НВО Инфоцентар: МРТ ги маргинализира и етикетира студентските протести, го прикрива скандалот со Субрата Рој
Објавено во Актуелности
on 24 - 01 - 2015 Автор: AdministratorНВО Инфоцентар, во рамките на својата програма за постојано надгледување на медиумите, подготви анализа за информирањето на Јавниот радиодифузен сервис за актуелните општествено-политички случувања во земјава.
Оваа анализа содржи две студии на случај – пропаѓањето на инвестицијата на Субрата Рој во Македонија и масовните студентски протести. Првата студија на случај претставува компаративна анализа за начинот на кој известуваше јавниот сервис во јули 2013 година, кога беше најавено влегувањето на „Сахара груп“, и во ноември 2014 година, кога беше објавено активирањето на банкарската гаранција. Втората студија на случај претставува анализа на информирањето на Македонската радиотелевизија за трите студентски протести против владините реформи во високото образование, кои се случија во декември минатата година.
Надгледувањето и анализата на прилозите за студентските протести и за пропаднатата инвестиција на „Сахара груп“, објавени во централните вести на Првиот телевизиски канал, покажуваaт дека МРТ не ја почитува својата законска обврска да биде независен и непристрасен јавен радиодифузен сервис на граѓаните во Република Македонија.
Наместо да биде во служба на граѓаните, МРТ се однесува како своевиден портпарол на Владата, кој безрезервно и некритички ги промовира и ги застапува нејзините ставови и политики. Овој медиум не се грижи за јавниот интерес и наместо професионално и непристрасно да информира за настани од исклучително општествено значење, како што се, на пример, студентските протести, се обидува комплетно да ги маргинализира и да ги етикетира во пропагандистичко-манипулативниот манир на комерцијалните провладини медиуми.
Уредувачката информативна политика на јавниот сервис има цел да го минимизира значењето на студентските протести, да го поддржи предлогот на Владата и, секако, да ги етикетира студентските протести како проопозициски и „соросоидни“. Протестите и барањата на студентите се ставени на маргините на домашните вести, односно ниту еднаш не беа најавени како настани на денот, а прилозите за нив беа објавени дури по 12. минута од телевизискиот дневник.
Иако во некои од објавените прилози навидум се вклучени сите засегнати страни, односно по некој студент и професор од „Студентски“ и од „Професорски пленум“, во нив никогаш не се вклучени, на пример, опозиционерите и граѓанските активисти. Исто така, начинот на презентирање, времетраењето и квантитетот на изнесените ставови е секогаш во полза на Владата. Новинарите најчесто прилозите ги завршуваат со констатациите и со ставовите на претставниците од власта, а има и прилози кои се целосно еднострани и се во насока на поддржување на политиките на Владата и етикетирање на спротивната страна.
Во информирањето на МРТ видлив е и обидот студентските протести да не се прикажат како масовни, па така новинарите или велат дека на протестите имало „две до три илјади демонстранти“ или, пак, дека се помалку посетени од претходните. Во прилозите, на пример, не е емитувана ниту една панорамска снимка од протестите и на ваков начин граѓаните не добија јасна претстава за тоа колкав е бројот на демонстрантите.
Додека доаѓањето на „Сахара груп“ во Македонија МРТ го најавуваше спектакуларно и го поддржуваше безрезервно, како една од најголемите и најзначајните инвестиции во земјава, јавниот сревис, нејзиното пропаѓање речиси го премолчи. И не само тоа, во кусиот сувопарен прилог кон крајот на вестите, поразителниот исход беше претставен дури и како „ќар“ за државата затоа што во буџетот ќе се слеат три милиони евра од активираната банкарска гаранција.
Со други зборови, граѓаните, преку информирањето на МРТ, не само што не добија квалитетна, непристрасна и веродостојна информација за тоа кој е Субрата Рој, зошто неговата инвестиција пропадна и која беше целта на Владата да договори инвестиција од сомнителен инвеститор, туку беа изманипулирани преку некритичките сензационалистички информации за наводните огромни суми кои ќе влезат во економијата на државата, како и со континуираното игнорирање на тврдењата и на предупредувањата на опозицијата и на експертите дека „Сахара груп“ е, всушност, една голема измама.
Имајќи го предвид сево ова, јасно е дека МРТ воопшто не ја остварува својата функција на јавен сервис на граѓаните и ни оддалеку не е поттикнувач и канализатор на јавната дебата за клучните општествено-политички прашања и процеси во државата.
Извор: НВО Инфоцентар. (21.01.2015). МРТ ги маргинализира и етикетира студентските протести.