичките партии од власта и од опозицијата.
ЦЕНОВНИЦИ ЗА ПЛАТЕНО ПОЛИТИЧКО РЕКЛАМИРАЊЕ
Целосно е изменет членот што се однесува на ценовниците што медиумите се должни да ги достават и да ги објават по распишувањето на изборите за својот рекламен простор. Според измените, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) се должни во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање, кои во периодот од утврдување на ценовниците до почнување на изборната кампања се должни најмалку двапати јавно да ги објават на своите програми, односно во своите изданија.
Печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) се должни ценовниците да ги достават до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, а радиодифузерите да ги достават до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите.
Ценовниците не смеат да се менуваат во текот на изборната кампања. Во спротивно, предвидена е глоба од 8.000 евра.
Цената по секунда за платено политичко рекламирање не смее да ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните три месеци пред денот на распишување на изборите.
ЗАБРАНА ЗА БЕСПЛАТНО ПОЛИТИЧКО ПРЕТСТАВУВАЊЕ
Радиодифузерите не смеат да емитуваат бесплатно политичко претставување во своите програми од денот на распишување на изборите до нивното завршување.
ОБВРСКИ НА ЈАВНИОТ РАДИОДИФУЗЕН СЕРВИС ЗА ВРЕМЕ НА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС
Јавниот радиодифузен сервис е должен, без надоместок, во соработка со Државната изборна комисија, да ги информира граѓаните за начинот и за техниката на гласање и да емитува други информации поврзани со изборниот процес.
За време на изборната кампања, јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, при што 30 проценти од времето да емитува за дневните настани од земјата и од светот, 30 проценти од времето за активностите на политичките партии на власт, 30 проценти од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10 проценти од времето за активностите на политичките партии што не се претставени во Собранието на РМ.
Од денот на распишување на изборите до изборниот молк, јавниот радиодифузен сервис е должен да организира дебатни емисии, односно соочувања на најголемите политички партии од власта и од опозицијата, како и на другите учесници во изборниот процес.
Од денот на распишување на изборите до нивно завршување, во известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на Градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања во програмите на радиодифузерите, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект.
НАДЗОР ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е должна да го следи изборното медиумско претставување и програмскиот сервис на радиодифузерите и на електронските медиуми (интернет-порталите) во Република Македонија од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на гласањето на денот на одржувањето на изборите. Од денот на распишување на изборите, Агенцијата е должна да доставува седмични извештаи до Државната изборна комисија, а за време на изборната кампања – дневни извештаи и нив да ги објавува на својата веб-страница.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е должна во рок од 48 часа (досега беше три дена) по утврдување на прекршувања на одредбите од Изборниот законик, против радиодифузерот или електронскиот медиум (интернет-портал) што ги повредил одредбите, да покрене прекршочна постапка пред надлежен суд.
Предвидени се високи глоби за медиумите кои нема да го почитуваат Изборниот законик. Глоба од 8.000 евра е предвидена за радиодифузерот или интернет-порталот кој нема да обезбеди покривање на изборите на правичен, избалансиран и на непристрасен начин, ако емитуваат, односно објавуваат огласи и реклами спротивно законикот, доколку го изменат ценовникот, итн.
Останува да видиме дали овие решенија ќе се спроведуваат докрај и колку од медиумите ќе се придржуваат до нив за време на изборната кампања.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).